Како трговците да ја забрзаат испораката до дома?
Приреди: Тимот на InStore
Електронската трговија одеднаш стана примарен продажен канал како резултат на кризата предизвикана од коронавирусот и ритејлерите треба да најдат креативни решенија за да ја задоволат побарувачката на потрошувачите за основни, но и за несуштински производи. Во САД „Амазон“ најави одложување на пратките на несуштински производи, а постојат и ограничувања на количеството испорачани производи. На овој начин, задачата за доставување производи до крајните корисници станува сè потешка.
Синџирот на снабдување се соочува и со други проблеми како последица од коронавирусот, поради што мора да се испитаат нетрадиционални методи на складирање кои можат да обезбедат флексибилни и економични решенија.
Подемот на поп-ап дистрибутивните центри
Поп-ап дистрибутивните центри или центрите за микроскладирање (концепт за поставување мали складишни објекти на достапни урбани локации во близина до крајниот потрошувач) се појавуваат како една опција што може да реши повеќе предизвици при процесот на складирање и да се обезбеди навремена достава на производите. Поп-ап дистрибутивни центри можат да се основаат насекаде и да им помогнат на онлајн-трговците да ги приближат своите производи до потрошувачите. Традиционалните стратегии за складирање честопати се усогласени со поскапи стратегии и долгорочни обврски, додека поп-ат им нудат на многу трговци на мало флексибилност за брзо (и економично) доставување до крајната локација, особено во време на зголемени побарувања. Овој фокус на регионални складишта е клучен во време на кризи, како оваа со коронавирусот, за да го скрати синџирот на снабдување и да се осигури дека производите се колку што е можно поблиску до крајните потрошувачи.
Поп-ап центрите може да им донесат придобивки и на брендовите и на потрошувачите. Купувачите не се грижат за тоа што се случува зад сцената; тие сакаат навремена испорака на производите што ги нарачуваат, особено во сегашната состојба. Извештајот од PWC покажува дека 62% од потрошувачите очекуваат нарачките да бидат доставени во рок од два дена од порачувањето.
Поп-ап дистрибуцијата им овозможува на брендовите да ги насочуваат нарачките поефикасно и да ги скратат времето и растојанијата за складирање со стратешко дополнување на резерви во центрите за микроскладирање. Имањето повеќе точки од каде што се дистрибуира обезбедува континуитет на деловно работење и го намалува временскиот застој во складирањето. За специфични основни производи, брзината на испорака е од витално значење. Поп-ап дистрибутивните центри ги ублажуваат пиковите во поглед на географските локации и го преземаат притисокот од главниот центар за дистрибуција. Ова е економичен и ефективен начин на задоволување на побарувачката на потрошувачите во нетипични ситуации, како што е оваа во која се наоѓаме во моментов.
Не е нов тренд
Поп-ап дистрибутивните центри не се ново решение на пазарот. Центрите за микроскладирање се опција користена во неколку различни случаи. Првенствено, со нив се обезбедува максимално олеснување, особено околу сезоната на празници. Брендовите ја користат оваа стратегија да го пренасочат обемот подалеку од главниот центар за дистрибуција и да обезбедат континуитет на работењето и покрај големиот обем. Исто така, брендовите што сакаат да се пробијат во нов регион или сакаат да го имаат производот во доволно количини за настанот што го поддржуваат се одлучуваат за оваа опција.
Испорака до последната милја
Испораката до последна милја може да биде еден од најважните сегменти на синџирот на снабдување, а честопати и оној дел од процесот со кој потрошувачите доаѓаат во контакт. Сепак, испорачувањето до последната милја е честопати скапо и може да биде неефикасно. Експертите велат дека трошоците за испорака до последна милја претставуваат до 53% од вкупните трошоци за испорака. Во комбинација со неочекуваните фактори, како резултат на Ковид-19, рационализирањето на испораката од последната милја станува предизвик за трговците на мало. Токму затоа е добро да се имаат поп-ап дистрибутивни центри, бидејќи со нив се намалува синџирот на снабдување, а производите стануваат поблиски до потрошувачите. Попаметните синџири на снабдување ќе ја трансформираат испораката до последна милја преку децентрализирани магацини. Ова значи намалени трошоци за испорака на мало и побрза достава за нарачки преку интернет.
Оригинално користени како тактика за дистрибуција во време на временски непогоди или неделни пикови во е-трговијата, поп-ап дистрибутивните центри сега ги гледаме и како решение за брендовите кои се борат со проблемите предизвикани од коронавирусот и продолжуваат да ја задоволуваат побарувачката на потрошувачите. Со помагање на брендовите да ги доближат производите до нивната крајна станица за испорака, центрите за микроскладирање обезбедуваат ефикасна испорака до последната милја, што ги прави крајните потрошувачи среќни. Ова намалување на синџирот на снабдување е добивка и за брендовите и за купувачите и ќе продолжи да има вредност сè додека се соочуваме со влијанието на коронавирусот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.