Истражувачката агенција „Инсајдер ИД“ направи анализа на последиците и предизиците што ги носи кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19. InStore во пет продолженија ја објавува целата анализа, која се осврнува на појаснување на кризата, дефинирање на трендовите од кризата, ефектот врз бизнисот и проактивното поставување, професионални менаџерски тимови за управување од повеќе компании и кластери и конзорциуми како начин на подобрување на работењето.
ДЕФИНИРАЊЕ НА ТРЕНДОВИТЕ ОД КРИЗАТА
За да се дефинираат излезните решенија и стратегии за компаниите, кои ќе овозможат надминување на кризата, потребно е да се анализираат трендовите што кризата ќе ги предизвика, кои би биле нивните ефекти и што тоа би значело за компаниите. Нивното дефинирање, ќе им овозможи на компаниите да имаат увид кон што би требало да се насочат за надминување и да ги преземат потребните активности за имплементација на соодветните решенија.
„Свежиот капитал“ или „хеликоптер пари“ (голема сума нови пари кои се печатат и пуштаат во оптек, за стимулирање на економијата за време на рецесија или кога каматните стапки се приближни на нула), за кој компаниите моментално имаат барања, до одреден степен можеби ќе „помогне“ во надминување на кризата, но со сигурност нема да ги реши главните проблеми на макро и микроекономски план. Најголем дел од правните субјекти (бизниси, организации) во моментов (април 2020) како проблем го посочуваат недостигот на капитал. Тоа реално е сериозен проблем, но од круцијална важност е да се дефинира од кои причини компаниите воопшто запаѓаат во сериозна финансиска криза само по еден до два месеци, што според професионалните начини на водење бизнис би требало да има ефект врз нормалното работење, но не и да предизвика банкрот или затворање на бизнисот. Од друга страна, државата се обидува да излезе во пресрет со финансии, не преку „хеликоптер пари“, бидејќи таков капитал пласиран во економија како македонската би предизвикал инфлација и девалвација на валутата, туку преку овозможување на бескаматни кредити, финансиски бенефиции за компаниите погодени од кризата, помош на луѓето што се отпуштени. Мора да се потенцира дека колку временски подолго трае кризата, толку е поголема веројатноста за зголемување на невработеноста и затворање на бизнисите, што е негативно за целата економија. Сепак, потребна е анализа колку од бизнисите што ќе престанат да функционираат, ќе престанат објективно како последица од кризата, или пак од субјективни причини, кои ќе бидат длабински анализирани во продолжение на извештајот.
Економските ефекти од кризата ќе бидат уште поголеми по завршување на здравствената криза и ќе бидат различно почувствувани од различни стопански сегменти. Всушност, економската криза ќе почне со завршување на здравствената. Откако активностите ќе почнат да се враќаат во нормала, поголемиот дел од компаниите ќе се насочат кон решавање на интерните проблеми и стабилизација на сопственото работење, што е и очекувано, но тоа директно ќе влијае врз (не)круцијалните соработници, кои ќе бидат во втор план сè до целосна стабилизација.
Сите посочени предизвици, можат да резултираат со позитивен резултат, доколку се управуваат соодветно и се решат проблемите што ги предизвикале. Трендовите и проблемите ќе бидат предизвикани од кризата и нема да завршат додека таа трае. Иницијално може да се почнат за време на кризата, но со сигурност ќе продолжат и по неа. Дел од нив се појавиле и пред кризата, но со неа се „подгрева“ нивниот интензитет. Ниту компанијата, ниту државата нема да има можност за втора шанса за нивно решение доколку повторно се остават „под черга“. При нова криза би дошло до целосен економски колапс.
Кризата ќе го промени целокупното општество и начинот на функционирање, не само во економијата, туку и во социјалните интеракции и потрошувачките навики. Сепак, анализата е насочена само кон економските импликации што кризата ќе ги предизвика во Македонија и во земјите во регионот, бидејќи поголем дел од дефинираните проблеми се појавуваат во повеќето балкански држави.
