По дефиниција, „зелената економија“ е инклузивна, го поттикнува развојот, ја поттикнува општествената еднаквост и се грижи за зачувување на животната средина. InStore со своите соговорници разговараше како таа функционира во Македонија - колку ја применуваат компаниите, но и колку државата ги поттикнува да бидат „зелени“.
Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој
Сè повеќе компании, барем од проектите што ги финансираме преку Фондот, вметнуваат еколошки стандарди во работењето, што на крајот има и позитивно влијание врз општеството и врз животната средина.
Прашањата поврзани со екологијата се важен сегмент во процесот на аплицирање на сите инструменти на ФИТР. Апликантите задолжително доставуваат и пополнет прашалник во кој го образложуваат влијанието при имплементација на проектот врз животната средина.
Во портфолиото на Фондот, кое има над 500 компании, досега се финансирани околу 50 проекти од областа на заштитата на животна средина и енергетска ефикасност со обем на инвестиции од над 7 милиони евра. Исто така, преку различни инструменти на ФИТР се поддржани и 7 проекти кои се директно од областа на кружна економија, со обем на инвестиции од над 1,3 милион евра. Фондот, исто така, две години по ред спроведува и таканаречен „02 предизвик“ кој е наменет директно за поддршка на еколошки проекти. Избраните компании нудат различни иновативни решенија за справување со глобалниот проблем со климатските промени и нивната цел е намалување на негативните последици врз јавното здравје, и веќе имаме видливи резултати.
Досега се финансирани околу 50 проекти од областа на заштитата на животна средина и енергетска ефикасност со обем на инвестиции од над 7 милиони евра.
„Зелените иновации“ навистина се присутни буквално во секој сектор од економијата, меѓу кои се енергетика, градежништво, прехранбена индустрија и екологија. Така, на пример, компанијата „Пакомак“ работи на развој на повратната вендинг-машина за пластични шишиња, преработен стаклен отпад од компанијата „Акрон“ се користи на северноамериканскиот пазар како репроматеријал за производство на композитни материјали кои се применуваат за ентериерни решенија, компанијата „Бионовел“ произведува калциум-додатоци во исхраната од лушпи од јајца. Ова се само дел од нашите успешни приказни.
Работиме и на креирање нови програми со меѓународни партнери, па така успешно е завршена првата фаза од процесот за обезбедување средства преку нов Фонд за зелена економија (Green Deal) што треба да стартува на крајот од 2021 со 20 милиони евра директен грант од ЕУ, што досега е најголем за една државна институција во С Македонија.
Доц. д-р Даниела Младеновска, UNIDO експерт за енергетска ефикасност и CASO
Во последниот период има напредок во областа на енергетската ефикасност, односно во имплементацијата на системи за управување со енергија (Energy Management Systems), бидејќи се зголемува свеста кај компаниите првенствено за заштедите што се остваруваат. Но, генерално, впечатокот е дека недоволно се вложува во зелената економија. Стратешки документи и акциски планови на државно ниво не недостигаат, но, за жал, нема реализација. На пример, и покрај тоа што имаме повеќе индустриски зони во земјата, сѐ уште немаме ниту една зелена индустриска зона.
Мора да се вложува во „озеленување“ на постојната индустрија и развој на нова зелена индустрија. Притоа, важно е зајакнувањето на капацитетите кај компаниите и граѓанските организации, но најважни се политичката волја и промената во однесувањето на носителите на одлуки и креаторите на политики. За жал, во актуелниот контекст, не само во Македонија, туку и во регионот, состојбата е далеку од оптимистична. Многу пати досега е слушнато оправдувањето дека за овие земји транзицијата кон нискојаглеродна економија премногу бара од аспект на инвестициски вложувања и дека е голем товар за и онака кревките економии. Но, за волја на вистината, поголем дел од „товарот“ лежи во погрешните политики, погрешното поставување приоритети, лошото управување и расипничкото трошење, отколку во реалниот недостиг на средства за инвестирање.
