Гостин-воведничар: Сашко Самарџиоски, генерален директор на „Прилепска Пиварница“
Добро е и позитивно да се дебатира и да се дискутира, сето тоа има конструктивна тенденција и води кон наоѓање на нови решенија. Наша секогаш актуелна тема е пазарот и потрошувачите. И редовно на тоа следат заклучоците, да, глобално се соочуваме со криза, а најголемиот удар е на малите пазари, да, купувачката моќ на домашните потрошувачи е намалена, да, пазарот е заситен, а потенцијалите се варијабилни и непостојани. Сето тоа се факти со кои се соочуваме секојдневно, но да бидеме реални – тоа не се само наши факти и состојби. И можеме слободно да ги наречеме пречки што треба да се преминат за да се стигне некаде подалеку.
Во ситуација како нашата, примарно е обработување на традиционалните пазари и искористување на максимумот од она што пазарот го нуди како потенцијал, а тоа значи инсталирање во сите продажни и дистрибутерски канали, ширење на продажниот асортиман што се пласира на тој пазар и слично. Што се однесува за освојувањето на нови пазари, не се запоставени за сметка на првите. Напротив, на ова поле треба перманентно да се работи, без разлика дали се работи за ситуација на криза или за стабилни економски околности.
Силната конкуренција е предизвик за сите нас. Тоа е вистински начин да покажеме колку умееме, а не само колку знаеме. Силната конкуренција значи дека треба да се следат новитетите. Во услови на криза, креативноста на една компанија се гледа токму преку комуникацијата на производите и брендовите. Позиционирањето зависи од вашата политика, начин на работа, свесност за вистинската вредност на вашата работа и производот што го нудите. Колку ќе успеете да ја добиете довербата на потрошувачите, колку повеќе се зборува за вашиот квалитет, начин на комуникација, толку сте успеале во создавањето и развивањето на еден бренд.
Но, во сите можни сценарија, едно е сигурно, квалитетот на производот е точката од каде што почнува сè.
Секој производ почнува со низа ветувања што треба да се исполнат и да се гарантира квалитетот, пред сè. За добар производ и квалитет, пазарот е секогаш отворен, потрошувачите се полесно пристапни и свесноста за брeндот е голема, а тоа само по себе значи дека вредноста расте.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.