Постојат различни приказни поврзани со потеклото на баклавата. Некои гастрономски историчари и експерти сметаат дека таа е по потекло од Ерменија, други веруваат дека е од Арабија, Месопотамија, Грција или од Турција. И покрај турско-ориенталното потекло, баклавата е длабоко навлезена во порите на македонската гастрономија. Нашите баби и прабаби правеле баклава уште од којзнае кога... Иако секој крај од Македонија има свој специфичен традиционален рецепт за баклава, се чини дека струмичката е различна од сите. Навидум едноставна, но со единствен и богат вкус.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Традиционалните колачи на современа трпеза
Александар Гоцев и Стојан Топалов се сопственици на семејната фирма „Васил слат“, која се наоѓа во струмичкото село Вељуса. Во компанијата се произведуваат домашни традиционални колачи, односно како што истакнуваат двајцата наши соговорници, посветени се на производство на исклучително квалитетни продукти со почит кон традицијата. На почетокот од разговорот се навраќаме во 1994, годината на основањето на „Васил-слат“.
Приказната почнува некаде во 1994 година, кога беше отворена малата работилница за производство на рачни домашни кори за пита и баклава. Идејата беше поттикната од нашите родители, кои домашните вештини во приготвувањето на традиционалните македонски рецепти решиле да ги преточат во мал семеен бизнис. На почетокот бевме присутни само на пазарите во Струмичкиот Регион, а подоцна, постепено прераснавме во мала компанија за производство на домашни традиционални колачи и почнавме да ги освојуваме домашните синџири маркети, но и странските, раскажува Александар.
На почетоците еден од најголемите предизвици бил да се постигне константен квалитет на производите. „Васил слат“ си поставил цел да испорачува квалитет што ќе опстои низ годините и верувал дека тоа е предуслов за успех. Тогашната состојба на пазарот беше на некој начин поповолна, во смисла на конкурентноста. Ние бевме меѓу првите што ги понудивме овие традиционални производи на пазарот. Побарувачката беше значително поголема, без наше големо залагање и организирање на маркетинг-стратегии и активности. Единствено проблем беше што бевме ограничени во капацитетот на производство, вели Стојан.
Рецептите што со години ги приготвувавме и за кои сме уверени дека се уникатни за нашето поднебје решивме да ги пренесеме на современата трпеза. Тоа беше голем предизвик.
Погонот за производство се наоѓа во селото Вељуса, на само 7 километри од Струмица. Некогашната мала работилница од 12 м2 со текот низ годините прераснува во современ погон за производство, уреден според ХАСАП-стандарди, на површина од околу 300 м2. Александар и Стојан откриваат дека поради зголемената побарувачка и новите пазари, во план е и проширување на погонот.
Главните производи на „Васил слат“, односно првите што почнале да ги произведуваат се корите за пита, познати како вељушки кори, и традиционалната баклава. Подоцна портфолиото се збогатило и со други видови баклава: старска традиционална, чоколадна, баклава со вишна, со кикиритки, ролована или народски позната како грклан-баклава. Во последните години ги додадовме и традиционалните колачи, како што се пиварките, гурабиите со бадем и кикиритки, какао-колачињата или ежовки и ванилиците. Со овие производи направивме голем чекор напред, истакнуваат Александар и Стојан.
Главниот мотив за воведувањето на традиционалните колачи во 2016 година бил да се пренесат долгогодишните рецепти на трпезата на денешните консументи: Рецептите што со години ги приготвувавме и за кои сме уверени дека се уникатни за нашето поднебје решивме да ги пренесеме на современата трпеза. Тоа беше голем предизвик. Решивме да ги усовршиме изгледот и квалитетот на тие производи за да му ги понудиме на современиот консумент уникатните рецепти што денес сè помалку има можност да ги вкуси, истакнува Александар.
Според него, секој производ си го нашол своето место на пазарот и не би можел да издвои кој му е фаворит. Сепак, ако веќе треба да избере, тоа би биле гурабијата со бадем како премиум производ и пиварките, кои имаат огромен потенцијал за понатамошно развивање и усовршување.
