Свет

МОТ: Подобро да се заштитат работниците што работат од дома

14 Jan 2021

Драматичниот пораст на работењето од дома како резултат на пандемијата предизвикана од КОВИД-19 ги истакна лошите работни услови со кои се соочуваат голем број работници што работат од дома, чиј број, пред кризата, изнесуваше околу 260 милиони луѓе ширум светот.

Потребна е подобра заштита за оние кои работат од дома, а чиј број значително се зголеми поради ширењето на пандемијата предизвикана од КОВИД-19, велат од Меѓународната организација на трудот (МОТ) во новиот извештај.

Работата од дома честопати е „невидлива“ и овие работници вообичаено се соочуваат со полоши услови од оние кои работат надвор од домот. Тие и заработуваат помалку, па во Обединетото Кралство 13 проценти помалку; во САД 22 проценти; во Јужна Африка 25 проценти и околу 50 проценти помалку во Аргентина, Индија и Мексико.

Дополнително, извештајот Работење од дома. Од невидливост до достоинствена работа, покажува дека оние што работат од дома немаат исто ниво на социјална заштита како другите вработени лица. Исто така, има помала веројатност овие вработени лица да се дел од синдикат или да се опфатени со колективен договор.

Од МОТ проценуваат дека пред кризата предизвикана од КОВИД-19, ширум светот имало околу 260 милиони работници кои работеле до дома, што претставува 7,9 проценти од глобалната вработеност. 56 процентни од нив (147 милиони) биле жени.

Од првите месеци од пандемијата предизвикана до КОВИД-19 во 2020 година, процената е дека еден на секои пет работници работел од дома. Податоците за цела 2020 година, откако ќе бидат достапни, се очекува да покажат значителен пораст на оваа бројка.

Порастот на работењето од дома веројатно ќе продолжи и во следните години и повторно ќе добие на важност потребата од справување со прашањата со кои се соочуваат работниците што работат од дома и нивните работодавачи, стои во извештајот.

Освен ова, потребно е и усогласување со постоечките закони и ратификување на Конвенцијата бр. 177, која промовира еднаков третман на работниците од дома и другите приматели на плата.

Извештајот вклучува конкретни препораки со кои ќе се даде поголема видливост на работата од дома, а една од препораките во извештајот е Владите, во соработка со организациите на работодавачите и на работниците,  да работат заедно за да обезбедат сите работници што работат од дома да преминат од невидливиот сектор кон достоинствена работа.    

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...