Свет

Августовските цени на храната на стабилно ниво

06 Sep 2018

Индексот на цените на храната* во август годинава во просек изнесуваше 167,6 поени, речиси непроменет во споредба со ревидираната процена за јули, но понизок за 5,4% во споредба со нивото од истиот период минатата година.

Додека вредностите на житните култури и, во помала мера, на месото беа поцврсти во август, вредноста на другите групи прехранбени производи – шеќерот, растителните масла и млечните производи, се намали.

  • Индексот на цените на житните култури во просек изнесуваше 168,4 поени во август годинава, што претставува скок за 4% во споредба со јули, односно за 10% во споредба со минатогодишниот август. Цените на пченицата во најголема мера се зголемија поради построгите можности за извоз, со оглед на влошените изгледи за културите, особено во ЕУ и во Руската Федерација.
  • Во август годинава индексот на цените на растителните масла во просек изнесуваше 138,2 поени, што претставува пад од 2,6% на месечно ниво и резултира со достигнување на 35-месечниот минимум. Августовскиот пад главно беше предизвикан од опаѓањето на вредностите на палминото, сончогледовото и на маслото од соја. Меѓународните цени на палминото масло се намалуваат петти последователен месец поради ниската глобална побарувачка за увоз и акумулацијата на резерви во главните земји-производители.
  • Минатиот месец индексот на цените на млекото и на млечните производи во просек изнесуваше 196,2 поени, што претставува пад за 1,5% во споредба со јули. Тоа е третиот последователен месец на опаѓање на цените на млекото. Трендот на цените ги рефлектира ограничените активности на пазарот, што не е невообичаено за овој период од годината, како и пазарната неизвесност околу евентуалната големина на можностите за извоз.
  • Индексот на цените на месото* во просек изнесуваше 166,3 поени во август годинава, што претставува мала промена во споредба со ревидираната вредност за јули 2018 година. Августовските цени на месото во споредба со цените од истиот период минатата година се пониски за 4,6%.
  • Августовскиот индекс на цените на шеќерот во просек изнесуваше 157,3 поени, за 5,4% понизок од јулскиот, со што го достигна најниското ниво во деценијата. Падот во август во голема мера е резултат на континуираната депрецијација на валутите на Бразил и на Индија во споредба со американскиот долар. Како главни извозници на шеќер, пратките од овие две земји стануваат поконкурентни кога нивните валути се послаби, што доведува до зголемување на понудата на шеќер на светските пазари.

* За разлика од другите групи, поголемиот дел од цените што се користат за пресметка на индексот на цените на месото не се достапни кога се пресметува и се објавува овој извештај. Вредноста на индексот на цените на месото е изведена од комбинација на проектираните и забележаните цени.

Извор: www.fao.org

Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) ја мери месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница. Тој се состои од просекот на индексите на цените на петте групи прехранбени производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...