Придобивките од зелената економија се повеќекратни. Првенствено станува збор за рационално искористување на ресурсите (енергија, материјали, вода), генерирање минимум отпад, третирање на отпадот како ресурс и пристапот „Life Cycle“.
Придобивките од зелената економија се повеќекратни. Првенствено станува збор за рационално искористување на ресурсите (енергија, материјали, вода), генерирање минимум отпад, третирање на отпадот како ресурс и пристапот „Life Cycle“. Имплементацијата на системите за управување со енергија и примената на концептот за почисто производство се огромна можност за остварување двојна придобивка – заштеда на ресурси и заштита на животната средина. Отворањето на т.н. „зелени работни места“ е исто така огромна можност за економски пораст.
Во извештајот „UNEP Green Economy Report“ од 2011 година се вели: За да биде зелена, економијата треба да биде ефикасна, но треба да биде и фер. Тоа значи дека треба да бидат препознаени глобалните и локалните димензии на еднаквоста, особено во однос на транзицијата кон економија што е нискојаглеродна, ефикасна во однос на ресурсите и социјално инклузивна.
Антонио Јовановски, извршен директор на здружението Go Green
Сè додека примарна цел на компаниите е профит кој не ги зема предвид социјалните и еколошките цели, нема да се направи суштински придонес од приватниот сектор. Но, тука и на макрониво мора да има поместување во однос на индикаторот за мерење на економскиот пораст, односно сè додека се базира на бруто-домашен производ, нема да имаме суштински придонес од приватниот сектор.
На микрониво, компаниите можат да имаат значајна улога во еколошкото освестување во општеството, почнувајќи од нивните вработени, до нивните доставувачи и клиенти. Тие ќе внимаваат целиот синџир на набавка да не биде со најниска цена, туку и од какви материјали е направено, дали може да се рециклира откако ќе се искористи, и на крај, иако можеби таа опција е поскапа, менаџментот ќе направи одлука за еколошката набавка. Исто така, фирма која е вистински посветена на заштита на животната средина и еколошко освестување ќе ги поттикнува вработените да селектираат отпад, нема да користат пластика за еднократна употреба, ќе ја зголеми енергетската ефикасност, ќе инвестира во сончева енергија и ќе го поттикнува алтернативниот транспорт. Вакви компании се малку, но се „game changing“ и може да ја движат новата култура, новата „нормала“ во едно општество.
Државата може да ги регулира јавните набавки поставувајќи критериуми за зелени јавни набавки, така што цената нема да биде пресудна, туку и еколошкото (и социјално) влијание на производите и услугите.
Во земјава треба да се направи стратегија за зелена економија и да се приоретизираат оние сектори и индустрии што ги штитат животната средина, воздухот и климата. Треба да се направи стратегија како да расте БДП, а загадувањето да се намали.
Понатаму, државата може да ги регулира јавните набавки, односно да се постават критериуми за зелени јавни набавки. Тоа би значело дека нема само цената да е пресудна, туку и еколошкото (и социјално) влијание на производите и услугите кои се нудат преку јавните набавки. Тука се и еко-дизајнот на производите, системот на реупотреба и рециклирање на отпадот и сл. Зелената економија, која значи заштита на животната средина и зголемување на социјалната еднаквост, мора да е основата од која мора да почнува и да завршува развојот на државата.
„Бионовел“
Не само што е можно да се користат природни производи, туку тоа е иднината за човечкиот род. Дури и најголемите корпорации чиј главен бизнис е со комерцијални производи кои се далеку од природни производи полека навлегуваат во сегментот на природни производи. Овој тренд не произлегува само од потребата да се биде „модерен“, туку и од реалната потреба на луѓето да се грижат за своето здравје, кое е ставено на стаклени нозе (како последица на загадени воздух, вода, почва, храна полна со адитиви и пестициди, стресен и брз живот итн.). Од друга страна, не значи дека природните производи се поскапи од конвенционалните производи. Она што е одлучувачки фактор при набавка на некој производ е придобивката од него, а не само неговата цена. Користењето природни производи се смета како инвестиција во сопственото здравје и придонес кон животната средина.
