Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
(Интервју од мартовското издание на InStore)
Како би изгледал светот без пластика? Пластиката се одликува и со одредени заштитни и ефикасни својства за продолжување на животниот век на храната и намалување на отпадот од храна. Затоа, важно е да не се заборави дека пластиката има и одредени придобивки. Наместо „свет без пластика“, подобра би била формулацијата „свет без пластичен отпад“, кој најчесто го сочинува пластиката за еднократна употреба.
Во Европската Унија до 2021 година ќе биде забранет пластичен прибор – сламки, виљушки и ножеви, како и пластични стапчиња за уши. Земјите почнаа да преземаат и поединечни мерки. Како Македонија се вклопува во целата таа стратегија?
Иновацијата наречена Edistraw
Радовишанецот Мирко Николовски, кој е четврта година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), е креатор на Edistraw – биоразградливи сламки што се јадат. Тој е еден од тројцата победници на натпреварот за социјално претприемништво (SIA, Social Impact Award 2019). Со него поразговаравме за идејата, развојот, реализацијата и за следните планови на овој иновативен бренд, единствен на македонскиот пазар.
Производството на сламки што се јадат е прво искуство за Мирко во сегментот производство на храна. Уште како средношколец, кога почнав да водам грижа за исхраната, почнав сам да готвам. Тогаш се појави и мојата љубов кон храната. Кога дојдов да студирам во Скопје, требаше да изберам дали да се хранам нездраво или да готвам. Го избрав второто, раскажува тој.
Моментално во земјава нема конкуренција, а нема ниту кај соседите. Најблиску што знам е дека прават во Германија и во Швајцарија. Прават и во Грузија, но на друг начин...
За разлика од производството на храна, Мирко зачекорил во светот на претприемништвото една година претходно, кога со еден колега од факултет работеле на веб-страницата GetOut, е-пазар наменет за кафулиња и за ресторани. Соработувавме со тим од Швајцарија. Момците се на магистерски студии по бизнис-администрација и од нив научивме многу за претприемништвото. Сè уште функционира таа бизнис-идеја, колегата сам ја развива.
Мирко решава да тргне во друг правец и на почетокот од годинава ја основа фирмата „Едиблс“ (Edibles), која ги произведува сламките Edistraw.
На сите им е чудно како сум дошол до идејата затоа што сум програмер. Првичната идеја ми беше да правам лажички, а се роди сосема спонтано. Видов објава од еден Индиец, кој прави лажички, но премногу тврди за да се јадат. Од некои рецепти што ги знаев претходно, се обидов да направам лажички што се доволно тврди да не се кршат, но и доволно меки за да се јадат, раскажува Мирко. По кратко истражување сфатил дека кај нас многу не се користи пластичен прибор за јадење, за разлика од сламките. Освен тоа, приборот може да се рециклира, а сламките не се рециклираат поради нивната форма и големина. Едноставно, машината за рециклирање не ги фаќа, многу мал дел од нив се рециклираат. И дефинитивно се многу поголем проблем. Според некои бројки, во Македонија се претпоставува дека се трошат околу 500.000 сламки дневно, а таа пластика е најнепотребна и најбесмислена.
Идејата на Мирко и законот на ЕУ за укинување на пластиката за еднократна употреба се појавиле во ист период. Не бев толку решен да правам сламки додека не прочитав за законот. Си помислив: тоа е сериозна работа. Дури мислам дека акцентот најмногу е на сламките затоа што тие најлесно може да се укинат – дали ќе бидат хартиени, ќе се јадат или некој друг вид...
Потоа следува патот до реализација на идејата кој, според нашиот соговорник, никогаш не е едноставен во светот на претприемништвото. Откако еден период останал малку послободен од ангажманот околу GetOut и од испитите на факултет, почнал интензивно да размислува како да ги направи сламките. Гледал машини во странство и експериментирал на различни начини, кои од денешна гледна точка му се чинат нелогични... Размислувал како да ги направи сламките на подобар начин и досега сменил 3-4 начини на правење, неколку различни калапи и повеќе од 200 варијации на рецепти. Многу начини на производство, многу изгорени прсти...
