InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Подем на меѓународните трговски сојузи
Меѓународните трговски сојузи забележаа значителен подем во последните неколку месеци. Како резултат на инфлацијата што врши притисок врз маржите и зголемената ценовна конкуренција, сѐ повеќе трговци се здружуваат со други за да добијат на обем и да ја засилат позицијата за преговори со доставувачите.
Извор: ПЛМА
ЕМД е трговски сојуз составен од 13 членки, кои оперираат со 56.000 продавници во 16 земји. Сојузот е насочен кон снабдување со производи од приватни трговски марки и преговарање за дополнителни комерцијални услови со водечките производители на брендови. Негови долгогодишни членки се „Маркант“, „Колрајт“ и „Суперјуни“, а во последно време имаше одредени промени. „Кауфланд“ ја напушти групата пред околу една година, а како нови членки се приклучија германската организација „Ритеил трејд груп“, францускиот сојуз „Франкап“ и данскиот „Дагрофа“. Последните информации се дека три полски трговци – „Еурокеш“, „Шортен“ и „Нето“ ги најавија плановите за да се придружат, а шведски „Аксфуд“ и фински „С груп“ се очекува да влезат во игра следната година.
Кинески „Тему“ влегува во индустријата со храна
Онлајн-платформата „Тему“ почна со продажба на храна во Германија.
Досега „Тему“ стана познат во Европа по ултраниските цени, агресивниот маркетинг и широката разновидност на производи од Азија, кои опфаќаат категории како што се облека и електроника. Силниот пораст на платформата и високото учество на корисниците се поткрепени со чести акции со попусти, кампањи на социјалните медиуми и фокус на брзата испорака.
Брзиот подем на компанијата им го привлече вниманието на европските регулатори во однос на заштитата на потрошувачите. Ова лето Европската комисија привремено утврди дека „Тему“ ги прекршува обврските согласно Законот за дигитални услуги, со тоа што соодветно не ги проценил ризиците од нелегални производи што се продаваат на неговата платформа. Ќе продолжи истрагата и за други сомнителни прекршоци, како што се потенцијалните зависнички елементи во дизајнот, транспарентноста на системите за препораки и пристапот до податоци за истражувачки цели.
Пад на потрошувачката во малопродажбата
Уделот од потрошувачкиот буџет што се насочува кон малопродажбата, наместо кон заштеди, услуги или слободни активности, продолжува да се намалува во земјите на Европската Унија.
Оваа тенденција се задржа третa година по ред во 2024 година, при што граѓаните на ЕУ трошат само 32,6% од расположливиот доход во малопродажба. Највисок удел е забележан во Хрватска, каде што речиси секое второ евро од потрошувачката се троши во малопродажба. Податоците произлегуваат од студија на „Нилсен IQ геомаркетинг“, која дава сеопфатен преглед на трендовите во малопродажбата низ Европа.
Иако куповната моќ и вкупниот промет во малопродажбата растат, процентот од потрошувачката што се насочува кон трговијата бележи континуиран пад последните три години. Во 2024 година малопродажбата учествува со само 32,6% во вкупната приватна потрошувачка, што го нагласува овој тренд.
Сепак, регионалните разлики се значајни. Потрошувачите во источноевропските земји и понатаму издвојуваат значително поголем дел од својата куповна моќ за малопродажба.
Дали иднината на индустријата е во хибридното месо?
Хибридното месо, познато и како мешано месо, е традиционално говедско месо комбинирано со растителни протеини.
Популарноста на производите од хибридно месо сѐ повеќе се зголемува, иако тие не се нови. Првите производи од тој тип се појавија во супермаркетите пред повеќе од пет години, кога неколку трговски синџири лансираа нови асортимани, но беа повлечени набрзо по нивната промоција.
Денешниот потрошувач, сепак, е поотворен за повторно да ги проба овие производи бидејќи сè повеќе се насочува кон оброци што се богати со протеини. Консументите сѐ повеќе се фокусираат на здравјето и благосостојбата, како и на заштитата на животната средина.
