FMCG Македонија 2024

10 FMCG Summit: Настан кој ги даде одговорите на предизвиците на иднината

20 Nov 2024

На 10. FMCG Summit над 400 учесници, над 70 компании, во позитивна атмосфера, разменуваа идеи и искуства, имаа можност да слушнат инспиративни презентации, добија одговори на актуелните предизвици и создадоа нови деловни партнерства.

Десетта година по ред, крајот на месецот октомври го одбележува најголемиот трговски настан на годината - FMCG Summit во организација на магазинот InSore и агенцијата „Кликер маркетинг“. Во хотелот „Александар палас“ годинава над 400 учесници, над 70 компании, во позитивна атмосфера, разменуваа идеи и искуства, имаа можност да слушнат инспиративни презентации, добија одговори на актуелните предизвици и создадоа нови деловни партнерства.

Со 11 инспиративни говорници, 4 панелисти, 19 спонзори и 4 ритеил-партнери, повторно докажавме дека FMCG Summit e настан кој ги носи промените во FMCG-секторот.

Повторно на едно место ги обединивме трговците, дистрибутерите, производителите и со 10. FMCG Summit повторно докажавме дека секоја година ги поместуваме границите.

           

Овозможивме учесниците на 10. FMCG Summit да ги слушнат најактуелните теми и да видат одлични говорници, кои ги презентираа своите искуства и најновите трендови кои се клучни за компаниите успешно да се приклучат во современите трговски текови.

На маргините на самитот се одржа панел-дискусија на тема: „Како до фер-плеј во малопродажниот сектор?“, на која модератор беше Горан Теменугов, а учесници беа заменик-министерот за економија Марјан Ристески, Драган Иванов, генерален менаџер на СИЗ–ЛКА, Џемаил Даут, генерален менаџер на „Даути комерц“, и Виктор Петров, генерален менаџер на „Випро“.

        

По традиција, јубилејниот самит го отвори директорка на магазинот InStore и на „Кликер маркетинг“, Верица Мартиновска, која нагласи дека веќе тринаесет години работат на поврзување на компаниите од просторите на поранешна Југославија.

          

Се радувам што по десетти пат ве поздравувам од оваа иста сцена. Се обидовме и годинава да подготвиме интересна програма, која балансира помеѓу темите за иднината, кои ни укажуваат кон каде треба да се стремиме, што треба да развиваме, да воведуваме во работата на своите компании и темите кои нѐ соочуваат со реалноста и со актуелните предизвици, истакна Мартиновска, им се заблагодари на спонзорите за долгогодишната поддршка на FMCG Summit и им додели благодарници на компаниите „Атлантик група“, „Пакомак“, „Прилепска пиварница“, „Даути комерц“ и НЛБ банка.

         

Учесниците на 10. FMCG Summit имаа ексклузивна можност да го проследат предавањето на Виторија Гамбираси, која е маркетинг-професионалец и бизнис-консултант со повеќе од две децении меѓународно искуство.

„Вештачката интелигенција и иднината на иновациите во областа FMCG“ беше темата за која Гамбираси преку одлична презентација и лични примери од нејзиното долгогодишно работно искуство посочи како ВИ ќе го обликува трговскиот сектор во периодот што ни претстои.

           

Брзината ќе ги одреди победниците, најголемата можност од ВИ е иновацијата, заклучи Гамбираси на крајот од своето предавање.

Вонредната професорка по маркетинг на Бизнис-школата во Копенхаген, Селма Кадиќ-Маглајлиќ, даде увид за тоа како B2B менаџерите за набавка сè повеќе го контролираат процесот на продажба.

        

Иднината на В2В продажбите е хибридна. Сѐ повеќе В2В купувачи користат различни канали, тоа мора да го прават и В2В продавачите, истакна Кадиќ-Маглајлиќ.

Директорот за корпоративен маркетинг и ПР во „Малиќи груп“, Душан Марковиќ, говореше за моќта на брендирањето, посочувајќи го примерот со брендирањето на Magic, кој започна нова ера под капата на „Малиќи груп“.

Брендот е повеќе од само име, лого, фонтови и бои. Брендирањето претставува создавање емоционална врска со купувачите, истакна Марковиќ.

Сопственичката на „Абилитис“, Елизабета Јовановска, ги сподели инклузивните практики и потребата од вработување на лицата со попреченост, како и важноста од олеснување на процесите за отстранување на инфраструктурните проблеми и дискриминацијата.

           

Менаџерот за логистика во „Нелт СТ“, Методија Христовски, ги сподели неговите искуства од дигитализацијата на процесот на испорака на стоки. Тој истакна дека дигитализацијата на процесот на испораката на стоки придонесува за транспарентност, следливост, разделување на материјалните и финансиските документи, брзи решенија, зголемување на задоволството на сите корисници и заштита на животната средина.

За тоа дали го имаме вистинскиот производ на вистинското месо по вистинска цена, одговорите ги даде презентацијата на директорот на „Абнормал“, Кристијан Матијашевиќ.

Паметните цени се наше оружје да ја надмудриме конкуренцијата, потенцираше Матијашевиќ.

За клучните искуства стекнати од примената на системите за управување со складиште (WMS) и транспорт (TMS) говореше Сеад Делалиќ, директор за AI/ML во „Инфо студио“.

Модерните решенија треба да бидат во спој со искуството, посочи Делалиќ.

