Не може како граѓанин да барате чиста животна средина и да правите споредби со Германија и Швајцарија, а како претприемач и бизнисмен да избегнувате да плаќате за управување со отпадот
Во Македонија се создаваат околу 118.000 тони амбалажен отпад годишно. Во системот на „Пакомак“ се пријавуваат 40-43 отсто од вкупната количина амбалажен отпад во земјава. Но, 35-40% од количините се пуштаат од компании што никаде не плаќаат за управување со амбалажниот отпад што го создаваат, вели Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“, во интервјуто за InStore. Со него разговаравме за навиките на граѓаните, за одржливото работење на компаниите, за тоа колку тешко и колку брзо се менуваат навиките...
Разговараше: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk
Концептот на одржливо работење, иако можеби бавно и срамежливо, го преземаат и македонски компании. Каде, во тој концепт, е позиционирано управувањето со отпадот? Од тој аспект, кои се најзначајните чекори на одржливо претприемништво што домашните компании можат да го применат во своето работење?
Нема одржливо и општествено одговорно работење без одговорно управување со отпадот. Дел од домашните компании веќе го сфаќаат тоа. Тие преку „Пакомак“ финансираат собирање на нивниот амбалажен отпад што се создава со консумирање на нивните производи, но го селектираат отпадот и во кругот на нивните производни погони и во административните простории. Секако, „Пакомак“ и тоа го организира и собира за сите свои клиенти. За жал, сè уште има компании кои не ги почитуваат законите, воопшто не плаќаат за управување со нивниот отпад или, пак, не ги пријавуваат реалните количини отпад што ги создаваат, со цел да плаќаат помалку.
Но, купувачите кои се сè повеќе еколошки совесни и свесни, ќе преферираат да купуваат производи и брендови од компании што се општествено одговорни и се грижат за животната средина. Нема одржливо претприемништво во кој било сектор без одржливо управување со отпадот, водата, почвата и воздухот! Секој што мисли дека неговиот бизнис не треба да финансира активности кои се во функција на грижата за животната средина, нема визија каде ќе се движат навиките на купувачите во иднина. Не може како граѓанин да барате чиста животна средина и да правите споредби со Германија и Швајцарија, а како претприемач и бизнисмен да избегнувате да плаќате за управување со отпадот. Управувањето со отпадот не е бесплатно. Напротив!
Од Вашето искуство, можете ли да наведете примери на позитивни бизнис-практики во односот кон амбалажниот отпад, од фирмите од FMCG-секторот кај нас?
Ние имаме многу лојални компании-членки кои се од почетокот на работењето на „Пакомак“, во 2011 г., во нашиот систем. Освен кај 11. компании-основачи на „Пакомак“, уште кај најмалку 70-ина други компании од FMCG сме поставиле опрема за селекција на отпадот што се создава кај нив и во канцелариите. Со тоа помалку отпад завршува на депонија, а имаат и финансиски бенефит. Некои компании за пијалаци ја намалија тежината на пластичните шишиња и капачиња со цел да создаваат помалку отпад од пластика, дел исфрлија делови од амбалажата на своите производи како непотребни со цел помалку да загадуваат. Винарниците и пиварниците почнаа да употребуваат стаклени шишиња кои се произведени со нови технологии и тежат до 30% помалку од претходните. Сите големи синџири маркети се наши членови и се грижат за отпадот од нивните продавници и магацини. КАМ, „Веро“, „Рамстор“, „Тинекс“... се наши долгогодишни партнери со кои планираме и во следниве години да ги развиваме навиките за селекција на отпад кај граѓаните. „Битолска млекара“, „Макпрогрес“- Виница, „Бадел“, „Атлантик“, „Алкалоид“, „Нелт“, „Нестле“, „Орбико“, „Бучен Козјак“, „Здравје Радово“... се само дел од нашите клиенти со кои активно работиме како да го намалат отпадот што го создаваат, да го рециклираат тоа што неминовно мора да го создаваат, но и како да ги смениме навиките на граѓаните и тие повеќе да го селектираат отпадот. Правиме заеднички кампањи за подигнување на јавната свест, каде што нивните брендови ги истакнуваме како општествено одговорни пред купувачите.
Уште има компании што не ги почитуваат законите, воопшто не плаќаат за управување со нивниот отпад или, пак, не ги пријавуваат реалните количини отпад што ги создаваат со цел да плаќаат помалку.
Која индустрија произведува најмногу отпад, а која најуспешно се справува со него?
