Анализи

ГфК: Внимателни при купувањето

15 Sep 2015
Кога се работи за македонскиот купувач, купувањето преку интернет сè уште не е толку застапено, а помалите продавници сè почесто се места за набавка на храна и на пијалаци.
 

Автор: Боге Божиновски, директор за продажба, boge.bozinovski@gfk.com

Зголемената урбанизација и развојот на технологијата постојано го редефинираат пејзажот на малопродажбата во светски рамки. Во последно време, темпото на промени драматично се забрзува и сведоци сме на појава на нови малопродажни модели, кои имаат цел да ги задоволат промените во купувачките навики. Една од доминантните глобални теми поврзанa со купувачот е, секако, иднината на традиционалната „физичка" продавница со оглед на сè поголемиот број купувачи кои се одлучуваат купувањата да ги вршат преку интернет.

Малопродажни канали

Кога се работи за македонскиот купувач, особено во однос на купувањата производи за широка потрошувачка (храна и пијалaци), купувањето преку интернет сé уште не е толку застапено. Незначителен процент купувачи изјавиле дека овој вид производи ги купуваат преку интернет и во овој поглед нема тренд кој укажува на зголемена употреба на интернет-купувањата туку, напротив, процентот на купувачи што купуваат преку интернет дури е понизок во однос на минатата година.

Од друга страна, во однос на традиционалното купување во продавници, забележително е дека забавува трендот на избор на поголеми формати на продавници (супермаркети, хипермаркети) при купување, односно купувачите се враќаат на помалите продавници за своите набавки. Ова може да се заклучи преку споредба на податоците од минатогодишниотShopping Monitor со податоците од оваа година:

  • Оваа година, 16 отсто од купувачите изјавиле дека прават големи набавки на неделна основа наспроти 25 проценти минатата година;
  • Процентот на купувачи што одат со автомобил на пазарење (вообичаено станува збор за големи набавки во супермаркети/хипермаркети) оваа година изнесува 52 отсто споредено со 65 проценти;
  • Конечно, процентот на купувачи што купуваат приватни трговски марки (кои единствено можат да се најдат во големите формати на продавници) е опаднат на 50 проценти наспроти 53 отсто минатата година.

Македонскиот купувач

Во споредба со минатата година, македонските купувачи стануваат повнимателни при купувањето. Имено, повеќе од половината (53 отсто) изјавиле дека пред да одат на купување, прават список по кој се раководат при купувањето, што, во споредба со минатата година, е скок од 4 процентни поени (49 отсто минатата година изјавиле дека прават список).

Само 4 проценти од купувачите изјавуваат дека се помеѓу првите што купуваат нов производ кога ќе се појави на пазарот, односно сакаат да експериментираат со нови производи, додека речиси четвртина од купувачите се консултираат со своите партнери кога прават набавки на производи за широка потрошувачка.

Четвртина (24 отсто) од купувачите добиле флаер од некој трговец, што е зголемување за 5 процентни поени во однос на минатогодишното истражување.

Промоциите (22 отсто) и флаерите на продажното место (22 отсто) остануваат најчестиот извор од каде купувачите ги добиваат информациите за понудата на трговците.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...