Поставување на основата за подготовка на интегрирана Национална стратегија за обезбеденост со храна во Северна Македонија ќе биде во фокусот на нов проект на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).
Генерално, проектот има за цел да го реши идентификуваниот недостаток на стратешка рамка за обезбеденост со храна во Македонија преку поддршка на Владата да ги подготви релевантните документи, студии и анализи потребни за развој на првата Национална стратегија за обезбеденост со храна во државата. Проектот е дел од Регионалната иницијатива на ФАО за трансформација на системите за храна и олеснување на пристапот до и интеграцијата на пазарите и се очекува да биде завршен до средината на 2023 година.
Последиците од пандемијата со Ковид-19 продолжуваат да ги дестабилизираат пазарите и да ги изложуваат слабостите во нашите системи за храна. Тековната војна во Украина дополнително ја компромитира глобалната обезбеденост со храна, загрозувајќи ги животите и егзистенцијата на луѓето ширум светот, вклучително и во Македонија. Синџирите за снабдување со храна, домашни и меѓународни, се нарушени и продолжуваат да влијаат на глобалните цени на житото, ѓубривата и енергијата. Меѓународните цени на храната постојано растат, зголемувајќи го и онака тешкиот товар врз глобалната обезбеденост со храна. Покрај тоа, растечката фреквенција и интензитетот на екстремните климатски настани продолжуваат да бидат главна пречка во синџирите на снабдување и проблем во обезбеденоста со храна.
По повод започнување на проектот, Ченг Фанг, економист од регионалната канцеларија на ФАО за Европа и водечки технички експерт на проектот, истакна дека „постои јасна потреба да се обезбеди перспектива кон сигурна обезбеденост со храна за македонскиот народ во иднина, имајќи ги предвид глобалните и регионалните предизвици, вклучително пандемијата Ковид-19 и војната во Украина“.
Поконкретно, во тесна соработка со Мрежата за рурален развој на Македонија, преку консултативен и партиципативен процес, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе работат на собирање на потребни национални податоци за обезбеденост со храна и здрава исхрана, како и на детална анализа на релевантните национални политики, кои ќе послужат како основа за нацрт на идната Стратегија за обезбеденост со храна. Дополнително, ќе се спроведе институционална анкета за да се подготви предлог за воспоставување на постојан меѓу-институционален национален координативен механизам како главно државно тело во кое ќе бидат вклучени сите засегнати министерства и државни агенции кои ќе бидат одговорни за стратешкиот надзор на спроведување на националната стратегија, закони, политики и програми поврзани со обезбеденост на храната.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.