Втората по големина светска економија, кинеската, доби забрзување во третиот квартал од годината, потпомогната од обновување на потрошувачката на почетокот на есента, а по шокот предизвикан од коронавирусот на почетокот на годината, покажаа објавените официјални податоци на кинеската статистичка служба.
Кинескиот Завод за статистика соопшти дека кинескиот БДП од јули до септември е пораснат за 4,9 проценти, споредено од истиот период од минатата година.
Истовремено, огромно мнозинство земји во светот доживуваат економски пад.
На квартална основа, од јули до септември, БДП порасна за 2,7 проценти, а во вториот квартал беше повисок за 11,5 проценти во споредба со почетокот на годината.Во периодот од јануари до септември, активностите се за 0,7 проценти повисоки отколку во истиот период минатата година, пренесе Индекс.хр.
Закрепнувањето на кинеската економија од шокот од коронавирусот почна уште рано пролетта, а новите податоци откриваат дека тоа на почетокот на есента се проширило и на потрошувачката, затоа што продажбата на мало во септември се зголемила за 3,3 проценти на годишно ниво и скромните 0,5 проценти во август.
Индустриското производство во септември е со раст од 6,9 проценти, по 5,6 отсто раст во претходниот месец.
Инвестициите на компаниите, исто така, покажуваат забележителни знаци на закрепнување, така што инвестициите во основен капитал во првите девет месеци се повисоки за 0,8 проценти отколку во истиот период од 2019 година, а во првите осум месеци беа пониски за 0,3 проценти.
Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кинеската економија ќе биде единствената во групата големи економии што забележа позитивна стапка на раст од 1,9 проценти.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.