ТРЕНДОВИ
Во неколку анализи од „Инсајдер ИТ“ сериозно се потенцира недостигот од соодветни професионални бизнис-модели и управување на компаниите. Во криза како моменталнава, токму тоа ќе придонесе за многу побрзо затворање на бизнисите од вообичаено. Навидум, посочениот проблем се рефлектира само интерно во компанијата, но доколку бројот на компании што се водат на ваков начин значително го надминува бројот на професионалните, тоа е базата на сите проблеми со кои се соочува македонската економија.
Врз финансиското и пазарно работење на компаниите директно влијае несоодветното управување, кое не се базира на професионален бизнис-модел, туку најчесто на потребите на сопствениците и менаџерите. Во време на криза, први на удар се финансиите, кои најчесто се распоредуваат на несоодветен начин и често се користат за финансирање на бизнисот, но и на приватни цели, што директно предизвикува компанијата да нема финансиски залихи. Логично, компанијата веднаш се соочува со проблемот на ликвидноста, што директно влијае и врз другите компании, соработници и партнери.
Освен во приватниот сектор, кризата уште повеќе ќе ги посочи и системските недостатоци во јавните институции. Доколку продолжи падот во наплатата на даноците, што е и очекувано во следните неколку месеци кога е намалена целата економска активност и особено увозот на производи од странство, државата директно може и ќе мора да влијае врз начинот на плаќање на администрацијата и преструктуирање и анализа на сите трошоци што се плаќаат од државниот буџет.
Но, откривањето на недостатоците нема да биде само во економијата, туку и во здравството и образованието.
„Спасувањето на државата“ по економската криза е можно само преку соодветна финансиска политика и очекувано зголемување на даноците, во комбинација со оптимизација на буџетските расходи. Доколку бизнисот, дополнително биде „оптоварен“ со повисоки даноци, ќе бара отстапки од државата, особено во сегментите во кои јавно мислење е дека постојат трошоци што имаат можност да се оптимизираат (бројна јавна администрација и некапитални инвестиции).
Бизнисот треба да очекува дека моментално „поклонетите“ пари од државата со сигурност ќе мора да ги наплати.
Работата од дома и намалувањето на ефективниот број вработени што стандардно се присутни на работното место за време на кризата, е многу покомплексен проблем отколку што иницијално се смета. Трендот ќе биде особено забележлив кај компаниите со повеќе од 50 вработени, кај кои е забележливо бирократско управување и менаџментот до определен степен ја „губи“ контролата на организациската структура. Со тоа се доаѓа до несоодветно креирање на работни позиции и ефективност во работењето.
Дел од компаниите што работат со помал капацитет, а истовремено испорачуваат ист резултат во ист број на работни часови, ја забележуваат неефективноста и неефиканоста во користењето пред сè, на работното време, како и неефикасните работни позиции и бројот на вработени што ги надминуваат реалните потреби на бизнисот. Во дадената ситуација, компаниите почнуваат да ги калкулираат „заштедите“ што би ги оствариле доколку продолжат со ист начин на работење, преку зголемување на финансиските бенефиции за дел од вработените и целосна реорганизација и оптимизација на работните места.
Иницијално, овој тренд делува негативно, но всушност е многу позитивен и за компаниите, и за вработените. Во пократок временски интервал и со помали ресурси ќе се испорачува поголем резултат, а „слободните“ луѓе ќе бидат во можност да се вработат во компании во кои пред кризата постоеше сериозен недостиг од работна сила, со што на некој начин би се постигнал одреден баланс за вработување во економијата. Со тоа, до одреден степен ќе биде редуциран еден од најголемите проблеми во Македонија и во светски рамки, а тоа е недостигот од работна сила.
Бизнис-моделот на поголем дел од домашните претпријатија е повеќето работни активности се извршуваат интерно во компанијата (од производство, до маркетинг), наместо да се користат надворешни соработници. Иако постојат позитивни страни од интерната „контрола“ на процесите, компаниите (со исклучок на големите корпорации) немаат можност да бидат професионализирани во секој аспект од работењето.
Може да се очекува зголемување на користењето на надворешни соработници, наместо креирање на интерни сектори за активности што не е круцијални за бизнисот, бидејќи на таков начин трошоците од фиксни преминуваат во варијабилни. За време на криза можат поедноставно да управуваат и директно ги намалат како трошок, наместо да се отпуштаат вработени (најчестата мерка за време на криза), во кои се вложени многу повеќе средства.
