Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Планирајте за да ви се случи непланираното

20 Nov 2017

Кога планирате, не правете листа на желби – направете листа на приоритети. Што треба да се направи денес, а што може да почека за утре (да, има и утре). И да не се занесуваме – нема секогаш да биде така како што сме испланирале. Но, поголемиот дел ќе биде.

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс"

Работниот ден забрзано почнува. Е-мејловите пристигнуваат како ролна од бесконечна хартија, која не престанува да се одмотува. Сите телефони што ги имате – ѕвонат, пиштат, пристигнуваат пораки, известувања, повици за помош... На масата седи еден, а пред врата, чекаат уште тројца. А, и шефот не е баш расположен.

Под услов да сте го преживеале работниот ден, на крајот ги собирате последните атоми од силата и од прегреаните мозочни виуги, се подготвувате да си одите дома. За да одморите, за да можете утре да продолжите со работа. Денеска се „скршивте" од работа, работната температура достигна до точка на согорување – но, сепак, се чувствувате како ништо да не сте завршиле.

 

 

И така ден за ден, пред екраните на компјутерот. Малку на работа, малку дома. Одвреме-навреме гледате по некој член од семејството, а уште поретко, по некој мил пријател. Се сеќавате на времињата кога имавте многу пријатели, кога излегувавте и се дружевте. Кога летувавте и зимувавте. Кога уживавте во продолжените викенди. Сега, се дружите само со техниката – компјутери, таблет-уреди, паметни телефони... и со по некое УСБ-стикче. Мало, но избрано друштво.

Но, добро, мора така да биде, така и треба. Сепак вие сте еден и единствен што може сè да направи. Вие сте капацитет, потенцијал и октопод. Вие сте незаменлив – насекаде сте и сè постигнувате. Всушност, вистината е сосема спротивна – ве нема никаде и не стигнувате со ништо.

Сигурно вие знаете сè најдобро, но дајте им можност и на другите да станат најдобри. Делегирајте великодушно, нека работат луѓето, нека учат, нека грешат.

Што е тоа што тргнало на лошо? – Вие. Само вие. Добро е да се има ставот можам сè – позитивен, енергичен и модерен. Но, не е во ред тој став да ве исцрпи. Добро е што имате амбиција и работен елан, но не е добро да бидете „девојка или момче за сè" (да бидеме политички коректни).

Дај ми мене, јас можам подобро, можам побрзо. Тоа не ми е проблем. Имам време, ќе те сослушам. Ќе го решам тоа... Јас, јас и јас. Но, не тоа себичното, со кое се негува култот на сопствената личност, туку во смисла нека, јас ќе го направам тоа, бидејќи можам и сакам, а и побргу ќе завршам работа. И само трупате и натрупувате, а купот се зголемува. Некогаш тоа било мало ритче, кое сега пораснало во огромна планина.

Што да се прави? Да побегнете или да продолжите да се борите? Да останете и да настрадате? Останете и планирајте. Останете и управувајте со вашето време. Останете и управувајте со вашата работа. Останете и управувајте со вашиот живот.

Сè е оператива, но оперативата не е сè. Ако сите работиме само како на лента, никој не би размислувал како да ја направи лентата побрза и попрофитабилна.

Прво – планирајте. Во нотес, бележник, на некоја од безбројните апликации што се достапни на сите ваши омилени уреди. Кога планирате, не правете листа на желби, свои и туѓи, туку направете листа на приоритети. Што треба да се направи денес, а што може да почека за утре (да, има и утре). Што има смисла и цел, а што нема. Зошто да работите нешто залудно, ако тоа нема ефект на работата и на вас? Кој проблем најпрвин да се реши? Тој што би можел да направи најголема штета или кој било, само нешто да се случува? И да не се занесуваме – нема секогаш да биде така како што сме испланирале. Но, поголемиот дел ќе биде. Колку што испланираното е подобро, толку и вам ќе ви биде подобро. И на сите околу вас. Иако досега можеби и не изгледало така, обидете се и ќе видите што ќе се случи. Барем од љубопитство. Планирајте за да ви се случи непланираното!

Второ – кажете „не". Не сакам. Не можам. Не сега. Не тоа. Нема шанси. Не доаѓа предвид. Мантрајте го тоа, сè додека не се слушнете како гласно го изговарате. На тој што уште од врата веднаш ви кажува: Ти тоа најдобро ќе го сработиш. Кажете му „не" и на тој што третпат ви се јавува да ви продаде нешто што не ви е потребно. А вам ви е жал да го одбиете и го слушате, слушате... И на тој што по десетти пат ви доаѓа со истиот проблем, надевајќи се дека вие ќе му го решите (а, досега би можел петпати да го реши и да има три нови проблеми). Сите тие пијавици што ви ги шмукаат времето и енергијата, на вашето прво „не" ќе реагираат драматично. Некои дури и ќе ви се налутат. Нека се лутат, ќе им помине. Бидете истрајни. Верувале или не, голем е бројот на забележани случаи, во кои луѓето рекле „не" и останале живи.

Трето – делегирајте. Народски кажано, слободно дајте му на помладиот колега нешто да направи. Нема светот да пропадне. И да пропадне – ќе изградиме нов. Сигурно вие знаете сè најдобро, но дајте им можност и на другите да станат најдобри. Делегирајте великодушно, нека работат луѓето, нека учат, нека грешат. Нема ништо да се случи ако погрешат, сè може да се поправи. И не сте утнале нешто ако делегираната работа не се заврши. Тоа не е вашиот личен пораз. Не драматизирајте, исчистете го нередот околу себе и извлечете жива глава.

Четврто – бидете љубоморни на своето време. Не дозволувајте никому да ви го украде, наруши или потроши времето. Да го удави во бесмислата. Тоа е ваше, сопствено време – не трошете го залудно. Во тоа време, имате право да бидете најдобри и за себе и за другите. А, ќе се израдуваат и тие милите луѓе од почетокот на приказнава, кога ќе видат дека не седите пред компјутерот во некоја глува доба, туку спиете, како целиот нормален свет.

Петто – оддадете се на неработа и на јавашлак. Бидејќи тоа е следниот логичен чекор. Ако сте ги направиле сите четири претходни чекори, тогаш не ви преостанува ништо друго, освен да бидете неработник. Да не работите ништо. Но, тоа не е решението. Ќе работите и ќе продолжите да работите – квалитетно, контролирано, мирно и креативно. Ќе создадете нова вредност за себе и за својот тим. Нова вредност за својата работа и за својот живот. Ќе ја сфатите смислата и ќе ја споделите. Кога еднаш ќе ја промените перспективата, ќе го промените и мислењето.

Илустрација со едноставен пример: ако по цел ден ги преместувате документите со раце од лево кон десно и обратно, нема да имате време да размислите за начинот како тоа да биде полесно и побрзо. Ако преместувањето на хартиите го делегирате некому, а тоа време го искористите да размислите како ќе го забрзате и поедноставите тој процес, да истражите дали некој друг тоа го прави поинаку и да поразговарате како тој процес може да се подобри – веројатно во тоа и ќе успеете. Во првиот случај, сте дозволите оперативата да ве изеде. Во вториот, накратко сте ја препуштиле оперативата некому, за да ја поедноставите и за себе и за другиот.

Сè е оператива, но оперативата не е сè. Ако сите работиме само како на лента, никој не би размислувал како да ја направи лентата побрза и попрофитабилна. Ако не постоеле луѓето што размислуваат, сè уште би седеле во пештерите и би размислувале како да се загрееме во студените ноќи.

Едноставно, зарем не? Само уште да се изборите со самите себеси.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...