Винарската визба „Тиквеш“ го организира десеттиот Фестивал на младо вино, на кој традиционално голем број соработници на винарницата, претставници на дипломатскиот кор, институциите, бизнис секторот и на медиумите од земјава и регионот, за првпат го пробаа младото вино од годинешната берба.
Според оценките на енолозите, вината располагаат со одлични карактеристики и предиспозиции за нови светски вински натпревари.
Инаку, оваа година поминува во знак на обемните инвестиции на „Тиквеш“, насочени пред сé во проширување на сопствените лозови насади со нови 140 хектари, со цел да се зацврстат и унaпредат постојните пазарни позиции, особено на најзначајните светски пазари. Дополнително, винарницата инвестираше и близу еден милион евра во нов логистички центар со кој се зголемува ефикасноста во дистибуцијата и достапноста на виното на домашниот пазар.
За време на настанот, согласно својата трајна определба за општествено одговорно делување, „Тиквеш“ им овозможи на сите посетители на Фестивалот да дадат свои парични донации, кои заедно со дополнителни финансиски средства што ќе ги одвои компанијата, ќе бидат наменети за изградба на детско игралиште во Кавадарци.
Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ се одржува секоја година во третиот викенд од месец ноември, истовремено со останатите фестивали ширум светот посветени на младото вино од последната берба. Овој фестивал е прв и единствен од ваков карактер во нашата земја.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.