Анализи

Подгответе се за промените: Топ-5 тренда во FMCG индустријата во 2020 година

27 Dec 2019

Приказните на брендовите, растителните алтернативи, одржливоста, практичната храна и авантуризмот на потрошувачот ќе бидат петте водечки трендови следната година

Извор: www.fmcgbusiness.co.nz/

Според агенцијата „Инова маркет инсајтс“, првите пет тренда што ќе бидат водечки во 2020 година се:

1.Сторителинг – победа со зборови

Зголемениот интерес на потрошувачите за приказните што стојат зад прехранбените производи и пијалаците, како и нивното забележително влијание врз одлуките за набавка, придонесува компаниите да го прифатат раскажувањето приказни како бренд-стратегија.

Иако потеклото на состојките отсекогаш било важно, сè повеќе се зголемува интересот на потрошувачите за откривањето на приказната што се крие зад нивната храна, која влијае врз одлуките за купување. Вниманието на потрошувачите се подгрева од многубројните можности да научат нешто повеќе за тоа како се произведуваат производите, што ќе придонесе за правилно разбирање на придобивките од конкретниот производ и ќе помогне во изградбата на доверба кон брендот.

Како резултат на тоа, производителите се фокусираат на потеклото на состојките, преку кое ги истакнуваат вкусот и квалитетот на производите, нивната единственост и напорите што ги вложуваат во одржливоста. Приказните за потеклото може да пренесат низа пораки до потрошувачот, вклучувајќи ги аромата, вкусот, методите на обработка, културната и традиционалната заднина, географското потекло...

2.„Растителна“ револуција

Иновативните производи и пијалаци на билна база, како алтернатива за месото, продолжуваат да напредуваат како резултат на интересот на потрошувачите за здравјето, одржливоста и етиката, што пак е поврзано со поширокиот тренд на почист начин на живот. Со оглед на тоа што употребата на терминот „растително потекло“ сè повеќе се движи кон мејнстрим-сегментот, прехранбената индустрија и стартапите го прифаќаат предизвикот да испорачаат повеќе чисти алтернативи за месните и млечните производи, со подобрени нутритивни својства.

3.Во доменот на одржливоста

Потрошувачите сè повеќе очекуваат од компаниите да инвестираат во одржливост. Истражувањето на „Инова маркет инсајтс“ покажува дека 85% од потрошувачите во САД и во Велика Британија очекувале компаниите да инвестираат во одржливост во 2019 година, што претставува зголемување од 64%, колку што очекувале во 2018 година. Во областа на отпадот од храна, апциклирањето е новиот начин на рециклирање, бидејќи компаниите се обидуваат да го следат пристапот на нулта отпад, преку создавање вредност од нуспроизводите. Истовремено, фокусот е и на што помалку материјал за пакување или на развивање одржливи алтернативи.

4.Вистинскиот залак

Стресот и анксиозноста се клучните грижи во современиот живот. Современиот потрошувач гради кариера, семејство и социјален живот, а истовремено се стреми да живее здраво, физички и психички. Начините на кои потрошувачите се справуваат со овој предизвик се најразлични, но, сепак, поголемиот дел од нив имаат цел да ги избалансираат придобивките и цената од динамичниот начин на живот. Тоа, пак, ја зголемува побарувачката за храна што е лесна за приготвување и во практични пакувања.

5.Навлегување во текстурата

Минатогодишниот „авантуристички“ тренд сè уште е водечки, при што побарувачката на потрошувачите за нешто ново и различно се рефлектира во сè почесто лансирање производи со посебен состав. Потрошувачите сè повеќе го препознаваат влијанието на структурата на храната и пијалаците, која овозможува зголемено сензорно искуство и честопати поголемо чувство на уживање. Според истражувањето на „Инова маркет инсајтс“, 45% од потрошувачите во САД и во Велика Британија се под влијание на текстурата при купување храна и пијалаци, додека 68% го делат мислењето дека составот придонесува за поинтересно искуство со храната и со пијалаците.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...