Локално

Даница Личанин-Блажевска: Малопродажен концепт што постојано се надградува

23 Feb 2022

Создавањето на приказната за „Рептил“ почнува во 1996 година. На почетокот тоа беше фамилијарен бизнис, на чија челна позиција застана Даница Личанин-Блажевска. Како дипломиран земјоделски инженер, иако на почеток без доволна експертиза за водење бизнис, Личанин-Блажевска денес успева успешно да раководи со 25 маркети „Рептил“, еден специјализиран „Рептил Special“ и е-продавница.  

Разговараше: Алма Растодерalma@instore.mk

Кои беа главните проблеми со кои се соочивте кога почнувавте со работа? Kолку се сменeти условите за работа на трговскиот сектор во Македонија? Направете споредба со работењето сега и на почетоците.

Секој бизнис во своите почетоци е мотивиран да постигне многу повеќе борејќи се со конкуренцијата, а голем удел има мотивацијата за достапните можности што ги нуди пазарот и работната сила. Водени од премисата дека за секој успех се потребни многу работа, посветеност и истражување, бизнисите секогаш се склони да целат кон достигнување потенцијален пораст.

Тргнувајќи од потребата за основна егзистенција и можноста дадена на тогашните вработени на „Центро“, со голема мотивација го почнавме бизнисот, со отворањето на првиот маркет на ул. Рузвелтова во Скопје. Главниот проблем беше недоволната експертиза за изготвување бизнис-план и стратегија, проследен со финансиска конструкција и детална организација на целокупниот оперативен систем на работа. Работевме и учевме од доставувачите, од конкуренцијата и од голем број книги купени од Хрватска поврзани со тематиката. Веќе од 2002 година почнаа да се одржуваат обуки кај нас и во околните земји, како и да се отвораат повеќе можности на ова поле.

Во моментов условите за работа во трговскиот сектор се многу сменети и се многу потешки за работа. Едноставно има премногу конкуренција и многу продажни објекти.

Преземањето на продавниците на „Макпрогрес“ е нашиот прв чекор за проширување на „Рептил“ надвор од Скопје. Вкупната инвестиција за овој проект изнесува половина милион евра.

Каква е моменталната соработка на „Рептил“ со производителите и дистрибутерите? Што мора да има еден бренд за да биде на полиците на „Рептил“?

Соработката со производителите и дистрибутерите, сиве овие години, се стремиме да ја одржуваме на највисоко ниво. Како што ние сме важни за нив како купувачи, така и тие се важни за нас, за да испорачаме асортиман, квалитет и свежина во нашите маркети. Клучно за еден бренд да се најде на нашите полици е тој да е побаруван и прифатлив за нашите лојални купувачи, а секако неизоставен фактор е и маргината.

Ние ги следиме трендовите на навиките на купувачите, нивните промени и потреби, стандардите за квалитетот на производот во однос на цената. Иако години наназад дисконтерите се лидери на пазарот, во нашите маркети понудата е широка и имаме производ достапен по цена и квалитет за секој купувач.

Колку сте задоволни од работењето на marketonline.mk? Дали планирате да го проширите онлајн-работењето и во другите градови?

Поради брзиот начин на живот и експанзијата во купување преку интернет, пред шест години ја лансиравме нашата онлајн-продавница www.marketonline.mk. Нарачките ги доставуваме низ цела Македонија. Ние сме единствени што испорачуваме нарачки до дома, каде и да сте во Македонија. Имаме најголем сопствен асортиман достапен онлајн, со најниски цени. Пазарењето од дома има многу бенефити, а купувачите дефинитивно заштедуваат многу време и енергија. Со задоволство можам да кажам дека онлајн-продавницата ги надмина сите наши очекувања. Поради тоа, ќе продолжиме да ги следиме најновите светски трендови и ќе се трудиме желбите на потрошувачите да бидат максимално задоволени. Услугите што ги нудиме, секако, се трудиме постојано да бидат надградени и уште повеќе подобрени.

Кон крајот на годината ги презедовте продажните објекти „Макпрогрес“. За колкава инвестиција станува збор? Дали објектите се веќе брендирани под банерот „Рептил“?

Преземањето на продавниците на „Макпрогрес“ е нашиот прв чекор за проширување на „Рептил“ надвор од Скопје. Маркетите „Макпрогрес“ беа дел од пазарот повеќе од 27 години и како резултат на нашата долгогодишна соработка со менаџментот, се одлучивме за ваков чекор и проширување во Источна Македонија. Маркетите „Макпрогрес“ како традиционални маркети, кои го негуваат духот на маалски маркети и нудат удобност и топлина во пазарењето, веднаш побудија интерес поради пристапот и начинот на работа сличен со „Рептил“.

Во декември ги ребрендиравме маркетите, првата фаза од реновирањето е завршена, а проширен е и асортиманот. Со преземањето на продавниците на „Макпрогрес“ ги задржавме и вработените, кои се едни од најважните адути во процесот на функционирање. Нашите вработени се нашата најголема мотивација. Се надеваме дека ќе успееме да ги задржиме и мотивираме и тие ќе бидат дел од Рептил-семејството.

Вкупната инвестиција за овој проект изнесува половина милион евра.

Во моментов условите за работа во трговскиот сектор се многу сменети и се многу потешки бидејќи има премногу конкуренција и многу продажни објекти.

