Според предвидувањата на Светска банка, оваа година ќе дојде до пад на глобалниот раст за 5,2 проценти, што би претставувало најдлабока рецесија од Втората светска војна.
Повеќето од светските економии би доживеале најголем пад на производството по глава на жител од 1870 година, се наведува во соопштението на Светската банка во својот последен извештај „Глобален економски изглед“.
Најлошо се погодени оние земји во кои пандемијата била најтешка и кои во голема мерка се потпираат на глобалната економија, туризмот, извозот на стоки и надворешното финансирање, се додава во извештајот.
Силата на ударот ќе се разликува од регион до регион, но сите нови пазари и економии во развој имаат зголемена ранливост, предупредува Светска банка.
Се очекува, поради сериозно нарушување на домашната понуда и побарувачка, економијата и финансиите, економската активност на напредните економии да доживее пад за седум проценти во 2020 година.
Се очекува новите пазари и економиите во развој да доживеат пад од 2,5 проценти оваа година, што е најголем пад на оваа група во последните најмалку 60 години. Од Светска банка предупредуваат дека се очекува и пад на приходите по глава на жител за 3,6 проценти, поради што милиони луѓе оваа година ќе се соочат со екстремна сиромаштија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.