Основачите на „Пакомак“ доаѓаат токму од индустриите што создаваат најмногу амбалажен отпад. Тоа се индустриите за производство на храна и пијалаци. „Витаминка“, „Кристал“, „Тиквеш“, „Стоби“, „Прилепска пиварница„, „Скопска пивара“, „Кодинг“ (Горска), „Магрони“ (Добра Вода и Ладна), „Пелистерка“, „Кожувчанка“ и „Вивакс“ се компаниите кои покажаа висока општествена одговорност со основањето на „Пакомак“ во ноември 2010, во време кога останатите компании и индустрии не ни знаеја што содржи Законот за управување со отпад од пакување и што треба да се прави. Само основачите на „Пакомак“ пуштаат 30-35% од вкупните количини што се пријавуваат како пуштен отпад на пазарот од над 800 членки во нашиот систем. Најмногу стаклена амбалажа пуштаат индустриите за вино, алкохолни пијалаци и пиво. Пластична амбалажа најмногу на пазарот пуштаат индустриите за сокови, вода, пиво и млечната индустрија.
Со какви резултати ја завршивте 2020 година? Како влијаеше пандемијата врз Вашата работа?
Со оглед на тоа дека наши најголеми клиенти се компаниите што ги споменав, а во 2020 имавме 2 месеца затворена ХОРЕКА, која речиси цела година работи со рестрикции (немаше матурски, свадби, прослави..), за нас 2020 беше тешка година. Сепак, успеавме да собереме над 60% од вкупната количина на отпад од пакување што нашите клиенти го пуштија на пазарот. Имавме пад од 15% во однос на 2019 на количините отпад што нашите клиенти ги пуштаат на пазарот. Тоа е веројатно и реалниот пад на продажба што го имаа индустријата за пијалаци и храна заедно во 2020 година.
Што значи тоа, ако зборуваме со јазикот на бројките? Колку отпад годишно се собира преку системот на „Пакомак“, колку од тоа е амбалажен отпад, колку се рециклира?
Во системот на „Пакомак“ минативе години просечно се пријавуваат (лиценцираат) околу 45.000 тони амбалажен отпад годишно кој го генерираат нашите членки. Во 2019 собравме и однесовме на рециклирање над 28.000 тони амбалажен отпад, што е над 4 пати повеќе од 2011 година кога почнавме, и собравме и рециклиравме само нешто над 6.000 тони амбалажен отпад.
Во Македонија се создаваат околу 118.000 тони амбалажен отпад годишно (2019), а за 2020 се проценува дека се пуштија околу 100.000 тони, поради падот од пандемијата. Во нашиот систем се пријавуваат 40-43% од вкупната количина амбалажен отпад во земјава. Но, 35-40% од количините се пуштаат од компании што никаде не плаќаат за управување со амбалажниот отпад што го создаваат. Со нив мора да се позанимаваат државните инспекциски органи.
Освен со повратните вендинг-апарати, сакаме оваа година да отвориме канал на собирање отпад од тетрапак-амбалажа од ХОРЕКА-каналот.
„Пакомак“ веќе има 10 години искуство зад себе, работите со многу компании... Кога ќе се погледне наназад во таа деценија, што прво гледате? Колку се сменија еколошките навики на граѓаните, компаниите, државата?
Менувањето на навиките на луѓето, а во случајов на целото општество, е голем предизвик и мачна работа во која промените се постепени и бавни. „Пакомак“ од 2014 г., на две години прави истражувања на јавната свест за селекција на отпадот и еколошките навики. Трендот е охрабрувачки и нè мотивира да продолжиме и бидеме истрајни и упорни во тоа што го работиме. Секое ново истражување покажува раст на процентот на граѓани што секогаш го селектираат отпадот или, пак, сакаат да го селектираат ако имаат можност. Тој вкупен процент во февруари 2020 беше 47%, дека ретко селектираат отпад изјавиле 22% , а никогаш не селектираат 31% од граѓаните. Немањето навика е наведено како главна причина зошто не селектираат. И тука е предизвикот за нас, да продолжиме да ги менуваме навиките!
Еколошката свест расте поради сè поголемата свесност и за штетноста од загадувањето на воздухот, почвата, водата..., а сите тие се на некој начин поврзани и со отпадот. Прашање е на време од неколку години кога очекуваме критичната маса на луѓе што го селектираат отпадот да биде поголема од оние што не го прават тоа. Од тој момент работите ќе се движат многу побрзо бидејќи оние „недефинирани“ граѓани ќе се приклонат кон мнозинството.
