Македонија

ОРМ ќе предложи нови мерки за бизнисот

16 Apr 2020

Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) спроведува анкетно истражување, кое треба да даде попрецизна слика за обемот и последиците од намалената економска активност во земјата предизвикана од кризата со пандемијата од Ковид-19.

Истражувањето се спроведува по електронски пат, преку анкетен прашалник кој е доставен до членките на ОРМ, а е достапен и за другите компании. Целта е што поголем број микро, мали, средни и големи компании од сите сектори да дадат информации за нивна тековна состојба и за мерките што ги преземаат за да ги ублажат проблемите со кои се соочуваат во актуелната криза, како и за видот на поддршка што ја очекуваат од Владата.

Врз основа на повратните информации што ќе се добијат преку ова истражување, ОРМ ќе ги идентификува итните потреби на бизнисот и соодветно ќе ги преточи во предлози до Владата кои треба да послужат при креирање на новите економски мерки за справување со актуелната криза.

Уште од почетокот на кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, ОРМ преку учество во националниот Економско-социјален совет, националниот Совет за безбедност и здравје при работа и други тела, поднесе предлог-мерки и активности до државните институции, за полесно надминување на вонредната ситуација. Значителен дел од предложените мерки од ОРМ беа прифатени од Владата и беа преточени во активни мерки и уредби. Такви се на пример мерките што се однесуваат на примената на Законот за работни односи во делот на исплатата на платите на работниците во услови кога на компаниите им е оневозможено да работат и да ја обавуваат својата дејност, како и мерките преточени во уредби што се однесуваат на финансиската поддршка за компаниите и работодавците од приватниот сектор кои се соочуваат со пад на приходите, а кои ќе овозможат исплата на плати и придонеси за работниците и ќе ја спречат загубата на работни места.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...