Вчера се простивме со г. Гоце Камчев. Среќна сум што го познавав и жалам што немав повеќе прилики за разговор.
Автор: Верица Мартиновска, директорка на InStore - Македонија
Беше решителен и упорен човек, посветен на работата, неуморен и на неговите 77 години. За некого можеби далеку од совршен, но несомнено човек со принципи и вредности, доследен на своите верувања.
Поминаа многу години од издавањето на InStore додека не се запознав со г. Камчев и тоа прво преку посредник, преку списанието, па телефонски и на крај лично. Долги години со стравопочит слушав за човекот што стоеше зад компанијата со сосема различна корпоративна култура, со сосема различни правила на игра од оние што се практикуваат на нашите простори. Замислував некој крут и строг човек, не многу отворен за нови работи, на кој ми беше страв и да се обратам.
Случајно дознав дека и после многу години од издавањето на InStore, г. Камчев не го знаел списанието. Неговите канцеларии биле на друга локација, нашето списание не било адресирано лично до него, и така со години, ние мислиме дека нѐ чита, а тоа не било точно. Собрав неколку различни изданија, му ги испратив и после неколку дена добив повратна информација дека е воодушевен од списанието. „Изненаден сум, многу е стручно, многу писмено напишано“ беа дел од неговите зборови, што засекогаш ќе останат со мене.
Така почна нашата соработка. Првин со неговото единствено интервју дадено за медиум кое го објавивме во 100 број на InStore, па после и преку рекламирање во InStore и спонзорирање на FMCG Самитот.
Беше многу непосреден и директен. Кога прв пат му се јавив на мобилен, после подолго двоумење треба или не треба да му вртам, со заклучок дека морам, тој ме пречека насмеан, со зборовите „Добар ден. Од кај знаеш дека тебе те барав? Баш сега за тебе зборувам.“ Не можете ни да го замислите моето изненадување.
Секогаш беше конкретен и јасен. Па така и двата пати, кога го поканив за интервју во InStore и за говорник на самитот, веднаш добив позитивен одговор. Без „да размислам, ќе видам, ќе ти јавам..“ Точно знаеше што сака, што не сака.
Круната на нашата релативно куса, но многу успешна соработка, требаше да биде неговото гостување на 8 FMCG Summit, нешто за што и тој многу се радуваше, но не се случи.
Жалам што публиката немаше прилика да чуе макар дел од сето она што ние го разговаравме кога ги договаравме прашањата за она што требаше да биде интервју во живо. Тоа за мене (и за колешката Алма Растодер) беше неповторливо искуство. Разговаравме речиси три часа за неговиот деловен пат, за FMCG бизнисот кај нас и во светот, за макроекономските услови, законите, за работењето на „Кам“. Тој беше воодушевен од нашето познавање на FMCG бизнисот, а ние од него бевме целосно восхитени. Имаше размислувања како стар мудрец, а енергија за нови проекти и иновации како најсилниот млад човек. Широки познавања, жед за нови знаења, верување во носење одлуки на база на анализи (со одамна воведен контролинг во работењето), заразен ентузијазам. Имаше планови уште за многу години.
И да, можеби беше строг и непоколеблив за работите кои не му се допаѓаа, но токму поради тоа, неговите убави зборови за InStore и нашето работење, ми значат многу повеќе.
Лесна му земја и нека му е светол патот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.