„Лидл“ Бугарија и оваа година продолжува да ја шири својата малопродажна мрежа со отворање на најмалку осум нови продавници низ Бугарија, а во моментов компанијата има 136 продавници низ државата.
До крајот на годината „Лидл“ планира да отвори продавници во големите градови како Софија, Пловдив, Варна, Бургас, како и во помалите градови каде трговскиот синџир досега не бил присутен, како Ајтос, Костинброд и други.
Секоја нова продавница што ја отвораме претставува инвестиција во квалитетот на животот на нашите купувачи, им овозможуваме да имаат поголем избор, да купуваат на погодна, блиска локација, да избираат квалитетни производи по пристапни цени. Со секоја нова продавница расте „Лидл ефектот“ - позитивното влијание што го имаме врз економијата, бизнисот и општеството во целина, изјави Бисер Инчовски, менаџер за централизирани активности во „Лидл“ - Бугарија.
Проширувањето на малопродажната мрежа на синџирот во 2025 година, исто така, ќе доведе до отворање на повеќе од 200 нови работни места, вклучувајќи позиции во продавниците и во двата логистички центри на компанијата, се вели во соопштението на компанијата.
Дополнително, зголемениот обем на работа во текот на летото на локациите на синџирот долж брегот на Црното Море ќе бара ангажирање на приближно 140 дополнителни сезонски работници.
Компанијата ќе продолжи да инвестира и во реновирање и модернизација на постојните локации, како и во зголемување на енергетската ефикасност на објектите. Ова вклучува нова опрема што ќе придонесе за дополнителна удобност при купувањето, самопослужни каси, изградба на фотоволтаични уреди, станици за полнење електрични возила и други иницијативи.
Извор/Фото: InStore.rs
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.