Флексибилноста, агилноста, транспарентноста и технологијата го трасираат патот напред.
Извор: „Еуромонитор интернационал“
Во претходниот текст беа анализирани првите пет тренда, а во продолжение се прикажани другите пет, за кои се очекува да бидат двигатели на индустријата годинава.
На потрошувачите веќе им е доста од сѐ – тие ја загубија довербата поради сѐ почестите дезинформации. Откако доволно страдаа и се солидаризираа со другите, овие ентузијасти сега се побунија и на прво место ги ставија сопствените потреби и желби. Компаниите можат да ги задоволат немирните и бунтовните преку попрецизен маркетинг на социјалните медиуми и преку игри, при што ќе им дадат глас на потрошувачите и ќе ги притискаат социјалните гиганти да се справат со дезинформациите.
Уморни од институциите
Поттикнат од климата на растечко незадоволство и екстремизам, во последниве години се зголемува гневот кон владејачката класа. Теориите на заговор само додаваат масло на огнот и стануваат фактор за неприфаќање на мерките за јавно здравје. Според студијата на Центарот за јавна политика „Аненберг“ на Универзитетот во Пенсилванија, 62% од испитаниците носеле маска секој ден надвор од домот, а доколку се исклучат тие што веруваат во теории на заговор, нивниот број достигнува до високи 95%.
Луѓето се многу поскептични кон владите и политиките, изразувајќи го тоа со немир и со бунтовност. На улиците на Париз, Хонгконг, Сантијаго и во Портланд избива насилството бидејќи политичките партии повеќе не се во можност да го канализираат незадоволството. Социјалните немири низ земјите доведоа до грабежи на продавници, бојкоти и немири.
Грижа за себе
Мерките за сузбивање на пандемијата ги зголемија долговите на домаќинствата, владите и на компаниите. Сепак, по укинувањето на карантинот во Кина, купувачите се насобраа во продавниците за луксузни брендови. Францускиот моден луксузен бренд Hermès во Гуангџоу заработи 2,7 милиона долари за еден ден. Немирните и бунтовните се впуштија во „одмазднички шопинг“, откако претходно неколку месеци беа ограничени.
Потрошувачите бараат активности со висок ризик, како што се нелегални забави и коцкање преку интернет. Компаниите почнаа да ги забележуваат можностите и да нудат разновиден луксуз, од алкохолни пијалаци и спакувана храна, па сѐ до видеоигри. Во меѓувреме, социјалните медиуми продолжуваат да бидат бојно поле за информации и дезинформации. Компаниите и социјални медиуми мора да работат заедно за да обезбедат точни и релевантни информации, или во спротивно ризикуваат да ги изгубат довербата и кредибилитетот од потрошувачите.
Поглед кон иднината
Разочараните потрошувачи во 2020 година беа вклучени во општествените случувања повеќе од кога било досега, при што од голема помош им беа решенијата за виртуелна и аугментирана реалност. Сеопфатната недоверба во медиумите и содржините на интернет значи дека компаниите имаат можност и обврска да обезбедат прецизен маркетинг што ќе ги истера дезинформациите. Потрошувачите сакаат факти и очекуваат брендовите да дејствуваат.
Опседнатоста од безбедноста е новото велнес-движење. Стравот од инфекција и зголемената здравствена свест ја поттикнуваат побарувачката на производи за хигиена и ги поттикнуваат потрошувачите да користат бесконтактни решенија за да ја избегнат изложеноста. Компаниите треба да имплементираат засилени безбедносни мерки и иновации со кои ќе ги уверат потрошувачите дека се безбедни.
Помал контакт, поголема хигиена
Секој допир во јавноста може да стане извор на инфекција. Ковид-19 ја зголеми свеста на потрошувачите, со оглед на верувањето дека вирусот може да се шири и на индиректен начин. Ефикасноста и чистотата повеќе не се компромис, туку очекувања на потрошувачите опседнати со безбедност.
Почестото миење на рацете и носењето маски се нормализирани навики денес. Загриженоста за потеклото и испораката на производите и услугите ги издигнува стандардите за безбедност. Како резултат на стравот од користење нечиста готовина, бесконтактните плаќања стануваат сѐ поизразени. Покрај избегнувањето на потенцијалните извори на инфекција, потрошувачите бараат и антивирусни апарати и средства за хигиена.
