Свет

САД може да воведат нови царини за европски производи

25 Jun 2020

Американските власти размислуваат да воведат нови царини и да ги зголемат постојните за увоз од Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија за вкупно 3,1 милијарди долари.

Според агенцијата „Блумберг“, тоа е неведено во изјавата на американскиот трговски претставник, Роберт Лајтхајзер.

Агенцијата наведува дека американските власти се подготвуваат да воведат нови царини на одредени производи (маслинки, пиво, џин и камиони) и да ги зголемат царините за други категории (сирење, јогурт и авиони). На средината од март, САД ги зголемија царините за авионите од ЕУ од 10 на 15%.

Новите царини, според „Блумберг“, би можеле да влијаат на француските модни брендови на „Живанши“ и „Хермес“, како и на групацијата ЛВМХ (Луи Витон Моет Хенеси). Царините за џин и за пиво значително ќе ја зголемат цената на овие алкохолни пијалаци во САД, што ќе има негативно влијание врз британските и германските производители.

Плановите за наметнување нови царини се поврзани со историскиот спор меѓу САД и ЕУ за субвенциите за „Боинг“ и „Ербас“. Арбитражата на Светската трговска организација на почетокот од октомври 2019 година им овозможи на американските власти да воведат царини за речиси 7,5 милијарди американски долари за земјите од ЕУ, поради фактот што Унијата не ги испочитувала одлуките донесени од организацијата во врска со субвенциите на „Ербас“.

Во моментов САД ги продолжуваат преговорите со ЕУ за склучување трговски договор. Администрацијата на Вашингтон се заканува дека ќе воведе царини за европските автомобили доколку нацрт-документот не одговара.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...