Шефицата на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, објави дека јулската седница „ќе донесе интересни варијации и промени“.
По зголемувањето на стапката на инфлација пред неколку дена, ЕЦБ ќе ги разгледа упатствата за монетарната политика на следната седница, со цел зачувување на поволните услови за финансирање во економијата на еврозоната.
По 18 - месечна ревизија, монетарната власт во Франкфурт објави дека отсега натаму ќе се насочи на годишна стапка на инфлација од два проценти на среден рок, наместо да биде „блиску, но под два проценти“. Најновата најава за ревизија на упатствата се толкува како сигнал дека централната банка нема да ја заостри монетарната политика прерано, иако цените би можеле да бидат посилни во наредниот период.
Лагард на состанокот на Г-20 изјави дека јулската седница е важна и дека посакуваните резултати мора да се добијат на долг рок, така што, според нејзиното мислење, „ЕЦБ ќе покаже дека ќе ги исполни преземените обврски“. Таа посочи дека „во моментов не е време да се разговара за намалување на монетарната поддршка“.
Кризната програма за купување на обврзници на ЕЦБ во пандемијата, позната и како ПЕПП и вредна 1,850 милијарди евра, ќе трае најмалку до март 2022 година, по што може да добие „нов формат“, заклучи Кристин Лагард.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.