Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Знам како ти е

27 Dec 2023

Клучно е да не реагирате секогаш остро и на прва. Така си правите штета најмногу на себе, а потоа на луѓето околу вас. Бидете емпатични кон другите, секој има некоја битка што ја води или товар што го носи за кој не знаете ништо.

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba

Навистина, дали знаете? Знаете ли како им е на луѓето околу вас? Знаат ли тие како ви е вам? Се разбирате ли меѓусебно? Или е како во песната на Чолиќ: „Знам јас која си ти, знам од каде си, а не знам што си чекала досега.“

Во реалниот бизнис, тие стихови би оделе вака: „Не знам што беше, до вчера изгледаше како да е сѐ ок.“

Најверојатно е така, но тоа е само површина. А што се случува под површината? Ако не знаете, тогаш не сте разговарале, не сте слушале и не сте се грижеле. Доколку знаете, а сте игнорирале, тогаш оптимизмот ви удрил в глава и дефинитивно не сте го разбрале тоа што ви го кажувале.

Како да се разбере? Како навистина да се разбере? Толку многу прашања, а одговорот е само еден, емоционална интелигенција.

Емоционалната интелигенција по дефиниција е способност за разбирање и управување со туѓите емоции за да можеме успешно и позитивно да ги надминеме предизвиците, да управуваме со конфликтите, да се справиме со стресот, ефективно да комуницираме и да изградиме емпатија кон другите.

 Да преведам, тоа е она кога на некој трипати сте му објасниле и четвртиот пат доаѓа со истата грешка, а му одолевате на нагонот да му се дерете, да пцуете и да му ја откинете главата, туку убаво седнувате и повторно му објаснувате со целосно разбирање за неговиот недостиг на желба да го направи тоа како што треба. Или, кога некој ви кажува дека му е тешко, наместо да му кажете „ќе помине“ или „на сите им е тешко“, малку се задлабочувате во темата и низ разговор утврдувате зошто му е тешко. Тогаш можете да ја поправите кривата перцепција или да го решите проблемот за кој не сте знаеле дека го имате. Но, го решавате.

Како да бидете емоционално интелигентни, а да не поминувате денови читајќи мотивациони цитати, да вежбате јога и да пиете смути од целер?

 Прво и основно, веројатно и најтешко - гледајте се реално себеси. Кога реагирате бурно, за што, зошто? Што ве предизвикува? Или сте премногу фини и се чувствувате како некој да ве гази? Зошто е тоа така? Кога добивате панични напади? За што? Какви се луѓето во вашето опкружување? Какви се вашите односи со нив? Кого го сметате за пријател? Со кого сакате да го поминувате времето? Зошто?

Овие се речиси филозофски размислувања, но навистина треба да размислите за себе. Како се однесувате во одредени ситуации, како реагирате на стрес, како се однесувате во конфликт... има многу прашања кои морате да си ги поставите за да дојдете до одговори. Некои од нив ќе ви се допаднат, некои не, некои ќе ве изненадат или не, сето тоа е сосема ок и е дел од процесот. Важно е да се освестите. На патот кон самооткривањето добро е да се разговара и со другите. Но, да бидете отворени за сѐ што можете да слушнете. Важно е и како другите ве гледаат вас. И, секако, дел може да се однесува на нивната перцепција, но добар дел е она што вие навистина сте и како се однесувате кон нив. Кога ќе поминете низ целиот тој процес, ќе ги добиете одговорите на прашањата. Кога ќе ги имате одговорите, тогаш ќе знаете во кој правец треба да се движите.

 Другиот чекор е да научите да управувате со своите емоции. Научете што ве предизвикува. Што ви предизвикува негативна реакција? Какви однесувања, какви луѓе, какви ситуации? Читајте, разговарајте со некој што знае, истражувајте, има безброј алатки кои ќе ви помогнат.

Да претпоставиме, добивате е-порака која буквално ве вади од чевлите. Низ вашите уши излегува пареа и налутено кликнувате на Reply и почнувате да го пишувате вашиот лут одговор. Стоп. Кога ќе добиете е-порака што многу ќе ве налути, не одговарајте веднаш. Лути сте, замаглен ви е разумот и не сте ориентирани кон решение. Излезете и прошетајте. Напијте се вода. Напијте се кафе. Гледајте фотографии од егзотични плажи, што и да е само да ви помине тој прв удар од налетот на бесот.

Кога ќе почувствувате дека сте се смириле, тогаш прочитајте ја одново, утврдете што е проблемот и напишете го вашиот одговор. Доколку при повторното читање или пишување пак се изнервирате, застанете. Тргнете се и оладете ја главата. Или доколку ви дојде оној што пред малку го споменавме, по четврти пат со истата грешка, ако навистина не можете да бидете поголем човек и не го претепате, едноставно речете му да дојде малку подоцна. Така ќе добиете време да се смирите и да оладите.

 Клучно е да не реагирате секогаш остро и на прва. Така си правите штета најмногу на себе, а потоа на луѓето околу вас. Бидете емпатични кон другите, секој има некоја битка што ја води или товар што го носи за кој не знаете ништо. Морате да запрете и да се обидете да влезете во чевлите на другиот. Можеби повторно згрешил затоа што на неговото дете му растат заби и не спиел цела ноќ. Да, тоа не е ваш проблем, но покажете сочувство. Ненаспан и загрижен човек кој повторно греши и собрал храброст да дојде кај вас и да го признае тоа, не треба да го докрајчите со врева и навреди. Покажете разбирање и помогнете му. Така се вежба емпатија. Не е лесно, но со вежба се стигнува до совршенство.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...