
Кај млекото и месните деликатеси над 90 отсто од потрошувачите во Србија избираат домашно, но кај шампоните и детергентите таа предност речиси исчезнува.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Кај млекото, млечните производи и месните деликатеси повеќе од 90 отсто од потрошувачите избираат домашно, и тоа со јасна предност пред странското. Кај шампоните и детергентите таа предност практично ја нема – околу 40 отсто избираат домашно, а речиси исто толку странско. Значи, домашното е многу посилна валута во прехранбените категории кои се силно поврзани со суровината и производството отколку во некои непрехранбени категории.
Автор: Предраг Курчубиќ, генерален директор на „Ипсос“
Овој текст е дел од специјалниот додаток „Произведено во Србија“ во рамките на октомвриското издание на магазинот INSTORE.
Многу домашни (а богами и по некоја странска) компании многу често се соочуваат со прашањето: Колку ознаката „домашно потекло“ може да помогне или да одмогне во промоцијата на нивните брендови? Но, пред да навлеземе во подетална анализа на релативната сила на оваа ознака (Made in Serbia), мораме да тргнеме од прашањето: Што всушност е „домашно“ за локалните потрошувачи?
Што значи „домашно“ за потрошувачот
Според нашето истражување, спроведено во текот на септември 2026 година (CATI техника) на репрезентативен примерок од 1.007 полнолетни граѓани на Србија, за најголемиот дел од потрошувачите „домашно“ пред сè се однесува на (домашното) потекло на суровините (27 отсто) и на местото на производство (24 отсто).
Српската сопственост врз брендот, или фактот дека брендот настанал кај нас, се значително помалку важни – заедно 19 отсто.
За мнозинството потрошувачи „домашно“ е прашање од каде доаѓа суровината и каде се прави производот, а не во чии раце е брендот. Тоа, од друга страна, значи дека и мултинационалните компании што произведуваат во Србија и од домашни суровини имаат право на тој аргумент, и потрошувачот нема да им замери.
Тука можеби е интересно да се констатира дека помалку образованата популација (дури една четвртина од нив), како и онаа што припаѓа на постарите генерации (17,3 отсто од лицата над 65 години), не умее од сопствена перспектива да дефинира што е за нив „домашен“ производ.
Каков е генералниот став на потрошувачите кон „домашното“?
На ниво на став, односно на генерална определба за „домашното“, се гледа јасна наклонетост на локалните потрошувачи кон оваа категорија производи.
Преку проектот Ipsos BRANDpuls тоа го следиме веќе повеќе од една и пол деценија: повеќе од 40 отсто од потрошувачите велат дека со купување домашно ја поддржуваат нашата економија, дека секогаш кога можат избираат домашно, дека порадо избираат производи од српско потекло и дека повеќе им веруваат на домашните отколку на странските производи.
Меѓутоа, ако оваа генерална определба ја набљудуваме низ времето, се чини дека таа во последните години благо опаѓа.
Сепак, многу позначајно прашање од декларативната определба е конкретното купувачко однесување и односот на потрошувачите, во самиот процес на купување, кон производите што ги препознаваат како „домашни“.
Јасно е дека потрошувачите во меѓувреме се променија. Тие денес не им даваат на домашните производи безусловен кредит само поради нивното потекло. Тоа најдобро го гледаме кога ставовите ќе ги споредиме со однесувањето во конкретни категории (истражување на „Ипсос“ од 2026 година). Само 21 отсто од потрошувачите безусловно преферираат домашно во сите анализирани категории.
Затоа треба да се биде претпазлив со тврдењето дека е доволно да се каже оти потрошувачите стануваат „повеќе“ или „помалку“ патриотски ориентирани при купувањето. Многу покорисно е да се каже дека односот кон домашното е селективен и контекстуален.
За производителите тоа е важна порака: не е доволно да се знае дека потрошувачите генерално имаат позитивен став кон домашното. Мора да знаете колкава вредност има домашното потекло токму во вашата категорија.
Како потрошувачите навистина го вреднуваат „домашното“?
Затоа, во истражувањето што го спроведовме во текот на јуни 2026 година, пред потрошувачите ја поставивме дилемата: Под услов цените да се изедначени, дали порано би се определиле за „домашен“ или за странски производ? Згора на тоа, во оваа антиципативна равенка на нивното потенцијално купувачко однесување ја ставивме и категоријата на која ѝ припаѓаат одредени производи (млеко и млечни производи, месни деликатеси, пива…).
Резултатите не се премногу изненадувачки, но даваат сосема поинаква слика.
Првиот наод е дека никој не го отфрла домашното – во ниту една категорија што ја меревме наклонетоста кон домашното не е помала од наклонетоста кон странското. Прашањето, значи, не е дали потрошувачот избира домашно, туку колку му е важно потеклото во дадената категорија. А тука разликите се огромни.
