Свет

Франција им забрани на брендовите за брза храна да користат пакувања за еднократна употреба

16 Jan 2023

Од 1 јануари  рестораните за брза храна во Франција повеќе не ги услужуваат клиентите со чинии, чаши и прибор за еднократна употреба.

Тоа е дел од најновата мерка на земјата за борба против отпадот и поттикнување на рециклирањето, од која се очекува да промени многу деловни модели поврзани со употребата на практични пакувања и прибор за еднократна употреба.

Во Франција има околу 30.000 локали за брза храна, кои служат над шест милијарди оброци годишно и создаваат 180.000 тони отпад во текот на тој процес. 

Меѓутоа, некои организации не ја поддржуваат новата легислатива. Европската алијанса за хартиени пакувања (EPPA) го изрази своето незадоволство од овој потег, тврдејќи дека повеќето пакувања за еднократна употреба се направени од обновливи материјали кои имаат стапка на рециклирање од 82% низ Европската Унија. Дополнително, организацијата вели дека според новото правило, потребното миење на приборот и амбалажите за повеќекратна употреба ќе придонесе за поголема потрошувачка на електрична енергија и вода, што е спротивно на примарната цел за подобри одржливи практики.

Еден проблем со кој рестораните може да се соочат во иднина е недостатокот на свест кај потрошувачите во врска со садовите за повеќекратна употреба. Некои локали веќе забележаа дека клиентите често ги земаат чашите за повеќекратна употреба или несвесно ги фрлаат садовите за повеќекратна употреба во ѓубре наместо да ги вратат. Грижа за бизнисите се и дополнителните трошоци за купување прибор и амбалажа за повеќекратна употреба, кои често се поскапи од хартијата и картонот за еднократна употреба.

Другите земји во регионот размислуваат за слични промени во употребата на прибор за еднократна употреба. Соседна Германија наскоро ќе ги замени чашите за еднократна употреба со порцелански филџани на сите возови на германските железници.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...