Без допир, безготовинско и чисто
Ковид-19 беше катализатор што ги истакна проблемите барајќи навремени одговори од производителите за исполнување на построгите здравствени и безбедносни процедури. Индустриите за услуги и плаќање беа меѓу првите што одговорија. Трговците брзо се приспособија на потребата на потрошувачите да избегнуваат посети на преполни продавници и да комуницираат со луѓе, со понуда на онлајн-нарачки, па дури и испорака со роботи. Општеството веќе се движеше кон безготовински плаќања, а пандемијата ја забрза транзицијата.
Најголеми придобивки од трендот на опседнатост од безбедноста имаа хигиенските производи. Производителите лансираат производи со додадена вредност во согласност со растечката здравствена свест за да ги исполнат новите хигиенски стандарди. Ковид-19 поттикна иновации со приоритет на хигиената, како критична карактеристика на производот.
Поглед кон иднината
Безбедноста и здравјето ќе останат во преден план во однесувањето на потрошувачите. Компаниите треба да развијат силни иницијативи за хигиена како одговор на зголемената загриженост. Бизнисите што инкорпорираат исклучителни санитарни карактеристики во производите и во услугите, проследени со соодветна маркетинг-комуникација, ќе ги привлечат потрошувачите опседнати со безбедноста.
Глобалната пандемија го реконфигурира секојдневниот живот – ја тестира менталната флексибилност, ги ограничи искуствата и предизвика економски шокови. Потрошувачите имаат ново сфаќање за себе и за нивното место во светот, во потрагата по исполнетост, баланс и подобар живот. Бизнисите мора да обезбедат производи и услуги што ја одржуваат менталната благосостојба, кои ќе им помогнат на потресените и збунети потрошувачи да ја задржат вербата.
Со жилавост до цврстина
Менталното здравје е врвен приоритет за потрошувачот и примарен показател на доброто здравје на секој поединец. Додека претходно за потрошувачите беа важни „брзите“ производи и услуги, сега тие сакаат да се разгалат со луксуз и со технологија. Пандемијата донесе нови фактори за стрес, вклучително и ризици за здравјето, невработеност или економски тешкотии, изолација итн.
Потрошувачите сега знаат дека соочувањето со темелните проблеми е успешна стратегија за да постигнат спокој. Голем број од потрошувачите бараа стручни мислења или се приспособија на непосредната околина, за да најдат излез за идентификација и справување со основните ментални борби. Тие ги преиспитуваат приоритетите, ја реконфигурираат рамнотежата меѓу работата и животот, бараат нови хобија...
Во здраво тело, здрав дух (и буџет)
Компаниите што нудат дигитални производи и услуги можат најдобро да им помогнат на потресените и збунети потрошувачи за да пристапат до информации и виртуелни ангажмани за самоподобрување и рамнотежа во животот. Како резултат на пандемијата, се очекува да се зголеми продажбата на едукативни содржини и предмети поврзани со различни хобија. Сегментите уметности и занаети, музички инструменти, спортска опрема и онлајн-часови ќе бележат пораст бидејќи се очекува потрошувачите да бараат производи што ќе им помогнат да развијат специфични вештини. Освен тоа, потрошувачите посегнуваат и кон удобности за кои се носталгични, како што се грицки од детството, кои ги ослободуваат од стресот.
Поглед кон иднината
Најразличните случувања во стресната 2020 година ќе остават трајни лузни. Потрошувачите ќе продолжат да бараат холистички решенија за да го одржат менталното здравје. Егзистенцијалните закани, како што се невработеноста и пониските буџети, ќе ги поттикнат да бараат производи и услуги што ќе им ги олеснат идните кризи. Производите и искуствата што овозможуваат личен напредок, развој на вештини и рамнотежа во животот ќе добијат поголема моќ дури и кога пандемијата ќе стивне.
Потрошувачите се претпазливи и штедливи. Дискрециските трошоци се намалени поради неизвесното економско опкружување. Внимателните штедачи ги приоретизираат производите и услугите со додадена вредност и со здравствени придобивки. Компаниите треба да се свртат кон понудата на најдобра вредност за парите. Премиум атрибутите треба да се зајакнат со нова емпатична приказна и силно да се поврзат со здравјето и со менталната благосостојба.
Несигурноста ја поттикнува штедливоста
Макроекономското дампинг-сценарио, несигурноста на работните места и намалените приходи во домаќинствата ќе предизвикаат потрошувачите да ги преоценат сопствените вредности и да прифатат нови навики. Намалената доверба во комбинација со несоодветниот паричен стимул ќе ги наведе претпазливите штедачи внимателно да го трошат буџетот, зголемувајќи ги заштедите за непредвидливи денови.