Кај млекото, млечните производи и месните деликатеси повеќе од 90 отсто од потрошувачите избираат домашно, и тоа со јасна предност пред странското. Кај шампоните и детергентите таа предност практично ја нема – околу 40 отсто избираат домашно, а речиси исто толку странско.
Значи, домашното е многу посилна валута во прехранбените категории кои се силно поврзани со суровината и производството отколку во некои непрехранбени категории.
Тука секако треба да се стави и важна истражувачка ограда. Податоците многу јасно ни кажуваат каде домашното потекло е посилно, но сами по себе не ги докажуваат сите причини зошто е тоа така.
Во тој контекст, можеме да поставиме разумна хипотеза дека кај категориите како млекото и месото домашното потекло за потрошувачот носи дополнителни значења поврзани со близината на производството, потеклото на суровината и самото доживување на производот како локален. Во прилог на тоа оди и нашиот наод дека потрошувачите „домашното“ првенствено го дефинираат токму преку домашната суровина и производството во Србија.
Интересно е, значи, што потрошувачот не купува само географија на потеклото. Тој го купува она што тоа потекло значи за него.
И токму откривањето на тоа значење е една од најважните задачи за производителите и нивните брендови.
Освен фактот што од самата категорија на која ѝ припаѓа одреден производ зависи и „силата“ на аргументот „домашно“, тој нема ниту еднаква вредност во различните старосни и образовни групи. Кога станува збор за млекото и млечните производи и месните деликатеси, дилема нема. Определбата на потрошувачите за „домашното“ е еднозначна. Но, кај останатите производни категории што ги анализиравме, јасен е трендот дека помладите и пообразованите потрошувачи покажуваат поголема преференција кон странските производи, додека постарите и помалку образованите во значително поголема мерка преферираат домашни производи.
Ако сега сакаме да дадеме попрецизен одговор на дилемата: Дали „произведено во Србија“ е добар продажен аргумент?, тогаш тој би гласел: Зависи од категоријата, а делумно и од групата потрошувачи. Може да биде одличен – ако се искористи на вистински начин и во вистински контекст.
Каде се во оваа равенка цената, квалитетот и довербата во брендот?
Ниту на ова прашање не постои универзален одговор. Всушност, токму податоците за различните категории покажуваат дека потрошувачот не им дава еднаква тежина на елементите на понудата во секоја купувачка ситуација.
Кај производите кај кои потеклото на суровините, свежината или близината на производството се интуитивно поврзани со очекуваниот квалитет, домашното потекло може да биде многу силен аргумент. Гледаме колку е изразена преференцијата за домашното кај млекото и млечните производи и месните преработки. Наспроти тоа, кај хигиената за домот и личната хигиена самиот факт дека производот е домашен има значително помала моќ на диференцијација.
Затоа би било исправно да се каже дека потеклото не се натпреварува со цената, квалитетот и брендот, туку функционира заедно со нив.
Потрошувачот ретко купува само една карактеристика на производот. Тој купува пакет придобивки. Домашното потекло може да биде дополнителна причина за избор кога производот истовремено ги исполнува очекувањата во поглед на квалитетот, цената и довербата.
Со други зборови, „домашното“ може да направи разлика меѓу две доволно добри понуди, но тешко може долгорочно да компензира производ што заостанува во она што за потрошувачот во таа категорија е суштински важно.
Порака за крај
Позитивниот однос кон домашните производи очигледно постои. Никој однапред не ги отфрла, а во одделни категории домашното потекло претставува исклучително силен аргумент. Но, нашите податоци истовремено покажуваат дека само 21 отсто од потрошувачите безусловно преферираат домашни производи во сите анализирани категории.
Тоа значи дека „домашното“ е потенцијална конкурентска предност, а не гаранција за успех.
Производителите не би требало потеклото да го користат како замена за другите елементи на понудата. Потрошувачот нема долгорочно да купува производ само затоа што е домашен. Тој истовремено мора да добие квалитет и цена, да изгради доверба во брендот и да ги добие сите други придобивки што му се релевантни во конкретната категорија.
Втората важна порака е дека „домашното“ нема иста вредност насекаде. Распонот меѓу 92 отсто преференција за домашното кај млекото и млечните производи и 37 отсто кај хигиената за домот доволно јасно покажува колку категоријата ја одредува силата на овој аргумент.
Затоа производителот, пред сè, треба да си го постави прашањето: „Што значи домашно за потрошувачот токму во мојата категорија?“
Ако значи свежина, комуницирајте свежина. Ако значи домашна суровина, раскажете ја приказната за нејзиното потекло. Ако значи поддршка за локалната економија, покажете на кој начин ја создавате. Со други зборови, немојте само да кажете дека сте домашни. Претворете го домашното потекло во конкретна вредност за потрошувачот.
Зашто, во крајна линија, „Made in Serbia“ може да ја отвори вратата, но производот и брендот мора да му дадат на потрошувачот причина да помине низ таа врата.
Фото: Freepik