Европската банка за обнова и развој, ЕБОР, ја избра французинката Одил Рено Басо за нова директорка, на генералното собрание кое се одржа онлајн поради пандемијата.
Рено Басо (55), досегашнатa генерална директорка на Трезорот на Франција, е првата жена на местото шеф на ЕБОР. Таа во 2016 година, исто така беше првата жена која беше поставена на челната позиција на Трезорот, едното од главните одделенија во француското министерство за економија и финансии.
Рено Басо ќе ја преземе должноста подоцна годинава, од британецот Сума Шакрабарти, кој во јули поднесе оставка, а во ЕБОР беше директор од 2012 година.
Вршителот на должност претседател, Јирген Ригтерник, и честиташе на новата шефица оценувајќи дека таа на банката ќе и донесе „огромно меѓународно искуство“.
Знам дека сме во многу добри раце во моменти кога започнуваме ново поглавје во триесетгодишната успешна историја на банката, рече тој.
Новата директорка изјави дека е почествувана и дека сака да почне да работи со акционерите, управата и вработените, за спроведување на амбициозните планови во наредните месеци, кои се одобрени на собранието. Рено Басо дипломирала администрација и политички науки на „Париски институт“, а ја посетувала и школата за админситрација на „Харвард“.
ЕБОР досега имаше 6 претседатели од 1991 година наваму, тројца Французи, двајца Германци и еден Британец. Со седиште во Лондон, банката е фирмирана по распадот на Берлинскиот ѕид со цел да им помогне на источните земји во транзицијата кон пазарна економија. Од финансиската криза 2007-2008 банката силно ја прошири својата активност и во насока на економскиот развој и на борба против климатските промени.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.