Иселувањето на квалификуваниот работен кадар е сериозен проблем, со кој особено се соочуваат балканските држави. Бидејќи кризата е глобална, а не локална, поголемиот дел од светските економии ќе се соочат со истите проблеми со кои се соочуваат Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, БиХ и Албанија, а тоа е зголемување на невработеноста, рецесија, пад на економската активност и големо реорганизирање на компаниите. Со тоа, можноста за иселување за работа надвор од матичната држава значајно се намалува, што пак посочува дека квалификуваниот кадар генерално ќе нема друга опција освен да се вработи локално. Доколку македонските компании и државата изработат соодветна стратегија, сега ја имаат најголемата можност да го задржат солидниот високоедуциран кадар. Според проценките на развиените држави, нивните економии ќе бидат во можност целосно да се стабилизираат за две години, доколку кризата е со кратко времетраење. Со тоа и државата има можност во рок од две години да изработи стратегија за задржување на кадарот, пред тој повторно да добие простор за иселување.
Секторите: малопродажба на храна и пијалаци, производство на прехранбени производи, ИТ-индустрија, дистрибуција, фармација, како и компаниите што тргуваат или произведуваат енергенси, кризата ја надминуваат значително подобро во споредба со услужните сектори (со исклучок на ИТ-секторот) и малопродажбата (со исклучок на храна и пијалаци), бидејќи се од круцијално значење за опстанокот на државата. Услужниот сектор, особено угостителството и туризмот, кој носи висока додадена вредност за државата се покажа дека е на „инстант“ удар од кризата.
Насочувањето кон домашното производството, особено кон прехраната и фармацијата (како што е и во Македонија), како и кон услужните дејности (ИТ-индустријата, транспортери/дистрибутери) и финансискиот сектор, се покажа како клучно за одржување на економијата во живот.
Ефектот ќе биде доволно голем да направи макро-економско нарушување и влијание врз поголем број стопански субјекти. Во истражувањата на „Инсајдер ИД“ од 2017 и од 2019 година, е заклучено дека во Македонија моменталниот пазар за електронска трговија е финансиски мал, односно не овозможува рентабилност што ја очекуваат поголемите компании за да настапат дигитално. Алтернатива, според која е реално влегувањето на поголемите, е појава на тренд (надворешен) што ќе придонесе за зголемување на пазарот и ќе стане доволно атрактивен и финансиски моќен за да одржи рентабилна една поголема е-продавница.
Кризата, рестриктивните мерки за движење и воведувањето на „полициски час“ придонесоа за потрошувачите да немаат друга алтернатива (или ограничен број алтернативи), освен да прават нарачки преку е-продавница за секаков тип потрошувачка стока. Со тоа и електронскиот пазар станува атрактивен и за поголемите трговски синџири, но и за компаниите што продажбата најчесто ја правеле по традиционален пат.
Компаниите кои пред кризата воопшто не планирале воведување на електронска продажба, за време на кризата со забрзано темпо работат за нејзино имплементирање или веќе ја имаат имплементирано. Сето тоа, неминовно под притисок на побарувачката, ќе ја зголеми понудата преку дигиталните канали, која според истражувањата во 2019 година (Извештај од анализата на е-трговијата: 2019 – „Инсајдер ИД“, „Таргет груп“ и Асоцијација за е-трговија на Македонија) е една од главните пречка за развојот на е-трговијата.
По завршување на кризата, дел од потрошувачите ќе се навратат на старите навики на купување, но дел ќе продолжат со користење на електронските продавници, бидејќи понудата и изборот ќе бидат значително подобрени. Компаниите што имаат електронски продавници со завршување на кризата нема да ги затворат и ќе продолжат да функционираат. Еден податок ќе биде од особена важност по завршување на кризата, а тоа е максималниот број индивидуи што имаат остварено купување во „пикот“ на кризата. Тој број, всушност, е целиот потенцијален пазар на е-трговијата во моментот, без разлика дали потрошувачите ќе продолжат со купување преку интернет или не.
