Анализи

БРИМА: Потрошувачки навики и навики на пазарење

22 May 2015
Супермаркетите и минимаркетите се во најголем процент посетувани, додека супермаркетите најмногу се посетувани во Кичево, Струга, Гостивар, Скопје и Велес.
 

Автор: Калина Медаровска, раководител на проекти во БРИМА

БРИМА спроведува омнибус-истражување на секои 3 месеци (4 пати во годината) низ целата територија на Р. Македонија на 1.200 испитаници (на национален репрезентативен примерок) на граѓани на возраст од 15 или повеќе години. Станува збор за теренска анкета, лице в лице во домот на испитаникот со примена на CAPI-метод (Computer Assisted Personal Interview). Омнибус-истражувањето е карактеристично по тоа што е најисплатливо истражување, бидејќи е наменето за потребите на повеќе клиенти кои ги делат трошоците потребни за негово спроведување (cost-effective). Во омнибусот, секој клиент има можност да учествува со сопствени прашања, со ексклузивни права за нивно користење. Омнибусот е отворен за учество на секој заинтересиран.
 
Во рамките на омнибус-истражувањето, БРИМА повеќе години периодично ја следи редовната секција: потрошувачки навики, навиките на пазарење и пазарењето во супермаркети. Анализата на овие резултати се однесува на прашањата кои беа дел од мартовскиот бран на омнибус-истражувањето спроведено меѓу 4 и 11 март 2015 г., лице в лице во домот на испитаникот на N=1.209 испитаници. Маргината на грешка е +/- 2,81%.
 
Првото прашање се однесува на тоа кој пазари за секојдневните потреби во домаќинствата на испитаниците. Од анкетираните, 15% не пазарат за потребите на домаќинството, а 85% пазарат. Oд нив 62% изјавиле дека пазарат повеќе членови во домаќинството, а 23% дека пазари само еден член. Типичниот купувач од домаќинствата е вработен, на средна возраст од 25 до 54 години и со средно образование.
 
Следното прашање што им го поставивме на испитаниците е: Каде вообичаено пазариш ти или членовите на твоето домаќинство за секојдневните потреби на домаќинството?
Супермаркетите (64%) и минимаркетите (62%) се во најголем процент посетувани, со цел да се купат производи за секојдневните потреби на домаќинствата. Пазарењето во минимаркетите во најголем процент е во пелагонискиот регион (96%), а по него е југоисточниот регион каде што пазарат 78% од домаќинствата. Пазарењето во супермаркети за секојдневните потреби на домаќинството во највисок процент е во скопскиот регион (74%) и во југозападниот регион (71%), а најнизок во југоисточниот (45%) и североисточниот регион на Македонија (48%).
 
На прашањето во кои сè супермаркети пазарат домаќинствата, се забележува дека четири од пет домаќинства пазарат во некој супермаркет. Во просек се пазарува во 1,8 супермаркети. Испитаниците споменуваат дека пазарат во:

Во Кичево, Струга, Гостивар, Скопје и Велес, во најголем процент се пазари во супермаркети (над 86% од домаќинствата), а пак во Гевгелија и Дебар помалку од половината домаќинства пазарат во супермаркети. Просечните приходи во домаќинството влијаат врз пазарењето во супермаркети, па така домаќинствата со повисоки приходи во повисок процент пазарат во супермаркети, во однос на домаќинствата со пониски приходи. Слично, домаќинствата од урбаните средини (86%) во поголем процент пазарат во супермаркети отколку домаќинствата од руралните средини (75%).


 

Овие податоци се дел од поопсежната студија во која се истражува кои се конкурентните супермаркети, кој е „главен" супермаркет во домаќинството и се прави евалуација на повеќе аспекти за „главниот" супермаркет, како што се: услуга/ љубезност, разновидност на производи, ниво на цени, изглед/уредност, квалитет на производи, близина на продажно место, хигиена, имиџ, програми за лојалност и др.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...