Холандскиот производител на пиво „Хајнекен“ соопшти дека го завршил процесот на напуштање на Русија со продажба на тамошниот бизнис на руската групација „Арнест“ за симболична цена од едно евро.
Вториот по големина производител на пиво во светот извести дека договорот ги добил сите потребни одобренија и најверојатно ќе предизвика исклучителни загуби од 300 милиони евра (324,8 милиони долари). „Хајнекен“ ја објави својата намера да излезе од Русија во март 2022 година, по руската инвазија на Украина, признавајќи дека процесот траел подолго од очекуваното.
Многу мултинационални компании се обидоа да ја напуштат Русија откако Западот воведе невидени санкции кон Москва, но Кремљ возврати со запленување на дел од нивниот имот.
„Хајнекен“ имаше седум пиварници во Русија и 1.800 вработени, кои ќе добијат гаранции за вработување во следните три години.
„Арнест груп“ поседува голем бизнис за пакување лименки и е најголемиот руски производител на аеросоли, како и продажба на козметика и производи за домаќинството.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.