Македонија

Криза во Украина: Колку ни се полни стоковите резерви?

02 мар 2022

Дали државата има доволно стокови резерви за да ги покрие потребите на граѓаните и дали ќе има потреба од интервентен увоз? Воената кризата со Украина се надоврза на мерките кои почнаа да важат од вчера (одмрзнување на цените, ограничување на трговските маржи) па граѓаните во паника почнаа дома да трупаат резерви од брашно и други прехранбени производи. 

Надлежните уверуваат дека државата има доволно резерви за да не се појави недостиг, а компаниите имаат доволно резерви да ги покријат потребите на пазарот. Колку жито има во државните складишта не се кажува, бидејќи количината на стокови резерви е класифицирана информација. Залихите на пченица и брашно кај правните лица (компаниите) се за 30 до 45 дена, е информација што ја сподели Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за мелничко - пекарска индустрија во Стопанската комора на Македонија. Нашите стопанственици се секогаш во состојба да набават дополнителни количини за потребите на индустријата како и населението,уверува Малишиќ. 

Нема место за загриженост на граѓаните и не треба да се шири непотребна паника, како што се ширеше минатата година, кога се појави вирусот и кога граѓаните настојуваа да се снабдат со намирници за подолг период. Стоковите резерви по закон се покриени со сите количини што треба да ги има во складовите на Агенцијата, а уште толкава количина имаме и кај приватните складиштари, што значи дека не сме во кусок,вели Реси Абдурахмани, директор на Агенцијата за стокови резерви.

Дека државата има доволни стоковни резерви за задоволување на потребите на граѓаните, тврди и претседателот Стево Пендаровски. Според него, проблем може да настане доколку кризата во Украина потрае подолго и тогаш ќе бидат потребни интервентни увози. Процените се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во стоковните резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентни увози. Србија донесе одлука да не прави извоз на животно битни ресурси. На берзите се качија цените не само на нафтата туку и на житото, рече Пендаровски за „Утрински брифинг“.

Кризата на светско ниво ги зголеми стравувањата за залихите на житарици, како пченица и пченка, како и маслодајни семиња. На берзата за жито во Чикаго, цените сè уште растат откако во петокот достигнаа највисоко ниво во последните 12-13 години, а цените на пченката исто така се зголемија. Русија и Украина заедно сочинуваат околу 30% од светскиот извоз на пченица, речиси една петтина од трговијата со пченка и околу 80% од извозот на сончогледово масло. Храната е вториот најважен извоз на Украина - по железото и челикот. Двете земји се клучни снабдувачи на пченица за Блискиот Исток и Европа. Турција и Египет се најголеми увозници на руската пченица. 

Нашиот пазар со жито главно се снабдува од Србија, Хрватска, Бугарија. Владата формираше различни работни групи кои ја следат состојбата и го анализираат пазарот. 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...