Додека членките на ЕУ рециклираат 70% стаклена амбалажа годишно, во Србија таа бројка изнесува 44%, во С. Македонија 30%, а во БиХ 12%, беше посочено на регионалната онлајн-конференција, на која беше презентиран проектот „Управување со стаклено пакување на Западен Балкан“.
Проектот е инициран од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), во соработка со операторите за отпад од пакување – „Секопак“, „Пакомак“ и „Екопак“, и е спроведен во Србија, С. Македонија и во БиХ. Партнери се здруженијата НАЛЕД, „РедаХ“ и „Зелс“.
Германија е целосно посветена на поддршка на партнерите од Западен Балкан во решавањето на еколошките предизвици. Во секторот управување со отпад, многу земји во Европа се соочуваат со низа тешкотии, особено кога станува збор за отпад од пакување. Овие предизвици бараат здружена сила и моќно и трајно партнерство. Затоа, германската развојна соработка ги поддржува партнерите да овозможат економски ефикасен синџир на вредности за рециклирање стакло, рече Кристијан Шилинг, раководител на одделот за развојна соработка во Германската амбасада во Белград.
На настанот беше посочено дека за да се подобрат рамковните услови за воспоставување на економски вредносен синџир на рециклирање стакло во регионот, клучно е да се зголеми количеството на собрано стакло и да се постават предуслови за повторна употреба на стаклен отпад.
Количествата стакло што од комуналните служби ги собираат операторите на амбалажен отпад во Србија, С. Македонија и БиХ се недоволни и под капацитетот на рециклажните погони. Поради тоа, стаклото сѐ поретко се носи на рециклирање, а трошоците за транспорт стануваат поголеми. Една од главните цели на овој регионален проект е да се зголеми просечното количество на собран стаклен отпад во сите три држави за околу 20%. За почеток се вклучени пилот-општините Штип и Илинден (С. Македонија), Ниш и Сомбор (Србија), Бихаќ и Нови Травник (БиХ), појаснуваат носителите на проектот.
Според нив, општините се најповикани да дадат поддршка на заложбите за постигнување на европските стандарди на национално ниво и да се обезбеди масовно вклучување на населението во активностите за селектирање стаклена амбалажа. Во таа насока, за Илинден и Штип се обезбедени 78 контејнери за собирање отпад од стакло, распоредени на најсоодветни места во овие две општини.
Заклучокот од конференцијата е дека мора да се направи чекор кон профитабилна циркуларна економија во регионот. Проектот за управување со пакување на стакло се спроведува во рамките на програмата за развојна соработка со приватниот сектор – develoPPP.de, финансиран од германското сојузно министерство за економска соработка и развој.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.