Путер од кикирики, виски, сок од портокал.. потрошувачите во Германија наскоро ќе плаќаат повеќе за некои американски производи во супермаркетите. Причината се дополнителните царини наметнати од Европската унија како одговор на американските царини.
Се очекува повисоките трошоци делумно да ги погодат купувачите, изјави Дирк Џандура, претседател на Здружението за надворешна трговија „БГА“.
Маржите во супермаркетите се толку ниски што бизнисите не можат да ги апсорбираат, додаде Џандура.
Како одговор на американските царини за увоз на челик и алуминиум, кои стапија на сила, ЕУ најави контрамерки. Така, од април повторно ќе се воведат дополнителни царини за увоз на бурбон, фармерки, мотоцикли, чамци, сок од портокал, путер од кикирики, соја и бројни други американски производи.
Царините делумно влијаат на цените на мало, изјави Бјорн Фром, претседател на Сојузното здружение за германска трговија со храна (BVLH).
Тоа е катастрофално во сегашната ситуација. Трговијата и потрошувачите имаат корист од слободниот проток на стоки. Во трговските војни секој секогаш губат на крајот, истакна Фром.
Дополнителните царини на ЕУ треба да стапат на сила во средината на април, по консултациите со земјите-членки.
Царините може да ги опфатат и земјоделските производи од САД, како што се живина и говедско месо, некои морски плодови, јаткасти плодови, јајца, млечни производи, шеќер и зеленчук.
Извор: dpa
Фото: Pexels
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.