Русија ја презела контролата врз руската филијала на францускиот производител на јогурт „Данон“ и на уделот на пивската компанија „Карлсберг“ во локална пиварница во земјата, објави „Гардијан“.
Во декретот објавен вчера се вели дека руската држава „привремено“ ќе управува со акциите на „Данон Русија“ и на „Балтика“ која е во сопственост на „Карлсберг“.
„Данон“ соопшти дека ја истражува ситуацијата и дека се подготвува да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на нејзините права како акционер во руската подружница. „Балтика“, пак, е водечка компанија за производство на пиво во Русија, со приближно 30 отсто удел на пазарот.
„Карлсберг“ уште во март објави дека ќе го продаде целокупниот дел од своите активности во Русија каде што брои 8.400 вработени. По претседателскиот декрет, изгледите за овој процес на продажба сега се многу неизвесни, соопштија од „Карлсберг“.
Потегот на Москва следува откако претходно во април руските подружници на германската „Унипер“ и финската „Фортум“ беа исто така ставени под државна контрола.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.