Какви се плановите за иднина во поглед на развојот на нови објекти во Скопје и во Виница? Планирате ли да се проширувате во другите градови?

Нашиот план за развој е постојано активен, но никогаш не е избрзан. Иднината ќе ги покаже понатамошните планови и следните најважни чекори, и што ќе биде потребно да ги преземеме. Желбата и позитивната мисла остануваат секогаш присутни во нашето работење.

Најавен е влез на два дисконтни синџири на нашиот пазар. Дали мислите дека ова ќе ја наруши позицијата на „Рептил“ на пазарот?

Ние сме локални маркети и со досегашните анализи и постојната конкуренција, нашиот ризик е многу помал за разлика од другите. Појавата на нова конкуренција од дисконтниот сегмент во овој момент за нас не претставува опасност од нарушување на нашата долгогодишна позиција на пазарот и изградена лојалност од голем број купувачи.

Борбата за пониски цени во овој сектор е вечна. Колку Вашите пресметки за цените на производите влијаат врз односот со производителите/дистрибутерите? Дали некогаш сте се соочиле со проблеми со партнерите поради ова?

Овој проблем е секогаш решлив и не претставува проблем. Со добри преговарачки вештини и добра комуникација, и заемно разбирање на индустријата и сегментот, не постои проблем и загрозување на односите. На крајот од денот на сите ни е потребен профитот за да го покриеме работењето, потребните инвестиции и сѐ друго.

Пред шест години ја лансиравме нашата онлајн-продавница и единствени сме што испорачуваме нарачки до дома, низ цела Македонија.

Имате повеќе програми за лојалност што им ги нудите на потрошувачите. Колку тие се примамливи за потрошувачите, какви се досегашните резултати? Може ли да се пофалите со лојални купувачи?

„Рептил“ континуирано работи во насока на градење што поголема мрежа на лојални и задоволни потрошувачи на кои им нудиме придобивки од различен вид. „Клуб Рептил“ постои од јуни 2010 година и повеќе од 11 години успешно функционира. Клубот е семејство од над 20.000 потрошувачи, кои секојдневно заштедуваат при нивното пазарење. Членовите во секое време може да искористат до 10% попуст на над 500 производи. Попустот го добиваат веднаш намален од вкупниот износ за наплата и го гледаат на фискалната сметка. Соработуваме со нашите доставувачи и ја наградуваме лојалноста на купувачите, а таква е соработката со myWorld.com. Тие имаат една заедничка цел, а тоа е да изградат лојална мрежа на потрошувачи кои ќе можат секојдневно да ги користат бенефитите од ова партнерство. Имено, преку myWorld.com Partner програмaта континуирано се зголемува базата на потрошувачи, а воедно ги задржуваат и постојните преку понуда на специфични поволности додека купуваат.

Благодарение на услугата и ангажманот на целиот персонал во „Рептил“, задоволувањето на потребите на потрошувачите е секогаш на највисоко ниво.

Вработените се клучни во формирањето на сликата за еден трговски синџир. Како ги мотивирате вработените да останат да работат кај вас? Тешко ли е да се најдат професионалци за одредена позиција?

Персоналот на „Рептил“ претставува најголемиот адут на бизнисот. Нашите вработени не се само амбасадори на бизнисот, туку истовремено се и градители на брендот. Нашата компанија се состои од oколу 300 вработени. Тука се вбројуваат вредни  и тимски играчи чија главна цел е пазарењето да биде со срце и со задоволство. Токму услугата е нашиот приоритет број еден, па затоа нашите вработени треба да ги сакаат луѓето, да бидат комуникативни и услужувањето треба да им претставува задоволство. За нашите вработени, тоа значи одлична работна атмосфера, редовни примања, можност за напредување и многубројни други бенефиции.

Како техника за мотивација на вработените, „Рептил“ организира континуирани обуки на кои се поттикнува учење нови вештини. Методите на обука се применуваат од првиот ден на доаѓање на вработениот на работното место, со определување ментор, т.е. лице кое несебично го споделува своето знаење и успешни техники. Тие методи настануваат исто како кога родителите им кажуваат на децата –„да ви покажам како да го направите тоа“. Друг начин со чија помош ги мотивираме нашите вработени е проектот за доделување награди за најдобри вработени, што се организира трипати во годината. Покрај тоа, нашите вработени поседуваат и картички за лојалност, односно за секое нивно пазарување добиваат ваучер, што е дополнителна мотивација.

Во светските трговски синџири дигитализацијата е тренд, но какви се можностите и колку е исплатлива дигитализацијата во Македонија? Планирате ли инвестиции во оваа насока?

Да се опстои на конкурентниот и динамичен пазар, неопходно е континуирано имплементирање на новитети приспособени на потребите на потрошувачите, особено во моменталната дигитална ера. Дигиталните иновации во процесите, производите и услугите се задолжителни со цел услугите да се приспособат на новите генерации потрошувачи. Во таа насока маркетите „Рептил“ веќе шест години се достапни во онлајн-просторот, воведувајќи ја својата интернет-продавница и правејќи го пазарењето уште полесно и подостапно. Всушност, да не беше дигитализацијата, поточно онлајн-купувањето, многу потешко ќе ја пребродевме кризата изминатите две години. На овој начин се намали метежот во продавниците, а истовремено потребите на сите потрошувачи беа задоволени - и тоа од удобноста на нивниот дом.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...