Д-р Александра Мартиновска-Стојческа е редовен професор и раководител на на Институтот за агроекономика, Факултет за земјоделски науки и храна, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзините истражувачки интереси вклучуваат анализа на економските и техничките перформанси во земјоделскиот сектор, однесувањето на учесниците во земјоделско-прехранбениот синџир при донесување на одлуки, економски аспекти на климатските промени и анализа на земјоделската политика кај нас и во регионот. Во моментов е вклучена во процесот на изработка на Стратегијата за паметна специјализација, како координатор на процесот на претприемничко откривање за приоритетната област Паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност.
Кои фактори негативно влијаат врз досегашната севкупна работа на прехранбената индустријата?
Повеќе фактори влијаат врз домашната прехранбена индустрија: проблеми при набавка на суровините (зависност од увоз или, пак, нестандардизиран квалитет и нефункционално договорно производство со домашните добавувачи), достапноста на работна сила, пристапот до поволни извори на финансирање, опременоста и нивото на искористување на капацитетите, недостигот на примена на нови технологии и иновации во производството, недостигот на вложувања во развојот на нови производи или производи со повисока додадена вредност, слабата маркетиншка поддршка. Секако, важен фактор е и растечката конкуренција, како на домашниот така и на регионалните и меѓународните пазари. Моментната глобална криза предизвикана од војната во Украина уште повеќе ги потенцира постојните предизвици со кои се соочува индустријата, особено со драстичното зголемување на цените на енергентите, а и цените на суровините. Кај суровините се бележат рекордни зголемувања на основните инпути во примарното производство, како на пример вештачките ѓубрива.
Конкурентска предност може да се оствари или преку стратегија за конкурентност во цените или преку стратегија за квалитет.
Како да се зголеми конкурентноста на готовите прехранбени производи?
Општо земено, производителите треба да се разликуваат од нивните конкуренти по тоа што ќе постигнат подобра структура на трошоците, ефикасни системи за производство, повисок квалитет, конзистентност на производите, континуирано и побрзо усвојување на нови производи, флексибилност во следењето на трендовите и способност за брза промена на технологијата. Конкурентска предност може да се оствари или преку стратегија за конкурентност во цените (прифатлив квалитет со ниски трошоци, каде што економиите на обем, големите количини и стабилната испорака се предуслов), или преку стратегија за квалитет (висок квалитет со прифатливи трошоци, што претпоставува високи стандарди или уникатност на производите).
Според Вас, каква е перцепцијата на македонските потрошувачи за домашни производи? Што уште може да се направи за таа да се подобри?
Впечатокот е дека понудата и асортиманот на домашни производи се зголемуваат низ годините, исто како и довербата на потрошувачите. Клучот е во соодносот цена-квалитет, примената на стандарди за квалитет и безбедност на храната, иновации во производите и маркетинг-каналите, но и потенцирање на придобивките од купување домашни производи, што е всушност и растечки тренд и во светот – поттикнување на купување локална храна.
Една насока за зголемена конкурентност на регионалните и меѓународните пазари е репозиционирање кон брендирани, премиум или типични традиционални производи. Добар пример се традиционални преработки од зеленчук и овошје.
Каква е моментната поставеност на македонските земјоделски производи во регионот и во Европа? Што направивме и што треба да направиме за да се подобри сликата?
Една насока за зголемена конкурентност на регионалните и меѓународните пазари е репозиционирање на секторот кон брендирани производи, премиум производи или типични традиционални производи. Добар пример за успешност е преработувачката индустрија на традиционални преработки од зеленчук и овошје, со континуирано растечки извоз и во обем и во вредност. Сепак, иако овие производи се со позитивна репутација на регионалните и меѓународните пазари, најголемиот дел се продаваат со релативно ниска извозна вредност и околу половина од производите се извезуваат под приватни трговски марки. Како резултат на тоа, во моментов индустријата ја гради својата извозна стратегија првенствено преку конкурентни цени наместо да обезбедува производи со повисока додадена вредност. Секако дека треба да се исползуваат и можностите за зголемена ефикасност во производството преку автоматизацијата и различните ИТ-решенија и практики. Тука треба да се искористат можностите што ги нуди претстојната Стратегија за паметна специјализација, каде што едни од приоритетните домени се паметното земјоделство и храна со повисока додадена вредност. Оваа стратегија предвидува поинтензивни вложувања во истражувања и развој, поинтензивна соработка меѓу индустријата и научноистражувачката заедница, воведување иновативни производи и процеси, со цел зголемена конкурентност и поуспешна реализација.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.