Работење

Извезуваме: Позиционирање на австрискиот пазар

18 Mar 2016
 
За да се биде успешен кај големите синџири на маркети, освен квалитетот треба да се биде коректен и во поглед на количеството и цените на производите.
 

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

Австрија е држава во која успева иновативниот бизнис и која нуди висок квалитет на живот по релативно достапни цени. Централната локација овозможува директен пристап на пазарите во Југоисточна и Источна Европа. Австрија е втората по ред просперитетна држава во ЕУ, се карактеризира со пазар од 50 милиони луѓе, на радиус од 400 километри. Виена е втората најголема метропола од германското говорно подрачје и е рангирана меѓу најбрзо растечките градови во Европа.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија на странските пазари, во периодот од јануари до декември 2015 година, изнесува 4,05 милијарди евра. Во 2015 година од државата најмногу се извезувало храна и живи животни и пијалаци и тутун. Интересно е што Австрија, според вкупната вредност на директните инвестиции во Македонија во 2015 година, кои изнесуваат 516,3 милиони евра, е вториот најголем инвеститор во земјава. Но, во поглед на извозот на македонски производи во Австрија, во 2015 година тој изнесуваше 36,7 милиони евра и бележи опаѓање, во споредба со 2014 година кога изнесувал 38,1 милони евра.

За да дознаеме повеќе за сегашната состојба на македонските производи во Австрија и кои се можностите и придизвиците на компаниите од Македонија што сакаат да извезуваат на овој пазар позборувавме со Герхард Шлатл, трговскo аташе при Амбасадата на Австрија во Македонија. Главна задача  на трговското одделение е да ги поддржува австриските компании во извозот. Тоа е сеопфатна задача и почнува од наоѓање контакти на увозници и дистрибутери, поддршка при јавни набавки, како и помош при интервенции во јавните институции.

Исто така поддржуваме и австриски фирми, што сакаат да увезат производи од Македонија. Сепак овие барања се релативно мали. Во моментот на австрискиот пазар има мал број на македонски производи. Со тоа потенцијалот е сѐ уште неисцрпен, вели Шлатл.

Шлатл гледа можности македонските компании да извезуваат во Австрија, но според него тоа зависи од производот. Конкуренцијата е голема, затоа често е тешко пробивањето на нови извозници на австрискиот пазар, истакнува тој.

За влез на австрискиот пазар важат правилата на ЕУ, што често значат и строги законски одредби. По правило, не постои начин да се олесни процедурата за влез на пазарот по дипломатски пат.

Шлатл нагласи дека за извоз и пласман на странски производи во Австрија од голема важност се и прашањата поврзани со безбедноста на производите. На ова секако, треба да внимаваат и македонските извозници, бидејќи обезбедувањето на серитфикатите за безбедност на производот, им отвора многу врати, на домашниот и на странските пазари.

При пласмнанот на производите на странските пазари, секогаш е потребна длабинска анализа на потрошувачките навики.

Австриците ги ценат домашните и висококвалитетни производи, за кои се подготвени да потрошат повеќе пари. Процентот на лојални потрошувачи на домашните производи постојано расте, објасни Шлатл. Освен тоа, тој додава дека главната увозна категорија од Македонија за Австрија се обувки и гардероба, што претставува нишка каде Македонија има предност. Во другите категории австрискиот пазар е доста заситен и конкурентен, што го отежнува влезот на пазарот со нови производи.

Секако, ова е добро да се знае, бидејќи лојалноста на австрискиот потрошувач кон домашните производи е голем предизвик за македонските компании. Во овој случај решението на македонските компании би било засилена борба со конкуренцијата преку активна промоција на квалитетот на македонските производи. Освен тоа, потребно е оформување на понуда на традиционални производи, кои се воедно квалитетни, со иновативни и креативни пакувања и кои имаат силна приказна, како маркетиншка позадина.

Постои пазар за традиционалните производи како ајвар, млечни производи  итн. Важни, пред сѐ, се квалитетот и безбедноста на производот. Трговијата со прехранбени производи во Австрија е високо концетрирана. За да се биде успешен кај големите синџири на маркети, освен квалитетот треба да се биде коректен во поглед на количеството и на цените на производите. Ова се често големи предизвици за македонските извозници, додаде Шлатл.

Добрата стратегија и добро поставените цели се појдовна точка од која се развива компанијата, а развојот секогаш е поврзан со инвестирањето во квалитетот на производите, во нивна промоција на домашниот и на странските пазари. Австрискиот пазар бара многу, но продолжува да биде неисцрпен потенцијал за сите квалитетни производи кои го пробиваат патот и надвор од Македонија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...