Воведовте повратни вендинг-машини за пластични шишиња и лименки. Предизвикаа ли интерес кај граѓаните?
Освен селекција во контејнерите на „Пакомак“ кои се на улица, од ноември минатата година на граѓаните во Куманово, Крива Паланка и во Липково им дадовме можност да ги селектираат пластичните шишиња и лименки во нашите повратни вендинг-апарати. Засега се само три демо-апарати што се набавени со средства од швајцарската амбасада, но до крајот на годината ќе поставиме и во Скопје уште најмалку толку. Има интерес и тоа нè радува! Апаратите сè уште ги развиваме и податоците од овие 3 демо-апарати се драгоцени. Совесните граѓани што ќе селектираат отпад во нашите апарати ќе ги наградиме со поени, кои ќе може да ги конвертираат во ваучер и да плаќаат за разни услуги и производи во малопродажните објекти во нивните општини. Граѓаните ќе добиваат реална, пазарна вредност за отпадниот материјал. Планираме ова да ни биде уште еден растечки канал на собирање пластика и лименки и до 2025 да имаме сериозна раширеност во сите општини.
Планирате ли да воведете други трендови во рециклирањето?
Освен со повратните вендинг-апарати, сакаме оваа година да отвориме канал на собирање отпад од тетрапак-амбалажа од ХОРЕКА-каналот. Во него се трошат производи како млеко, сокови, хопли, кечапи и слични производи, а отпадната амбалажа наместо на депонија, би завршила како алтернативно гориво. Овој амбалажен отпад е висококалоричен и веќе имаме договор за ваква соработка со цементарница „Усје“, која има и постројки и дозвола за согорување на оваа амбалажа во своите печки. Ова не е рециклирање, ова е енергетско искористување и секако е подобро од депонирање. За овој тип амбалажа, ова е поекономично решение од рециклирањето.
Колку сте задоволни од законските решенија што постојат во државава за управувањето со отпадот. Или и тука имаме ситуација - добро напишано на хартија, но не се спроведува во практика?
Законските решенија што се во сила се донесени во 2010 година и се базираат на претпоставки и искуства од ЕУ. Во процедура се нови закони кои се надеваме дека ќе се донесат во текот на оваа година. Со нив се допрецизира начинот на управување со отпадот, обврските и одговорностите на компании како „Пакомак“, но и на компаниите што се членки на системи како нашиот. Веќе нема да биде сеедно дали сте член на систем кој работи согласно законите, како што е „Пакомак“ или, пак, на систем кој само наплаќа нереално ниски надоместоци за отпад од пакување кон компаниите, свесно не правејќи ништо на терен.
Но, и досегашните законски решенија даваа солидна рамка, но, за жал, 10 години таа не се почитуваше и не се спроведуваше од страна на институциите. Десет години се толерираше работа на шпекулативни колективни постапувачи кои собираа пари од компаниите и се затвораа по 2-3 години без да направат нешто на терен... и тоа, за жал, сè уште го има. Со новите законски решенија ова ќе биде дорегулирано и веруваме дека ќе биде подобро за „Пакомак“ и за сите што ги почитуваат законите и обврските што ги презеле согласно законите.
Кои цели си ги поставивте да ги исполните до крајот на 2021 година?
И оваа 2021 година е полна со непознати како и минатата година... Но, се трудиме брзо да се адаптираме и секогаш да сме им на услуга на новите потреби на нашите клиенти. Секако, приоритет е да ги исполниме националните цели за рециклирање за 2021 година. Во процедура е нов закон со кој се регулира нашето работење и тој ќе расчисти многу досега недообјаснети ситуации. Меѓутоа, во тој закон има цели за рециклирање кои се базираа од 2019, во време на нормално работење. Оваа година е далеку од нормална и се залагаме за приспособување на дел од целите за рециклирање за 2021 г. кои во оваа ситуација станаа нереално високи. Веруваме дека ќе наидеме на разбирање кај оние што ги предлагаат и ги носат законите.
Ние ќе продолжиме да поставуваме инфраструктура за селекција на отпадот од пакување и секако, се надеваме дека со нашата повратна вендинг-машина за пластични шишиња и лименки ќе им дадеме нов поглед на граѓаните кон овие типови отпад. Ќе биде ова тешка година, но ние секогаш професионално и храбро сме се справувале со предизвиците! Ќе биде така и во 2021!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.