Вчера во Даут-пашин амам компанијата „Бадел 1862“ го претстави престижниот артисан бренд Korlat на македонскиот пазар.
Новата колекција од премиум ракии и ликери е резултат на долгогодишна работа во која уникатните вкусови на традиционалните пијалаци се интерпретирани на модерен начин, со природни состојки, во мали серии и со авторски потпис на мајстор-дестилаторот на „Бадел 1862,“ Весна Јурак.
Korlat ракиите и ликерите се создадени по традиционални рецепти кои се реинтерпретирани на модерен начин. Многу е важно производот да се следи од почетокот на развојот до финалниот рецепт, во кој користиме природни состојки со врвен квалитет. За време на создавањето на ликерот и ракијата им се пристапуваше на посебен начин, почитувајќи ги принципите на занаетчиското производство - вели Јурак.
Колекцијата на ракии и ликери Korlat, покрај извонредните и уникатни вкусови, се карактеризира и со атрактивен, но и посебен дизајн на пакување и етикети. Дизајнерот Предраг Загорац внимателно дизајнираше уникатна етикета за секој од производите со цел да го истакне занаетчиското производство, природните состојки и уникатните ароми кои ги карактеризираат.
Оттаму, оваа нова линија производи го добива и слоганот „The Art Of Spirit“.
Во овој дух беше организиран и свечениот настан, како своевидна изложба на вкусови, ноти и доживувања, соодветни на новите вкусови кои компанијата ги дефинира како „уметнички спој на природата, страста и умешноста“.
Поканетите гости имаа можност да уживаат во целокупно автентично искуство, почнувајќи од архитектонското ремек дело, Даут-пашин амам, во чии простории владееше магијата на уметноста, преку елегантното водство на Јана Серафимова и сензуалниот вокал на Агни Авшар придружувана од секстет составен од врвни музичари од Македонската филхармонија и Националната опера и балет.
Додека обучениот гастрономски персонал ги послужуваше и информираше гостите за вкусовите и карактеристиките на новите пијалаци и закуските коишто одат со нив, современата сликарка Елена Поповска создаваше уметничко дело инспирирано од приказната за Korlat, чие откривање присутните имаа можност да го следат во живо.
Настанот со свое обраќање го отвори Генералниот директор на „Бадел 1862“ Македонија, Златко Ивановски.
Производите на „Бадел 1862“ се присутни на пазарот во Македонија повеќе од 30 години, учествуваат со близу 50% во вкупниот увоз на жестоки пијалаци во земјата и претставуваат неизбежен дел од секоја прослава или секој убав момент од нашите животи.
Вечерва зад нас ја имаме богатата историја на „Бадел 1862,“ со традиција од 160 години, пред нас е визијата за иновација и премиумизација, а денес е пресекот во времето, совршен момент за да ви најавиме нов премиум артизан бренд на македонскиот пазар.
Новините кои „Бадел“ ги најавува со лансирањето на нови премиум производи се предвесник на она што е наша генерална стратешка определба. Подмладувањето на веќе препознатливите брендови и нивното репозиционирање во премиум сегментот. Иновациите се секако дел од оваа премиумизација, проширувањето на портфолиото и секако инвестицијата во нови премиум брендови - истакна Ивановски.
Веднаш по него на присутните им се обрати Дарко Кнез, Генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Бадел 1862.“
Ми претставува особена чест и ми е навистина драго што имам можност лично да ги претставам Korlat ракиите и ликерите пред македонската публика. Македонскиот пазар е особено важен за нас бидејќи сме присутни тука навистина долго време, имаме веќе изградена традиција и перцепцијата на македонскиот потрошувач е дека „Бадел 1862“ е домашен бренд што е факт со кој се гордееме.
Изминатите неколку години „Бадел 1862“ сериозно инвестираше во подобрување на квалитетот на целото портфолио, модернизирање на процесите на производство што на долг рок ни дава гаранција на задржување и подобрување на нашата лидерска позиција не само во Хрватска и Македонија, туку и во целиот регион.
Светските трендови на производство на жестоки алкохолни пијалаци нѐ носат во насока на креација на автентични, уникатни производи кои го претставуваат регионот од каде што доаѓаат во најдобро светло, што за нас се токму Корлат ракиите и ликерите. Искрено се надевам дека македонскиот потрошувач ќе ужива во нив – изјави Кнез во своето обраќање.
„Бадел 1862“ е најстариот и водечки производител на алкохолни пијалаци во Хрватска, кој со квалитетот на своите производи ја продолжува и усовршува богатата традиција наследена од реномираните компании Pokorny, Patria, Arko, Badel Vinoprodukt.
Компанијата го заснова својот развоен пат на традицијата и врвниот квалитет приспособени на актуелните трендови и очекувањата на новата генерација потрошувачи, како промотер на културата за пиење. Токму благодарение на ваквата деловна политика и инвестициите во маркетинг и иновации, таа е на водечка позиција во регионот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.