„Лидл“ неодамна лансира асортиман на хибридни бургери во Белгија. Бургерите, кои се направени од 60% говедско месо и 40% растителни протеини, брзо станаа многу популарни. Три месеци по нивното пласирање, еден од четири продадени бургери е хибриден. Дисконтерот нуди и хибридно меленo месо, кое сочинува една третина од продажбата на меленото месо. Како што истакнуваат од „Лидл“, целта е на консументите да им се понудат поддржливи и поздрави опции без да се жртвува вкусот. Со замената на 40% од месото со растителни протеини, емисиите на CO₂ се намалени за цели 40%. Користењето вода и земја, исто така, е значително намалено. А, сепак, вкусот и изгледот на месото остануваат исти.
Што значи храната за генерацијата алфа?
Семејните оброци полека ја губат својата важност за генерацијата алфа, децата родени од 2010 до 2025 година.
Според последното истражување на институтот „Инерсенс“ од Келн, храната за оваа возрасна група повеќе не е заеднички ритуал, туку средство за самоизразување, експериментирање и самоусовршување.
Децата сè почесто јадат сами или со пријатели, при што често претпочитаат грицки или домашно печена храна наместо традиционални оброци. Родителите сè уште даваат насоки и обезбедуваат здрави опции, но се обидуваат да избегнат конфликти и да им дадат повеќе независност, често потпирајќи се на инфлуенсери, брендови и дигитални алатки како модерни помагала во родителството.
Накратко...
- „Е. Леклер“ се фокусира на форматот мали продавници за да навлезе во централните делови на градовите. Малите продавници остануваат најперспективен ниша-сегмент, овозможувајќи им на големите трговски синџири да покријат подрачја каде што сè уште не се присутни и да привлечат потенцијални нови купувачи – особено млади.
- „Диа“ ги откри резултатите од истражувањето, кои покажуваат дека речиси половина од потрошувачите купуваат без претходно планирање, при што се водат од акции и попусти. Според истражувањето, 59% од анкетираните сметаат дека трговските марки помагаат да се намалат годишните трошоци, со заштеди од 10% до 25%.
- Купувачите на „Шпар“ можат дигитално да се информираат за цените, потеклото и достапноста на повеќе од 25.000 артикли од асортиманот на малопродажниот синџир, вклучувајќи регионални специјалитети, приватни марки и брендови.
- „Алди зид“ тестира дигитални функции за лојалност на купувачите, со цел да се разликува од другите дисконтни синџири. Компанијата планира да интегрира игриви елементи и предизвици, при што купувачите ќе треба да извршат одредени задачи за да добијат награда.
- „Сеинсберис“ ја претстави новата премиум линија за нега на кожа The Edit. Колекцијата содржи 17 производи, со цени од 1,5 до 8,5 фунти, и вклучува производи како хидратантен крем со заштитен фактор, лосион за лице, серум, гел за подочници, тоник-спреј и лист-маски за лице.
- „Нето“ ја истакнува понудата на приватни трговски марки преку нова промотивна иницијатива. Дисконтерот нуди промотивна кутија со 20 различни артикли, како гулаш-супа, мешавина од ореви и овошје и овесна напивка, по намалена цена.
- „Лидл“ – Велика Британија додаде нова ознака на приватните марки, со цел да им помогне на купувачите полесно да ги препознаат здравите производи. Дисконтерот, исто така, се обврза дека 10% од производите од сопствениот бренд ќе ги исполнуваат критериумите на програмата Live Well до 2030 година.
- Синџирот дрогерии „Росман“ претстави еколошка алтернатива на традиционалното стаклено шише за вино. Новото пакување, изработено од рециклиран картонски и пластичен материјал, во просек тежи пет пати помалку од конвенционалното стаклено шише, кое тежи од 350 до 800 грама.
- „Колрајт“ го проширува решението „easy checkout“, кое се состои од две ЛЕД-светилки над касата и камера со вештачка интелигенција, која автоматски ги скенира производите додека се пренесуваат од една до друга кошничка за пазарење.
- „Бутс“ ја проширува линијата тестови за домашна употреба со цел да им помогне на купувачите подобро да го следат своето здравје. Тестовите користат ДНК или крв за испитување на различни здравствени состојби, меѓу кои: висок холестерол, хормонални дисбаланси, недостиг на витамини, нетолеранција на храна и контрола на телесната тежина.