Со упорност се надминуваат предизвиците
Посетата на македонскиот бисер Охрид секогаш е убаво доживување кое нè исполнува со енергија, иако работењето во него честопати е исполнето со подеми и падови. По 12 години работење „Алексана пром“ може да се пофали со полни полици и лојални и задоволни потрошувачи
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
Тоа што може да се забележи при првото влегување во продавницата „Алексана пром“ во Охрид е уредноста, полните полици со разновидни производи и добрата услуга. Во разговорот со сопственикот Никола Коровеш повремено се вклучуваа и ќерките Александра и Ана, кои дадоа поинаква енергија и кои расположено се согласија да се фотографираат.
Продавницата работи 12 години. Семеен бизнис кој го почнавме со сопругата, а децата кога пораснаа, почнаа и тие да помагаат. Идејата за отворање на продавницата дојде случајно. Поминувајќи на ова место видов дека овде едноставно недостига продавница и дека има перспектива за развивање таков мал бизнис, ја почна приказната сопственикот на „Алексана пром“, Никола Коровеш.
Дуќанот, кој се наоѓа на Јане Сандански бр. 62 во Охрид, има 30 квадратни метри и магацин од 14 квадратни метри. Надвор има простор за продавање зеленчук и овошје и фрижидери за пијалаци. Секогаш се трудиме и тој дел од продавницата да биде еднакво полн со производи, како и полиците внатре, додава Коровеш.
За опстојувањето на маалската продавница многу значајна е локацијата, со што се сложи и Никола. Тој додаде: Во близина на продавницата има кафеани, аптека и бутици и едноставно што недостигаше е мала продавница која ќе понуди брза и добра услуга. Поради фреквентноста и на другите објекти, големиот број на вработени и луѓе што поминуваат тука, очекувано е да дојдат и да го посетат дуќанот и да купат нешто.
Како и секој почеток, разработувањето на оваа продавница одело тешко. На почетокот Никола се грижел за набавката, снабдувајќи се со стока од магацините на големо.
Сега е полесно, дистрибутерите доаѓаат и ги носат производите до нашата продавница. Со нив комуникацијата и соработката се одлични, така што и работењето ни е олеснето, додаде Никола.
Никола смета дека сепак постои лојалност кај потрошувачите, дека сè уште постојат потрошувачи кои секојдневно се враќаат. Тоа го потврдува и од искуството во „Алексана пром“, каде што се чести лојалните потрошувачи, тие што секојдневно пазаруваат.
За да станат лојални, потрошувачите бараат да добијат сè: пристапна цена, полни полици, добар однос и коректна комуникација. Иако денес е дојдено такво време што сè потешко се остварува коректен однос меѓу луѓето, особено тоа го гледам кај помладата популација, објаснува Никола. Тој додава дека во тој поглед досега немал проблем бидејќи целото семејство е ангажирано во работата, а и вработените се добри и имаат остварено добра комуникација со потрошувачите.
Во поглед на цените, пак, познато е дека секогаш се прават големи пресметки. Никола потврдува дека цените се тие поради кои потрошувачите се одлучуваат кој производ да го купат, за нив тие се битни. Меѓутоа, нагласува дека не треба да има драстични разлики во цените бидејќи тоа потрошувачите веднаш го забележуваат.
Од производите најмногу се трошат основните производи, како и чоколади, кроасани, чипсови, кафиња, газирани и негазирани пијалаци, алкохолни пијалаци...
Во период од 12 години работење во овој бизнис, Никола се соочил со многубројни предизвици, кои ги надминал со поддршка на семејството. Бидејќи во работењето се вклучени и ќерките, се надева дека во иднина ќе се грижат за тоа што е веќе создадено од него и од сопругата. А како совет за нив, но и за другите што напорно работат одржувајќи маалска продавница, им порачува: Бидете упорни и секогаш внимавајте на нарачките.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.