Финансиската несигурност ќе ги одложи големите купувања, а дискрециските производи ќе бидат најголемата жртва на пандемијата. Најмало ќе биде влијанието врз неопходните производи.
Нова вредност за парите
Потрошувачите ја практикуваат економијата на споделување, а бизнисите ги реосмислуваат моделите на изнајмување, препродажба и преработка. „Купи сега, плати подоцна“ е победничка комбинација за финансиски претпазливите штедачи, со која компаниите можат на овие потрошувачи да им продадат нешто по полна цена и да им ја зголемат потрошувачката кошница. На потрошувачите со ограничени приходи им оди во прилог и состојбата со намалување на цените во малопродажбата, како и флексибилните модели на претплата. Брендовите реагираат на пандемијата со попусти на дискрециските производи за да ги привлечат штедливите купувачи, што може да придонесе и за намалување на маржите на краток рок.
Поглед кон иднината
Економското опкружување ќе продолжи да влијае врз потрошувачката. Со оглед на тоа што потрошувачите се префрлаат на генеричките брендови, проширувањето на понудите со приватни трговски марки ќе им користи на трговците. Истовремено, компаниите треба да ги идентификуваат и атрибутите за кои потрошувачите се подготвени да платат повеќе.
„Надвор од канцеларија“ доби ново значење во 2020 година. Работните места во новите простори имаа огромен ефект врз животот на потрошувачите – од изборот на облека и трошење на технологија, до навиките за јадење и пошироко. Потрошувачите бараат нови начини да ги дефинираат почетокот и крајот на нивните работни обврски, бидејќи се борат да управуваат со сопственото време. Бизнисите мора да ја поддржуваат рамнотежа меѓу работата и животот, продуктивноста и потребите за комуникација. Разбирањето на придобивките и на предизвиците од работењето на далечина им овозможува на компаниите да го донесат најдоброто од канцеларијата во домот.
Нов баланс меѓу приватното и професионалното
Работата од дома не е нов концепт за развиените земји, но во 2020 година мерките за физичка дистанца ја донесоа канцеларијата во домот за голем број потрошувачи речиси преку ноќ. Откако се укинаа дел од ограничувањата, дел од потрошувачите се вратија на работните места, а дел останаа дома. Од една страна, одредени потрошувачи го ценат дополнителното време што го добиваат без да мора да патуваат, но, од друга, ги пропуштаат личните интеракции. Тешките услови за работа, управувањето со рутините и наоѓањето мотивација за работа се покажаа како мошне предизвикувачки.
Новите рутини го трасираат патот на иновациите
Поедноставените рутини за дотерување, облекување и убавина ги принудуваат бизнисите да го преиспитаат позиционирањето на производите бидејќи потрошувачите сѐ повеќе се облекуваат во секојдневна, неформална облека и користат природна шминка. Освен тоа, бизнисите почнаа да нудат и мултифункционална и компактна опрема за пренамена на домашниот во канцелариски простор. Мултифункционалноста насочена кон семејствата или кон луѓето што споделуваат живеалишта ќе биде главната област за иновации. Бизнисите треба да се фокусираат на производи и услуги што ги подобруваат ефикасноста и продуктивноста, без да го изгубат човечкиот елемент.
Поглед кон иднината
Постигнувањето рамнотежа меѓу професионалните и личните приоритети ќе биде критично бидејќи деловната ефикасност и менталната благосостојба се потпираат на работните места на нови простори. Тоа води до промена и на животниот стил – потрошувачите ги поедноставуваат изборот на облека и рутините за убавина, а од друга страна, прифаќаат премиум храна и пијалаци, кои ќе им овозможат „ресторанското“ искуство да го пренесат дома.
Бизнисите што до неодамна првенствено можеа да се работат од канцеларија ќе треба да се приспособат на новонастанатата состојба. Напредните технологии можат да им помогнат и на компаниите и на потрошувачите да го одржат истото ниво на продуктивност од далечина.
ЗАКЛУЧОК
Флексибилноста, агилноста, транспарентноста и технологијата го трасираат патот напред. Во услови на зголемена несигурност, која го преобликува светот, бизнисите треба да им дадат приоритет на потрошувачите, животната средина и безбедноста.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.