Македонија

Странските компании бараат финансиска помош од Владата

30 Dec 2021

Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора ја презентираше анкетата за странските директни инвестиции во земјава со посебен осврт на актуелните состојби, остварените резултати и очекувањата за идната година.

Анкетата ја презентираа Виктор Мизо, претседател и Боријан Борозанов, потпретседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

Анкетата која е спроведена во првата половина на месец ноември годинава вклучува одговори на 72 % од анкетираните производствени компании кои се лоцирани во и вон ТИРЗ-овите во сите плански региони од државата. Претежно тоа се компании од автомобилската индустрија коишто минатата година заедно имале 20.700 вкупен број на вработени.

75 % од испитаните странски инвеститори во земјава повторно би инвестирале во земјава, а како најголем ризик за развојот на нивните компании гледаат во недостигот на стручна работна сила, правната неизвесност и предвидливоста на економската политика, неефикасноста на јавната администрација, недоволна административна грижа и поддршка на оперативно ниво, како и неисполнување на дадените ветувања и договорните обврски од страна на државата. Главни конкурентски локации на РС Македонија се Србија, Бугарија и Мароко.

Во однос на остварените резултати во тековната година, над половина од испитаниците или 54% забележале пад на обемот на планираното производство и извозот помеѓу 10-35%, како резултат на намалените нарачки од странство, недостатокот на суровини и репроматеријали и пречките во нормалното одвивање на транспортот. И покрај ваквиот пад на обемот на производство бројот на вработени останал релативно стабилен со пад од само 1,7%. Ова ја покажува општествената одговорност и грижата за своите вработени кои дури и во услови на пролонгирана и намалена економска активност компаниите ги задржале на работа своите вработени и користат начини за дообука и доусовршување за нивна подобра продуктивност и ефикасност во посткризниот период. На пазарот на трудот, компаниите најтешко доаѓаат до инженерски и технички кадар, а најлесно до административен кадар. Како причина за недостатокот на работна сила се посочуваат: одливот на кадарот во странство, недоволното практично искуство и знаење и несоодветното стручно образование на потенцијалната работната сила на пазарот на труд и ниската мобилноста на работна сила за прифаќање на работа надвор од главниот град.

На прашањето за финансиската поддршка и државната помош која ја добиваат, вкупно 93% од анкетираните компании сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од пандемијата, пред се наменети за одржување на бројот на вработените, субвенционирање на трошоците за електрична енергија, како и за намалување на увозните царински давачки за компоненти наменети за технолошко напредно производство- процес кој што е започнат и се очекува негова имплементација со законско решение во почетокот на 2022 година.

Умерени се и одговорите за очекувањата на компаниите за 2022 година. 39% од испитаните компании очекуваат приближно исти приходи, раст на приходите од 10-30% очекуваат 40% од анкетираните компании, а намалување од 10-30% прогнозираат 21% анкетирани компании.

Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора  се заблагодарува за досегашната соработка со државните надлежни институции и за следниот период укажува на потребата од уште поефикасна институционална поддршка. Вакви анкети Асоцијацијата планира да прави секоја година.

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...