InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Оваа динамична и профитабилна нова сфера ги менува правилата на игра за брендовите, претворајќи ги случајните скролачи во лојални купувачи и градејќи одржлива вредност за малопродажбата.
Извор: „Керни“, www.co.kearney.com
Во ерата на социјалната трговија, каде што забавата и купувањето се спојуваат во едно, секое скролање може да се претвори во продажба. Во 2025 година социјалната трговија не е само моден поим, туку е пресвртна точка. Со повеќе од 110 милиони Американци што купуваат преку социјалните канали годинава, платформите како „Тик-ток“, „Инстаграм“ и „Пинтерест“ се развија во омилени дестинации за купување. За потрошувачките брендови, оваа еволуција бара целосно преиспитување на маркетинг-стратегиите.
Предизвикот е јасен: успехот не се заснова на поголеми трошоци, туку на попаметна потрошувачка. Визионерските брендови создаваат микромоменти на откритие, кои веднаш водат до поврзување со потрошувачите во морето од дигитален шум. Без разлика дали преку спонзорирани објави, настани во живо водени од инфлуенсери или персонализација базирана на вештачка интелигенција (ВИ), способноста за ефективен ангажман на потрошувачите е на прво место.
Социјалната трговија како нова трговска реалност
Социјалните платформи повеќе не се опција – тие станаа клучни за поттикнување на порастот и ангажманот. Социјалната трговија на глобално ниво се очекува да надмине 1 трилион долари до 2028 година, што е одраз на длабоките промени во начинот на кој купуваат потрошувачите. Помладите генерации, особено генерацијата Z, се првите купувачи кои го почнуваат и често го завршуваат купувањето на своите смартфони. Притоа, автентичноста е на прво место – голем број од потрошувачите повеќе се потпираат на препораки од доверливи инфлуенсери и пријатели отколку на традиционалната реклама. Купувачите бараат едноставни и брзи искуства, преку кои ќе откријат нови производи, ќе ги истражуваат и ќе платат без да се соочат со комплицирани процеси. Тоа се постигнува преку иновации, како што се купувачки видеа (додека купувачот го гледа видеото, може да кликне на производот и веднаш да го купи), наплата преку апликации и купување преку видеопренос во живо.
Технологиите што се базирани на вештачка интелигенција брзо ја трансформираат социјалната трговија, овозможувајќи им на брендовите да ја персонализираат содржината и да таргетираат со голема прецизност. Брендовите користат ВИ за автоматизација на процесот на создавање содржина, предвидување на преференциите на потрошувачите и за оптимизирање на рекламирањето, што помага да се намали времето на влез на пазарот и да се скратат циклусите за креативен развој. Тоа не само што ги намалува трошоците за маркетинг, туку и го подобрува искуството на купувачите, испорачувајќи им високо релевантни и навремени препораки за производи. Како резултат на тоа, вештачката интелигенција станува фундаментална можност што ги поттикнува ефективноста, иновациите и ангажманот во малопродажбата.
Реосмислување на маркетинг-стратегиите
Во оваа нова ера на малопродажба брендовите можат да постигнат успех преку три клучни чекори:
Многу брендови се соочуваат со тешкотии затоа што социјалната трговија ја третираат само како уште еден канал, често доделувајќи ги одговорностите одделно на тимови за маркетинг, е-трговија или корисничко искуство. Овој раздвоен пристап води до фрагментирани напори и пропуштени можности бидејќи ниеден тим не ја презема целосната одговорност за стратегијата на социјалната трговија. За да бидат успешни, брендовите треба да воспостават јасно дефинирана рамка со посебни, мултифункционални тимови, кои ќе управуваат со социјалната трговија од почеток до крај. Овие тимови не треба само да создаваат содржина и продажни иницијативи, туку и да развијат мерливи цели и да анализираат податоци за побрзо да ги приспособат тактиките. Аналитиката и податоците во реално време се клучни за брендот да разбере што ги привлекува потрошувачите и каде вложувањата даваат најдобар резултат. На тој начин брендот ќе биде проактивен и способен брзо да се приспособи.