Edistraw на SIA
Мирко ги презентирал сламките на SIA, но тогаш тие не биле направени на истиот начин како што ги прави денес. Тогаш уште не бев сигурен дали ќе можам да ги доведам до ниво на економска исплатливост, затоа што можев да направам одвај 20-30 сламки на час. На натпреварот добив парична награда, по што се чувствував малку послободен да нарачам материјали и машини. Купив машина, со татко ми успеавме да ја приспособиме и кога почнав да ги правам сламките на овој начин, почнав да правам и поголеми количества, вели тој.
Една од најголемите придобивки од SIA, според Мирко, е поддршката од поискусни луѓе, од кои може многу да се научи. Фактот што си дел од тој натпревар значи дека ако утре бараш помош од некого, можеш слободно да истакнеш дека си бил дел од SIA. Во жири имаше професори и бизнисмени, кои кажаа дека мојата идеја вреди. Ја добив потврдата што ми беше потребна.
Освен паричните награди, трите победнички тима добиле и патување во Киев, каде што се сретнале со други млади претприемачи од 16 европски земји. Во тимот на Edistraw е и сестра ми Марија. Двајцата бевме во Киев и тоа искуство ни беше едно од најдобрите во животот. Се запознавме со луѓе со слични идеи и размислувања, споделувавме искуства како функционираат различни идеи во различни држави... Интересно е да слушнеш дека функционира нешто за кое претходно си мислел дека е невозможно, истакнува Мирко.
Единствени на пазарот
Следниот чекор бил производството. Edistraw се произведуваат во Радовиш, а Мирко ни откри и дел од процесот: Смесата за сламките се става во приспособената машина, која ги обликува. Потоа се печат и одреден период стојат на отворено, па се пакуваат. За смесата се користат природни состојки – три вида брашно, шеќер и вода, а зачините се тајна.
Освен од Марија, која е задолжена за социјалните медиуми и за други секојдневни обврски, Мирко има и голема помош од родителите – татко му му помага околу машинските работи, а од мајка му добива драгоцени домаќински совети.
Во моментов „Едиблс“ е единствената фирма во Македонија што произведува сламки што се јадат. Моментално во земјава нема конкуренција, а нема ниту кај соседите. Најблиску што знам е дека прават во Германија и во Швајцарија. Прават и во Грузија, но на друг начин – имаат традиционален рецепт и идејата ја имаат украдено оттаму. Други производители во Европа не знам дали постојат.
Следно за што размислува Мирко се лажички, кои во кафулињата се послужуваат со кафе. Кај луѓето има и интерес за чаши што се јадат, но тие би биле малку поскапи. За лажичиња дефинитивно ќе пробам, а чашите стојат како опција.
Сламките Edistraw се достапни во два вкуса – бисквит и чоколадо и во две димензии – 12 и 20 см. Мирко ни кажа дека развива и други вкусови, па наскоро би можеле да очекуваме еден или два нови.
Рокот на траење им е 6 месеци, а во пијалак издржуваат околу 1 час. Според првичниот фидбек од тие што ги пробале, вкусот е одличен, единствено потребно е и двете димензии да бидат по 1-2 см подолги. Освен тоа, луѓето бараат и пошироки сламки за смутија, па следната инвестиција би била во нова машина за овој вид сламки.
Засега сламките може да се нарачаат преку фејсбук и инстаграм-профилот на Edistraw, а доставата за Скопје е бесплатна и се одвива со електричен тротинет. Дистрибуцијата е сопствена, но во тек се преговорите со фирма од Штип за достава на територијата на Источна Македонија. Првично сламките ќе бидат наменети за хорека-секторот, а по набавката на нова машина за пакување во план е и проширување во малопродажбата.
Edistraw се спакувани во еколошко пакување затоа што, како што вели Мирко, иронично е биоразградливи сламки да се продаваат во пластично пакување. Единствено налепниците имаат малку пластика, но наскоро и тие ќе бидат хартиени.
За маркетинг се користат исклучиво социјалните мрежи. Како информатичар, сметам дека тоа е најдобриот маркетинг – најекономичен и таргетиран. Мислам дека и во иднина ќе форсираме маркетинг на социјалните мрежи.
Планови, планови...
Како една од најзначајните досегашни одлуки Мирко ја истакна одлуката да учествува на SIA, но и моментот кога одлучил да отстапи од стариот начин на правење на сламките и да бара алтернатива. И, секако, плановите се насочени кон странските пазари: За следната година планирам да почнам преговори со земјите во регионот, а за подалечна иднина – дефинитивно планот е извоз во повеќе држави, заклучува тој.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.