На почетокот целото производство на „Васил слат“ било рачно, но со развојот и инвестициите голем дел од производството е автоматизирано за да се достигне поголем капацитет и квалитет на производите. Најпрвин во работата биле вклучени родителите и уште двајца вработени, вкупно четворица. Денес компанијата има вкупно 10 вработени, иако имало периоди кога биле 16. Набавката на автоматски машини значително го зголеми производството, но го намали и бројот на вработените.
„Васил слат“ се снабдува со суровини за работа главно од земјава. Дел од суровините се увезуваат од соседна Бугарија, а главната суровина – брашното се увезува од Србија.
Традиционалните колачи на полица
Производите на „Васил слат“ се присутни во супермаркетите од 2007 година. Најпрвин се пробивме во локалните маркети во Струмица, како што се „Црвена ружа“, „Мега“, „Здравец“ и во други помали продавници. Една од првите официјални соработки со поголемите маркети беше со „Кит-Го“, со кој и ден-денес соработуваме и соработката ја проширивме и на повисоко ниво, вели Стојан и додава дека денес се присутни во сите поголеми трговски синџири во земјава („Кам“, „Стокомак“, „Веро“, „Тера“, „Футура“, „Метро“, „Дијана“) и во други помали маркети низ земјава. Притоа, дистрибуцијата е сопствена и целосно ја покрива територијата на Македонија.
Конкуренција, како и во секој сектор, постои, но двајцата наши соговорници како главна предност на „Васил слат“ ги издвојуваат квалитетот и безбедноста на производите, како и услугата, која е секогаш навремена и беспрекорна.
Веќе имаме разработено неколку производи кои планираме да ги пласираме на пазарот уште во првиот квартал од 2020 година. Ќе го зголемиме асортиманот со тулумби, бомбици и со уште два традиционални десерти од нашето поднебје.
Изгледот на пакувањата на домашните колачи претрпел големи промени низ годините. Паралелно со инвестициите во технологијата, континуирано вложуваме и во развој на дизајнот и пакувањето на производот. Вложивме многу време и инвестиции и ќе продолжиме уште повеќе да го подобруваме изгледот на нашите производи бидејќи сметаме дека значително му додаваме вредност на производот, го правиме рентабилен и попривлечен ако добро го спакуваме и дизајнираме, вели Александар.
Од маркетинг-активности, „Васил слат“ спроведува различни промоции, дегустации, нуди производи на акција, застапен е со реклама по радијата, а е присутен и на социјалните медиуми. Освен тоа, честопати ги посетува и саемите за храна надвор од земјава.
Во 2016 година бил остварен и првиот извоз на традиционалните домашни колачи. Најпрвин пуштивме производи на косовскиот пазар, а потоа и во Германија и во САД. Во тек се преговорите за извоз во Шведска и во Австралија, па се надеваме дека наскоро и тоа ќе се реализира. Токму светските саеми на храна ни отвораат нови соработки со повеќе земји низ светот, истакнува Стојан.
Пред крајот на разговорот прашавме кој е следниот производ што би можеле да го очекуваме. Веќе имаме разработено неколку производи, кои планираме да ги пласираме на пазарот уште во првиот квартал од 2020 година. Ќе го зголемиме асортиманот со тулумби, бомбици и со уште два традиционални десерти од нашето поднебје, откриваат двајцата.
Според нив, најзначајната одлука што ја донеле досега во работењето е воведувањето и развојот на повеќе традиционални колачи, етапа која трае од 2016 година до денес. Оттогаш континуирано растеме и се прошируваме – тој момент беше пресвртница во нашата компанија.
Претстојната 2020 година е веќе целосно исполнета со планирани активности на повеќе полиња, од кои, како што истакнуваат нашите соговорници, најзначајни се изградбата на уште еден погон за производство и воведувањето на новите производи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.