Македонија

„Бимилк" и УСАИД со заеднички проект за модернизација на малите и средни фарми

11 Sep 2019

„Бимилк“ и УСАИД ќе соработуваат во проект развој на деловниот екосистем, при што „Бимилк“ се јавува како единствен партнер на УСАИД од млечната индустрија. Проектот се однесува на реконструкција и развој на мали фарми, кои сочинуваат вкупно 92 отсто од вкупниот број краварски фарми во земјава.

По тој повод, вршителот на должност амбасадор на САД, Џ. Р. Литлџон, високи претставници на УСАИД и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски ја посетија фабриката. 

Почестени сме што организација како што е УСАИД ја препозна „Бимилк“ како релевантен локален партнер за заедничко остварување проекти што се многу значајни за сите заинтересирани страни: фармерите, локалната заедница и млекопроизводството во државата воопшто. Од наша страна презедовме цврста обврска зацртаните заеднички проекти за подобрување на условите за работење и развој на млечните фарми целосно да се комплетираат. Зад нас имаме два успешни проекти, додека, пак, третиот, за кој сме денес овде, ни претстои. Убеден сум дека и овој проект, заедно со УСАИД, успешно ќе го финализираме на општо задоволство“, изјави Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на „Бимилк“. 

САД во изминатите 25 години го поддржаа развојот на млечната индустрија во Македонија. 

Задоволство ми е што ги придружувам министерот за земјоделство, градоначалничката на Могила и директорот на „Бимилк“ за да го сведочиме напредокот на индустријата од прва рака. Овие лидери покажуваат како соработката меѓу јавниот и приватниот сектор може да поттикне инклузивен економски раст. Ние сме подготвени да продолжиме да ги поддржуваме овие напори, изјави Џ. Р. Литлџон, вршител на должност амбасадор на САД во државава.

Досегашната соработка меѓу „Бимилк“ и УСАИД опфаќа имплементација на проектот за инвестиција во подземни системи за наводнување „капка по капка“ и проектот за воведување анализа на квалитет на сточната храна со користење уреди NIR (Near Infrared Spectroscopy), кои за првпат се воведуваат во млекопроизводството кај нас.

Инвестициите во модернизирање на фармите и производството, развивањето на добри кооперантски односи помеѓу млекарниците и фармерите, преку помош за обезбедување на модерна опрема и советодавни услуги, е клучно за развој на млекопроизводството, за поголемо и поконкурентно производство. МЗШВ работи на развој на млекопроизводството преку мерките од Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, изјави министерот Димковски.

Во годинешната Програма за рурален развој е зголемена финансиската поддршка за мерката за набавка на приплоден добиток од 14 милиони денари на 91 милиони денари.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...