Маалска продавница

Претставуваме: „Трено комерц“ – Берово

22 Feb 2019

Ризикот ја направи локален бренд

Освен локалните жители, редовни муштерии се и туристите, кои знаат дека во „Трено“ секогаш ќе најдат свежо месо, но и сè друго што им треба

Разговараше: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Приказната на „Трено комерц“ е пример за тоа како млади луѓе можат да направат успехот да стане голем и во мал град каков што е Берово. Продавницата ја ситни втората деценија од своето постоење и за тоа време порасна од 70 м2 на 135 м2 (и уште толку магацински простор). Од првичните тројца, сега има 11 вработени.

Сопственикот, Влатко Треновски, по дипломирањето во Скопје не сакал да остане, како многумина, да ја бара среќата во главниот град. Се вратил да работи во Берово.

Тогаш имавме фарма за свињи. Прво отворивме месарница. Имаше и некои основни прехранбени артикли. Убаво ни тргна. Покрај месото, муштериите почнаа постојано да бараат нови производи. Бидејќи објектот е наш, без проблем го проширивме. Во овие 11 години реновиравме осум пати, раскажува Влатко.

„Трено комерц“, лоцирана на ул. „Задарска“ бр. 37 (веднаш спроти Здравствениот дом во Берово), е месарница-маркет. Свинското месо е од сопствено производство на свињарската фарма „Жито Малеш“ во Берово. Телешкото го набавуваат од локални добавувачи. Само пилешкото е увозно. Со свежо месо ги снабдуваат локалните угостителски објекти, но испорачуваат и во Кочани, Штип, Делчево, Македонска Каменица, Струмица и во Кратово.

Секој нов маркет што ќе се отвори во нашиот мал град значи и борба со цени, борба за вработени. Нас тоа не нè засега. Ние сме фокусирани на муштеријата – да биде убаво пречекан, да биде услужен, да му биде пријатно кај нас и да излезе задоволен.

Влатко го води бизнисот заедно со сопругата Фросина. Таа нагласува дека дуќанот напредува затоа што постојано се инвестира во него. Наспроти оние што сметаат дека поголемо вложување во продавница е непотребен ризик, Треновски увиделе дека влогот всушност им помогнал во работата.  

Ни оди подобро откако се проширивме. Сега имаме повеќе од 10.000 артикли. Посебни се коморите за месо, посебни се за сувомесните производи. Кај нас не се меша месо со риба или со стек. Имаме колички за пазарување и две каси, по колку што има и во синџирите маркети во Берово. А ние сепак не сме синџир, вели таа.

Секој сантиметар во продавницата е максимално искористен. Рафтовите се беспрекорно наредени, чисто е и прегледно. На нив има се: прехранбени производи, хемиски производи, но и сезонска стока – училиштен прибор во септември, велигденски или новогодишни украси. Впрочем, и мотото на маркетот е: „Повеќе од тоа што го сакате“.

Секогаш ги следиме трендовите. Гледаме што недостига на пазарот во Берово и тоа го носиме кај нас. Многу внимаваме на роковите. Стоката се продава по цената што ја пишува на рафтот. Користиме социјални мрежи. Концептот на функционирање сами го направивме преку долгогодишното искуство и се покажа како успешен, вели Влатко.

Него не го плаши нaвaлата на синџири маркети. Вели дека ако останеле типична маалска продавница, досега сигурно ќе ставеле клуч на врата. Наместо тоа, тргнале спротивно – се издвоиле од конкуренцијата по асортиманот, инвестициите во дуќанот, љубезен пристап кон муштериите и поради сето тоа, „Трено комерц“ израсна во локален бренд во својата област.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...