Свет

Грција: Во супермаркет ќе се влегува со бројче

16 Mar 2020

Влез со бројче, растојание од два метри меѓу купувачите, се дел од мерките што стапија на сила во грчките супермаркети за да се намалат турканиците и да се спречи дополнителното ширење на коронавирусот, а паралелно ќе се воведе ограничување за граѓаните за антисептиците, ќе можат да купат најмногу три. 

Министерот за развој на Грција, Адонис Георгиадис, рано утрово посети супермаркет (пред да биде отворен за граѓаните) во една атинска населба, каде што го презентираше новиот начин на работа.

Тој рече дека полиците се полни, дури и со антисептици, за кои, во изминатиот период во Грција имаше недостиг.

Само 20 минути подоцна, кога маркетот веќе беше отворен за граѓаните, Георгиадис гостуваше во живо, од супермаркетот, во утринска емисија на телевизијата „Open“ и додека говореше за владините мерки, зад него, во делот каде што се антисептиците, граѓани грабаа по неколку пакувања антибактериски влажни марамчиња и експресно ги испразнија полиците.

Кусо потоа, преку интервју за интервју за ТВ „Скај“, надлежниот министер најави дополнителна мерка.

Воведуваме плафон: три антисептици за секој потрошувач, рече Георгиадис.

Во однос на работата, супермаркетите од денеска, според одлуките од Министерството за развој на Грција, обврзани се да следат конкретни мерки, меѓу кои да гарантираат дека во просторот ќе има едно лице на секои десет метри квадратни со најмалку два метри растојание меѓу нив

Засега мерката со бројчиња за влез не ја користат сите големи супермаркети. Некои, функционираат како и до сега, но со препорака до граѓаните, во редиците на касите да држат растојание од најмалку два метри.

Исто така, на влезот и излезот, супермаркетите треба да имаат бесплатни антисептични средства за граѓаните, додека, пак, во некои има и ракавици за една употреба.

Паралелно, според информациите во Грција, постои размислување да се воведе проширено работно време на супермаркетите од 7 до 22 часот и можност да бидат отворени и во недела.

Извор: МИА 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...