Под користење на е-трговија, се подразбира и плаќање сметки преку интернет (режиски трошоци), проверка на банкарската сметка, односно каков било трансфер на пари со платежна картичка преку интернет. Всушност, најголемото „задржување“ на однесувањето по завршувањето на здравствената криза за плаќање преку интернет, ќе бидат токму режиските трошоци.
Базично, секојдневната комуникација меѓу вработените и компаниите целосно ќе се промени. Физичките состаноци ќе се редуцираат и ќе се одржуваат само доколку тоа е единствениот начин. Комуникацијата ќе се деперсонализира и сè повеќе ќе се користат електронски пораки и видео-конференции, кои ќе бидат пократки и ќе ја обработуваат само темата на состанокот, без непотребно губење време. Зголемувањето на електронската трговија ќе влијае и врз дигитализација на процесите во компаниите, воведување нови софтверски решенија или унапредување на постојните. Намалениот број вработени ќе влијае врз дигитализацијата и автоматизацијата на дел од активностите што се извршувани од нив. Во следниот период, постои веројатност да се зголеми финансискиот фонд што компаниите го инвестираат во софтверски решенија и автоматизација на процесите, бидејќи и кризата покажа дека е критично одложувањето на реализацијата на проекти од тие сегменти.
Иако со сигурност не може да се предвиди сигурноста на појавата за овој тренд, постојат неколку причини поради кои е зголемена веројатноста. Со рестрикцијата на движењето и воведувањето полициски час, потрошувачите различно го оптимизираат буџетот и ги кратат трошоците за луксузни добра и услуги, како што се посетите на угостителски објекти и купување облека. Дополнително, намалувањето на приходите (платите) ги принудува потрошувачите дополнително да го оптимизираат буџетот само за купување средства што се од егзистенционално значење (храна и режиски трошоци за домот). Со тоа, потрошувачите најпрвин го воочуваат процентот од средствата што го трошат на неесенцијалните добра и услуги, и постои веројатност дека ќе имаат желба да го задржат однесувањето и во периодот по завршување на здравствената криза. Тоа е пред сè, поради стравот дека болеста ќе се врати повторно до крајот на 2020 година, но и поради желбата за заштеда на средства со избегнување на трошоци што не се од есенцијално значење. Како последица од тоа однесување, дел од погодените сектори, особено угостителството и туризмот, ќе бидат притиснати да ги ревидираат и намалат цените на услугите за да ги мотивираат потрошувачите повторно да почнат да ги користат. Голема е веројатноста овој тренд да биде забележан и од модната индустрија, како и од индустриите за автомобили и за други луксузни добра.
Први на „удар“ од кризата се малите бизниси, кои најчесто не располагаат со професионален менаџмент и финансии, или располагаат, но управуваат несоодветно. Сопствениците неограничено располагаат со целиот капитал на компанијата и имаат несоодветно менаџерско образование. Очекувано е дека поголем дел од сопствениците на компании ќе го намалат бројот на вработени, ќе ги скратат сите трошоци за кои постои можност, но тие мерки нема да дадат долгорочен резултат. Потребна е промена „од темел“ во работењето на малиот бизнис, бидејќи и без друга криза од ваков тип, нерешавањето на посочените проблеми може да предизвика сериозни последици за компаниите и за целата економија.
Постои потенцијал за појава и на други економски трендови како последица на тековната криза. Сепак, и претходно наведените значајно ќе го променат начинот на водење на бизнисите, а со тоа и на државата во целост. Дали домашните економии ќе успеат да ги искористат позитивните ефекти најмногу зависи од сопствениците на компаниите и од државата како модератор и поддржувач на промените.
Сериозното финансирање од државата, ќе ја обврзе и да ги „поттурне“ компаниите во промена на начинот работење, доколку самите не ги почнат процесите. Тоа ќе биде единствениот начин за потрошените финансии да се вратат во државната каса. Компаниите ќе мора да пронајдат нов начин за зголемување на профитот и на приходот, во услови кога ќе мораат да го оптимизираат приближно секој аспект од бизнисот и ресурсите што им се на располагање.
(продолжува...)
„Инсајдер ИД“ е специјализирана агенција за истражување и стратегиски консалтинг. Е-пошта: info@insider.mk, тел.: +389 71 210 471
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.