Сојузот на стопански комори на Македонија(ССК) одбележа 18 години постоење и делување во насока на креирање на подобро деловно окружување за раст и развој на бизнисите во нашата земја. По тој повод синоќа беше организирана свеченост со присуство на високи претставници на државниот врв, претседателот Стево Пендароски, премиерот Димитар Ковачевски, амбасадори и претставници на дипломатскиот кор, бизнис елитата, новинари...
Во своето обраќање пред присутните претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски истакна дека Сојузот е формиран во 2004 година како одраз на потребата која се појави за креирање на деловна мрежа што активно ќе работи на промоција и застапување на мали, средни и фамилијарни бизниси кои благодарение на добрите претприемачки карактеристики се поставија како носечки столб на македонската економија.
Со постоењето на Сојузот се афирмираше развојот и важноста на овие претпријатија и на претприемништвото, а беше и истакната потребата од промени и реформи на економските политики за создавање подобро деловно окружување за раст и развој на бизнисите. За да ја подобриме деловната клима потребна е системска и конзистентна политика која нема да се менува при промена на владата или на премиерот. Бизнисот има потреба од политичка стабилност, правна сигурност, владеење на правото и правната држава, тоа е она на што треба да биде приоритет за креаторите на политиките, на деловниот свет на сите чинители во општеството доколку сакаме да постигнеме поширок општествен напредок, да ги задржиме младите дома и да изградиме подобро место за живот за сите. Како приоритети на кои заеднички треба да работиме ги издвојуваме справување со енергетската криза, обезбедување на ланци за снабдување со храна и унапредување на регионалната соработка. Мерки и политики за овие приоритети се потребни веднаш, бидејќи нема повеќе време за чекање, кажа Ангелоски.
По повод одбележување на годишнината од основањето, Сојузот додели Плакета за истакната соработка на Управата за јавни приходи и на Царинската управа, како и Плакета за личен придонес во развојот на Сојузот на поранешниот претседател Златко Калеников.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.