Македонија

Едно евро за почеток на бизнис?

09 Feb 2021

Секој што има идеја за водење бизнис, ќе може со само едно евро да основа друштво со ограничена одговорност, предвидува предлог-законот за измена и дополнување на Законот за трговски друштва.

Предлог-законот денеска го помина првото читање пред собраниската Комисија за економски прашања.

Со предлог-законот се овозможува намалување на износот на глобите за трговците, доколку во согласност со Законот за трговските друштва тие се класифицирани како микро и мали, додека за другите трговци, класифицирани како средни и големи, износот на глобата се предлага да биде зголемен. Воедно, значително се намалува износот на глобата за членови на орган на управување во акционерските друштва, доколку во конкретно определени случаи постапуваат спротивно на одредбите од Законот, поради што се воведува мерка забрана за вршење должност во траење од една година, заедно со изречената глоба, доколку прекршокот биде повторно направен од членовите на органот на управување, рече заменик-министерот за економија, Зоран Маневски, образложувајќи го предложеното решение.

Пратеникот Панчо Минов го поздрави решението, оцени дека е правично и нуди низа други поволности, освен потребата на почетен капитал од само едно евро за почеток на бизнис.

Предлогот овозможува регистрирање што повеќе вршители на дејност, но и надминување на сивата економија. Дополнително, освен „едно евро“, се уредуваат и поволности во финансиското работење. Евентуалните штетни, неповолни договори во однос на ликвидноста и финансиското работење на трговските друштва, сега се ствааат во надлежност на органот за управување со хартии од вредност. Тој ќе ја следи состојбата на кое било прекршување на законот од управните или надзорните органи. Членови на надзорните и извршните органи се санкционираат и со глоба, но ако го повторат прекршокот, им престанува должноста. Всушност, има олеснување на казните и превентивно дејствување, но ако прекршокот се повторува, казните се порестриктивни. Построга казна не се изрекува како досега, директно, туку дури откако ќе има повторување на прекршокот на одговорното лице во трговското друптво. Исто така, за малите претпријатија казните се намалуваат, а за средните и големите се зголемуваат. Нема да се казнуваат еднакво, туку во зависност од големината, истакна Минов.

Членовите на комисијата се согласија дека и предлог-законот е прифатлив и може да се даде на натамошно, второ читање.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...