Во јули годинава приходите бележат раст од 1,4 отсто споредено со истиот период лани, што се должи на растот на придонесите, но и на повеќе видови даноци, соопштија од Министерството за финансии.
Тоа е прв раст на приходите во буџетот по почетокот на кризата.
Ревитализацијата на економијата се одвива со добра динамика, по отворањето на економијата во јуни имаше подобра наплата на даноците споредено со април и мај, констатираат од Министерството.
Вкупната наплата на приходи во јули изнесува 291 милион евра, а од даноци се собрани близу 166 милиони евра. Првпат од стартот на кризата, ДДВ бележи раст во однос на лани за 1,2%. За споредба овој данок во јуни имаше пад од 7,5%, во април 43, во мај за 33%. Увозните давачки се зголемени за 18,3%. Помала наплата има кај данок на добивка и кај акцизите. Придонесите забележуваат раст од 11,9% во однос на истиот месец лани.
Раст бележат и расходите од буџетот за 11,6% на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба против Ковид-19 кризата. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од пандемијата.
Исто така и капиталните расходи се повисоки за 14,4% во однос на лани. Дефицитот заклучно со јули е реализиран 4,76% од БДП и е согласно планираната динамика со ребалансот.
И покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија, во услови на справување со КОВИД, извршувањето на буџетот се одвива по план. По реализацијата на вкупните приходи во јуни кои изнесуваа -9,6% споредено со лани кога рестриктивните мерки почнаа да се олабавуваат и економската активност да заживува, позитивната реализација во јули со раст од 1.4% говори дека заживувањето се одвива со добра динамика. Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови, односно вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарувања кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на данок. Тука се и мерките за КОВИД, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Очекувањата се дека во третиот и четвриот квартал од годината постепеното опоравување на домашната економија и заживување на економската активност ќе продолжи со засилено темпо. Со оглед на непредвидливоста која ја носи оваа пандемија, финансирањето на буџетот е обезбедено и во случај на евенутален втор бран, вели министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Министерството за финансии во насока на поголема транспарентност, од почетокот на кризата, порано го објавува месечното извршување на буџетот - на почетокот на месецот наместо како порано, на крајот на месецот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.