Анализи

Еуромонитор: Осум мегатрендови до 2030 година

27 Dec 2017

Извор: „Еуромонитор интернационал"

Во глобална средина, која бргу се менува, анализата на мегатрендовите е од клучно значење за компаниите што сакаат да имаат одржлив развој и да останат релевантни, бидејќи конкуренцијата се зголемува, а новите идеи може да нарушат цели индустрии.

За подобро да се илустрира важноста на осумте мегатрендови до 2030 година, нивното влијание и како тие може да ја подобрат деловната стратегија, прикажани се примери како тие ја трансформираат сликата за потрошувачот преку студии на случај, кои покажуваат како бизнисите се поврзуваат со потрошувачите.

1. Повлекување на средната класа

Додека средната класа доживува „бум" во Азија, на развиените пазари таа се бори да ја задржи економската положба што ја уживаше во изминатиот половина век. Тоа се рефлектира на порастот на продажбата во дисконтите. Од 2010 година и како последица на глобалната финансиска криза, дисконтите забележуваат пораст на продажбата на сметка на хипермаркетите. Освен тоа, од 2013 година хипермаркетите имаат пониски перформансите на пазарот и како резултат на тоа што потрошувачите се префрлуваат на почести пазарувања и бараат помали продавници на попогодни локации.

 

Студија на случај: Британскиот „Гејм стоп", трговец за видеоигри и за потрошувачка електроника, го усогласува бизнис-моделот со „славната скромност". Наместо да продава само нови игри и уреди, компанијата го турка моделот „купи-продај трговија" (Buy-Sell-Trade). Околу 25% од приходите на „Гејм стоп" се проценува дека доаѓаат од продажбата на користени електронски производи.

2. Искуство повеќе

Уште една промена во однесувањето на потрошувачите е зголемениот акцент на искуствата, за сметка на поседувањето. По светската финансиска криза, се појави остра дивергентност во трендовите, кога трошењето на трајни добра се намали, а трошењето на услуги продолжи да се зголемува. Гледајќи напред, се очекува дека трошењето на услугите ќе продолжи со побрзо темпо.

Мегатрендот „искуство повеќе" оди чекор подалеку – освен тоа што искуствата имаат приоритет пред сопственоста, потрошувачите бараат и нови искуства при купувањето производи. Овој тренд е присутен во повеќе сектори, а малопродажните трговци и угостителите се приспособуваат на него со создавање поинтимни искуства со потрошувачите, обезбедување беспрекорна купувачка средина (без оглед дали е преку интернет или во продавницата), како и со персонализирана понуда.

 

Студија на случај: Брендот сладоледи Magnum на „Унилевер" ги вклучува потрошувачите во производствениот процес. Во изминатите три години, Magnum управува со поп-ап продавницата „Мејк јор оун" (Make Your Own) во Лондон, каде што купувачите можат да си направат сладолед според сопствените желби, односно да стекнат ексклузивно искуство. Освен тоа, акцентот е ставен и на споделувањето на социјалните мрежи, при што купувачите го користат хаштагот #MagnumLDN.

3. Промена на границите на пазарот

Со оглед на тоа што делови од светот стануваат пренаселени или на друг начин го достигнале максималниот потенцијал, други придобиваат важност за нивниот неискористен потенцијал. За да се обезбеди иден пораст, бизнисите ќе мора да се приспособат на променливата демографска, економска и технолошка реалност, односно да ги донесат новите пазари од маргините во центарот на вниманието. На пример, денес пазарот е презаситен во поголемите градови во Кина, па затоа бизнисите го пренасочуваат интересот кон брзорастечките градови со средна големина.  Сепак, таа стратегија за развој на средните градови не е без предизвици. Главната пречка за инвестиции на странските компании ќе биде воспоставувањето канали за дистрибуција во области што претходно биле недоволно развиени.

 

Студија на случај: „Нестле" повторно го воведува KitKat преку компанијата „Хсу-Фу-Чи". Во 2011 година, „Нестле" ја купи кондиторската компанија, која има значителен удел на кинескиот пазар, првенствено поради нејзината развиена мрежа во помалите градови. Во декември 2015 година, прехранбениот гигант повторно го воведе брендот чоколада KitKat за да пристапи до повеќе потрошувачи и да истражи потенцијалот на средните градови.

4. Премиумизација

Иако за многумина премиумизацијата не е ништо ново, тоа што се промени е мотивацијата што стои зад одлуките за купување на потрошувачите. Во суштина, премиумизацијата е за приоритетите. Со поголем избор од производи од кога било досега, по најразлични цени, потрошувачите ќе потрошат повеќе за работите што им се важни, а ќе штедат – честопати значително – за тие што не им се толку важни.

На пример, ако потрошувачот троши повеќе на патувања на луксузни места, тој ќе ги компензира тие трошоци со економичност за нешто друго – како што е летање со нискотарифни авиопревозници. Потрошувачите сè повеќе се свртуваат навнатре, инвестирајќи во подобра, подобро организирана, поздрава, поодговорна и порелаксирана средина, во услови на несигурно глобално опкружување.