           

Основачот на „Дата сенс“, Марио Корбар, во својата презентација го прикажа придонесот на контролингот во одржливиот развој на компаниите и како тој помага во подобрување на деловните процеси и во донесувањето стратешки одлуки во компаниите.

Сопственикот и генерален директор на „Инсајдер Ид“, Сергеј Зафироски, во неговата презентација се фокусира на анализа на македонските потрошувачи, истакнувајќи ги економските фактори што влијаат врз одлуките за купување, особено кога станува збор за секојдневните неопходни работи. Тој ги сподели податоците од истражувањата што ги работеле во изминатиот период.

Анита Спасовска, генерален менаџер на „Вајс консалтинг“, преку својата презентација ни откри како да ги надминеме предизвиците и да станеме велемајстор во преговарањето.

НЛП е како шаховска стратегија, алат кој ни помага да разбереме како да комуницираме, да се приспособиме и да постигнеме успех во преговорите, истакна Спасовска.

Првпат оваа година на FMCG Summit воведовме апликација преку која учесниците можат во текот на целиот FMCG Summit да бидат активни преку коментари и поставување прашања на говорниците и на панелистите.

По традиција, ги доделивме признанија за најдобрите менаџери и најдобрите од продажниот персонал на компаниите. Признанија за најдобар менаџер за набавка добија Соња Дамчевска од „Веро“ и Јованка Трајкова од „Рептил маркети“, а за најдобри од продажниот персонал беа прогласени Елизабета Младеновска од „Веро“ и Елена Трајковска од dm дрогерие маркт. Доделивме награди и за најсреќните посетители, кои си заминаа со полни колички со производи од „Кам“, „Лка“ и dm дрогерие маркт.

        

За 10. FMCG Summit ќе се зборува долго, импресиите ќе се споделуваат меѓу учесниците. Десетта година по ред им овозможуваме на учесниците да ги проследат најсовремените трендови што ги применуваат компаниите во нивното работење и да создадат нови деловни можности за успех и пораст на своите бизниси, а ние од магазинот InStore и агенцијата „Кликер маркетинг“ започнавме да се подготвуваме за следната заедничка средба, на 11. FMCG Summit.

 

РЕКОА ЗА САМИТОТ

 

Гоце Вангеловски, генерален директор на „Кола“

Веќе неколку години го следам FMCG Summit и прилично сум запознат со содржините и концептот, а оваа година прв пат присуствував на самитот. Сум присуствувал на многу други настани и конференции, но тоа што за мене го издвојува FMCG Summit  е конкретноста на темите, говорниците и презентациите кои ги видов. За разлика од други настани, каде што главно се коментираат веќе генерални и доста разработени теми, на овој настан бевме сведоци на конкретни теми поврзани со секојдневниот професионален живот на учесниците на самитот.

Дополнителна вредност на овој настан додаде и тоа што говорниците беа од подрачјето на Балканот, со кој делиме слични вредности предизвици. Тоа ни даде можност да видиме како блиското опкружување се справува со предизвиците кои ги живееме.

Тоа што би можело да се подобри (не е критика туку само забелешка на тоа што ми недостигаше на крајот) се поконкретни заклучоци од панел дискусијата.

Во врска со фокусот за идните FMCG самити, сметам дека би било корисно да се разработуваат темите за потрошувачките навики, промените кои се случуваат во актуелниот период, како и примената на дигитализацијата, big data  и ВИ во FMCG секторот.

 

Даниела Савеска, директор за набавка во „Рамстор“

Најпрвин честитки  за јубилејниот  успех. Kако учесник во речиси сите претходни FMCG самити,  само кратко ќе потврдам дека на последниот времето помина најбрзо, што значи успешно се задржа интересот до самиот крај.

Годинешниот 10 FMCG Summit беше одлична платформа за откривање на нови можности за раст и иновации во FMCG секторот. Од одржливите иновации до дигиталната трансформација, самитот ја потврди важноста на прилагодувањето на компаниите кон новите навики на потрошувачите и постојаното развивање на своите бизнис модели во согласност со најновите трендови и технологии.

Самиот настан  има значење на ниво што е важно да си дел од него, бидејќи можат да се слушнат најновите трендови кои се клучни за трговците, како и да се дискутира за најактуелните теми,проблеми  и искуства.

Исто така, FMCG самитот е  важен за сите учесници во индустријата, бидејќи нудат уникатни можности за учење, мрежно поврзување и склучување нови партнерства, што може да доведе до значајни деловни можности.

Одлични беа избор на говорниците и темите за презентација, пофалба за панел дискусијата, со забелешка, апликацијата која беше воведена за прв пат да се искористи поактивно, во смисла да има подирекни прашања за сите учесници и одговорите на истите да стигнат во реално време.

 

Глорија Стојкова, маркетинг менаџер  во „Колид с тим“

FMCG Summit е организиран на високо ниво, со голем број на професионалци и можност за вмрежување како една од најголемите придобивки.

На овој самит се презентираат последните трендови од индустријата, однесувањето на потрошувачите поткрепено со статистика, исто и иновациите како кај производите така и во процесите. FMCG Summit  претставува годишен собир на сите компании од индустријата и е еден вид платформа за вмрежување.

Од 10 FMCG Summit посебно го издвојувам тоа што имавме можност да слушнеме различни ставови од сите засегнати страни во врска со новиот Закон за нефер трговски практики.

На следниoт FMCG Summit  би сакала да има повеќе едукативни предавања, споделување искуства на големи локални компании како се справуваат со одредени предизвици, како и повеќе интеракција со учесниците на самитот во текот на панелите

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...