Друг чест проблем е наметнувањето ригидни, хиерархиски стратегии за креирање содржина, кои не ја препознаваат различноста меѓу платформите и локалните пазари. Тоа што добро функционира на „Тик-ток“ честопати се разликува од тоа што е успешно на „Инстаграм“ или на „Пинтерест“, а различните пазари бараат пристапи што ја одразуваат нивната уникатна култура и потрошувачко однесување. Визионерските брендови им овозможуваат на своите регионални и локални маркетинг-тимови да експериментираат, кокреираат и да приспособуваат стратегии за социјален трејд-маркетинг. Таа креативна слобода може да се поттикне преку интерактивни работилници, поддржани со водичи што ги сумираат најдобрите практики, овозможувајќи им на тимовите да комбинираат брендиран сторителинг со формати типични за платформите, како што се Reels, Stories или преноси во живо. Со вклучување на вработените од терен и валоризација на нивната улога, брендовите ја користат локалната креативност и способност за брза адаптација, што резултира со поконкретна и релевантна интеракција и посилни врски со различни потрошувачки сегменти.
Со порастот на каналите за социјална трговија постои реален ризик од создавање премногу трансакциско и безлично купувачко искуство, каде што брендот се сведува само на уште еден производ во нечиј фид. Но, исто како што физичките продавници напредуваат благодарение на автентичната човечка интеракција, дигиталниот успех во социјалната трговија зависи од повторното „очовечување“ на овие интеракции. Визионерските брендови ги истакнуваат приказните зад производите – вклучувајќи ги луѓето што ги создаваат, промовираат и користат. Вклучувањето содржини, како што се кратки профили на вработени, приказни за основачите и сведоштва од купувачите во постовите, придонесува за автентичност и гради доверба. Дополнително, купувањето преку видеопренос во живо, кое е вистински дијалог со прашања и одговори во реално време, може да создаде чувство на заедништво и поврзаност. Овие антропоцентрични пристапи не само што ја зголемуваат ангажираноста, туку и поттикнуваат подлабока лојалност.
Навигација низ главните пречки
Социјалната трговија носи големи можности, но и ризици, како брза вирусна популарност, непредвидлива побарувачка и проблеми во синџирот на снабдување. Најдобар пример за тоа е метеорскиот успех на „Фазит“. Во октомври лани, кога Тејлор Свифт беше видена како носи сјајни налепници за пеги од „Фазит“ на натпревар во американски фудбал, продажбата се зголеми за 3.500% за само 48 часа, достигнувајќи милион долари. Клучно за тоа било што основачите на компанијата биле подготвени со обновени резерви и блиска комуникација со производителот, што им овозможи брзо дополнување по експлозијата на побарувачката. Додека повеќето брендови тешко реагираат во овие моменти што минуваат за миг, подготвеноста на „Фазит“ им помогна да ја претворат вирусната слава во долгорочни партнерства со „Таргет“, „ЦВС хелт“ и др. Приказната на компанијата покажува како флексибилното планирање на резервите, следењето на социјалните медиуми во реално време и брзата реакција во медиумите можат да ги претворат ненадејните социјални бранови во одржлив бизнис-пораст.
Зошто социјалната трговија е важна сега?
Социјалната трговија не само што го менува начинот на кој купуваат потрошувачите, туку ги менува и правилата за ангажман со брендот, лојалноста и порастот. Ризикот е голем: брендовите што нема јасно да ја дефинираат одговорноста, не им даваат слобода на локалните тимови и не негуваат автентични врски, ризикуваат да заостанат на пазар на кој вниманието е ограничено, а очекувањата на потрошувачите брзо растат.
Едноставно кажано, брендовите што ќе се соочат со оваа задача ќе ги претворат минливите социјални моменти во долгорочен успех, ќе ги претворат случајните посетители во лојални купувачи и ќе создадат вредност за бизнис што трае. Тие, пак, што нема да го сторат тоа, ризикуваат да го пропуштат најдинамичниот и најисплатливиот сегмент на малопродажбата денес.
За компанијата:
„Керни“ е глобална консултантска фирма за менаџмент, со мрежа од над 3.600 луѓе што работат во повеќе од 40 земји. Соработува со повеќе од три четвртини од 500. најголеми американски компании на листата на „Форчн“, како и со највлијателните владини и непрофитни организации.
Автори на текстот:
Татјана Перим, партнер; Џеј Тај, консултант; Ии‑ии Џао, консултант.