 

Студија на случај: „Фрешпет" ја детектирал подготвеноста на потрошувачите за „расипништво", кога станува збор за домашните миленици. Премиум брендовите на производителот на храна за домашни миленици минатата година сочинувале 61% од вредносната продажба на компанијата. „Фрешпет", која е основана во 2006 година, а во 2016 година имала удел од 8% во целокупниот сегмент на влажна храна за кучиња. Уникатната продажна стратегија на брендот Freshpet е ладната храна за кучиња, која се продава во ладилници.

5. Етички начин на живот

Во бизнисот, сè поголемо внимание се посветува на етиката и на моралните вредности. Тоа се пренесува на прашањата поврзани со загриженоста за животната средина, одржливоста, благосостојбата на животните, производството и работните практики, како и со желбите за позитивно влијание врз заедниците и врз луѓето. Трендот на етичко живеење е поттикнат од три фактори: свесност, расположливост и достапност.

Компаниите бараат автентични стратегии за животната средина и се движат подалеку од површинската екоманипулација, односно пронаоѓаат нови начини на инвентивно „зелено" дејствување.

 

Студија на случај: Американската компанија „Пинч оф колор" произведува „убавина со кауза". Компанијата, која е основана во 2016 година, е првата во САД што произведува безводни брендови за убавина, односно нејзините производи се направени без најскапоцениот ресурс на планетата – водата.

6. Повторно осмислување на купувањето

Начинот на кој се купуваат стоки и услуги постојано се менува, во чекор со промената на економската и на технолошката реалност за бизнисите и за потрошувачите. Промената на вредностите и поголемата достапност на интернетот, создаваат нова огромна конкуренција. Потрошувачите купуваат преку најразлични платформи, па трговците мора да бидат подготвени да се ангажираат во секое време и на секое место, особено кога купувачките навики се префрлуваат од стоки на услуги.

Идеалното купувачко искуство треба да обезбеди вредност пред, за време и по купувањето, односно трансакцијата да ја претвори во врска. Потрошувачите очекуваат трговците да се ангажираат околу нив на начин, кој е соодветен на нивните интереси и стил на живот. Продажбата преку социјалните медиуми (с-трговија), програмите за претплата преку интернет и поп-ап продавниците, се дел од начините со кои тоа се остварува.

 

Студија на случај: Јапонскиот синџир оптики „Меган супер" е еден од првите трговци што ја применува с-трговијата. Компанијата им овозможува на потрошувачите да купуваат преку чет, со користење на апликацијата за пораки Line. С-трговијата е иновативен модел за продажба, кој на компаниите им овозможува креативни трансакции со потрошувачите, на начини што одговараат со нивниот животен стил и со потребите.

7. Здрав живот

Здравите навики на живеење стануваат нормален начин на живот – загриженоста за дебелината, чувствителноста на храната и засегнатоста за превенција од болести, сè повеќе се зголемуваат. Потрошувачите применуваат холистички пристап кон здравјето, кој ја опфаќа духовната и менталната благосостојба, како и физичкото здравје. Тој континуиран фокус на здравјето и на благосостојбата подразбира поширока промена на животниот стил и развој на аргументирани ставови за здравствената заштита, исхраната, убавината, физичката активност и за целокупното самонапредување.

Здравјето и патувањето се тесно поврзани – туристичките и хотелските спа-центри најчесто се грижат за здравјето на патниците. Здравјето сè повеќе станува составен дел од сите патувања, бидејќи потрошувачите се обидуваат да „избегаат" од светот и повеќе време да поминуваат во природа, со семејството и со пријателите, односно да ја искористат можноста за „дигитална детоксикација".

 

Студија на случај: „Интерконтинентал хотелс груп" во 2014 година го отвори првиот хотел „Ивн" како одговор на стресот од патувања, а денес има шест хотели во САД. „Ивн" ги таргетира совесните патници и нуди опрема за вежбање во собите, голем фитнес-центар и опции за здрава исхрана.

8. Поврзани потрошувачи

Денешните потрошувачи користат компјутери, паметни телефони, таблет-уреди, уреди за навигација, е-читачи и голем број аудио и визуелни уреди, поврзани преку интернет. Поврзаноста станува сè поголем феномен, особено со пенетрацијата на уредите и поврзаната инфраструктура најпрвин на развиените пазари, а сега и на пазарите во развој. Искуството, кое е еден од најважните зборови за конектираниот потрошувач, најчесто се поврзува со купувањето, образованието, забавата, истражувањата, пристапот до услуги, како и со дружењето.

 

Студија на случај: „Нетфликс" го смени начинот на кој луѓето ги „консумираат" медиумите. Новите технологии на компанијата за забава ѝ го овозможија видеостримингот преку интернет, што влијаеше за појавата на културниот феномен наречен „бинџување" (binge-watching) – практиката на сукцесивно гледање повеќе епизоди, т.е. опсесивно гледање серии. Најверојатно, тој тренд ќе продолжи да се зголемува.

 

Примена на анализата на бизнисот

Анализата на мегатрендовите не е ограничена само на развој на нови производи. Напротив, таа има клучен придонес за иновирање во сите области на бизнисот и може да се искористи и за внатрешни и за надворешни иновации. Анализата може да се примени од редефинирање на долгорочната визија или мисија на компанијата, преку развивање нови бизнис-модели за подобро задоволување на потребите на потрошувачите на утрешнината, сè до иновација на нови производствени процеси.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...