Свет

ФАО очекува рекордни трошоци за увоз на храна

11 јун 2021

Глобалните трошоци за увоз на храна, вклучувајќи ги и трошоците за транспорт, ќе пораснат 12 отсто во 2021 година, на 1.715 милијарди долари, процени Организацијата за храна на Обединетите нации (ФАО). 

Тоа ќе бидат рекордни трошоци, поттикнати од поскапувањето на земјоделските производи и силната побарувачка во време на пандемија. 

Одвоениот индекс на вредност за увозот на храна, достигна највисока вредност откако ФАО ги следи податоците, надминувајќи го индексот од големите поскапувања од 2006 до 2008 година и од 2010 до 2012 година. 

Веќе во 2020 година силното поскапување на увозот на основните производи, го зголеми глобалните трошоци на увоз за 3 отсто, на рекордно ниво, соопшти ФАО.

Главен поттикнувач на порастот на побарувачката и на цените на земјоделските производи во минатата година беше кинескиот увоз, кој, меѓу другото, го одржуваше настојувањето на азискиот гигант да го обнови секторот за одгледување свињи по епидемијата со африканска свинска чума. 

Опоравувањето на кинеското производство на свинско месо би требало да резултира со пад на обемот на глобалната трговија со тој производ и да го неутрализира порастот на трговијата со говедско и пилешко месо, па вкупната трговија со месо оваа година ќе стагнира, процени ФАО. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...