Свет

Недостигот на пченица ги крева цените на тестенините

22 ное 2021

Недостига пченица за производство на тестенини, поради што дел од производството се гаси, а цените на тестенините се креваат до небо, анализира „Ројтерс“.  

Производителите веќе не можат да сметаат на канадската тврда пченица, а жетвата во Италија беше слаба. На Канада вообичаено отпаѓаат околу две третини од глобалната трговија со тврда пченица, а жетвата оваа година треба да биде за половина послаба од 2020 година поради екстремните горештини и сушата.

Поради слабата канадска жетва, цените на тврдата пченица веќе се искачија на највисоко ниво во последните 13 години, што ги зголеми стравувањата од нагло поскапување на храната за време на периодот на закрепнување на економијата од Ковид - 19.

Италијанските производители на тестенини најчесто задоволуваат најголем дел од потребите за тврда пченица на домашниот пазар, но прогнозата за жетвата неодамна е намалена и тие ќе бидат принудени да излезат на меѓународните пазари.

Жетвата на тврда пченица во Италија оваа година се очекуваше да го надмине нивото во 2020 година, но Европската комисија ја намали проценката за производство во октомври од 4,3 на 3,7 милиони тони, па производителите на тестенини почнаа да стравуваат за залихите во првата половина на следната година.

Ќе биде подраматично отколку што е сега, бидејќи во моментов сè уште можеме да добиеме домашна пченица. Ситуацијата со тврдата пченица е многу сериозна, рече Винченцо Дивела, извршен директор на брендот Divella.

Откупувачите најдоа замена за канадската пченица, па Австралија оваа сезона се проби на второто место на листата на добавувачи на тврда пченица во Европската Унија, а Мексико ја исполни големата побарувачка за увоз со пратки од Алжир. Турција, главен извозник на тестенини, одговори на кризата во снабдувањето со тврда пченица со регулатива што го зголеми максималниот удел на обичната пченица во тестенините за извоз од 30 на 100 проценти.

Меѓународниот совет за житарки предвидува дека глобалната побарувачка за тврда пченица ќе падне на најниско ниво во последните 19 години, но залихите до следното лето ќе паднат на најниско ниво во последните 14 години, што значи дека понудата ќе биде речиси еднаква на побарувачката пред следната жетва.

Иако некои производители на тестенини значително ги зголемија цените, префрлајќи дел од трошоците на крајните потрошувачи, тоа веројатно нема да има големо влијание врз побарувачката во богатите европски земји, каде што тврдата пченица е пропишаната суровина за овој прехранбен производ. Компанијата за анализа на податоци „Нилсен“ соопшти дека цените на евтините брендови на тестенини во супермаркетите во Франција пораснале за речиси една петтина во октомври во споредба со минатата година, а ова можеби е само најава за големите поскапувања што тропаат на врата.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...