Кога станува збор за конкуренцијата, може да се каже дека секоја компанија има различна визија и приказна зад сопствениот бренд. Во ова време на е-трговија, кога може да се набави производ од која било дестинација во светот, нема место да се размислува за зголемување на конкуренција. Конкуренцијата е тука, потекнува од домашни и странски компании, сите со одредена специфика и одреден таргет. Нашата работа е да го дефинираме нашиот бизнис-модел и да биде доволно флексибилен и приспособлив кон барањата на купувачите. Сè додека ги слушаме и ги почитуваме барањата на потрошувачите, конкуренцијата не е нашиот главен фокус.
Она што е одлучувачки фактор при набавка на некој производ е придобивката од него, а не само неговата цена. Користењето природни производи се смета како инвестиција во сопственото здравје и придонес кон животната средина.
Нашиот проект за преработка на лушпи од јајца во додатоци за исхрана за хумана употреба беше поддржан од ФИТР. Водени од нашата грижа за човековото здравје, дизајниравме и патентиравме иновативна технологија и специфична опрема за преработка на лушпи од јајца со цел да се произведе асортиман на додатоци во исхраната кои имаат природен состав. Производите се без дополнителни додатоци, потекнуваат од органско потекло, имаат огромна корист за човечкиот организам, а се развиени и произведени во контролирани услови, со што ќе бидат безбедни за употреба, а притоа ќе претрпат минимална преработка.
Мирко Николовски, креатор на Edistraw – биоразградливи сламки што се јадат
Првите интереси за „зелена економија“ и генерално за социјално претприемништво ми се појавија пред околу 2,5 години. Најголем дел од овие бизниси почнале со пари од различни награди, проекти, фондации, донации, спонзорства и сл., кои имаат цел да ги поттикнат луѓето сѐ повеќе да се занимаваат со ваков тип претприемништво. За жал, најголем дел од ваквите бизниси завршуваат набрзо по почетокот или, уште полошо, остануваат само како нереализирани идеи.
Главната причина за тоа е недоволно еколошки-освестено население. Тоа беше и најголемиот проблем со кој се соочивме. На сопствениците на кафулињата, кои се наши потенцијално најголеми клиенти, им е скапо да платат ~1,5 денар за сламка. Веројатно за ова во голема мера придонесе и кризата со коронавирусот, која најмногу го погоди токму овој сектор.
Друг проблем со кој се соочивме е огромната бирократија во државата. Конкретно за нашата дејност – производство на храна, условите што се поставуваат пред потенцијалниот производител се нереално ригорозни. Лично сметам дека овие услови треба да се помалку ригорозни и секако со помали казни за новите и мали фирми, а инспекторите да бидат пофлексибилни.
Еколошките бизниси сѐ уште се нешто ново во Македонија и најчесто народот гледа кон нив со доза на скептицизам.
Еколошките бизниси сѐ уште се нешто ново во Македонија и најчесто народот гледа кон нив со доза на скептицизам. Мислам дека периодов ќе се родат многу интересни идеи и се надевам дека барем еден мал дел од нив ќе опстанат. За жал, сметам дека во вакви услови може да опстанат само бизнисите што не се премногу „нови“, односно на еден или на друг начин инкорпорираат нешто на што веќе народот е навикнат. Многу поголеми шанси имаат бизнисите во кои сопствениците веќе имаат поголем капитал (таков пример е „Пакомак“), наспроти бизнисите што почнуваат со многу мал капитал, како што сме ние. Во моментов, Edistraw е финансиски тешко одржлив на нашиот пазар. Според некои првични информации и пресметки, односно според интересот во првите неколку месеци (до моментот кога почна корона-кризата), од ваков бизнис би можел да просперира само еден човек со приближно просечна плата.
Сметам (и се надевам) дека за 3 до 5 години ќе биде времето кога ваквите бизниси ќе направат бум, народот во голема доза ќе се освести за заштитата на животната средина, а тука најмногу ќе профитираат еколошките бизниси.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.